Македонија и во второто тримесечје од годинава продолжува да губи жители по природен пат. Од април до јуни се родиле 3.684 деца, но во истиот период починале 4.689 лица. Разликата е негативна – за три месеци бројот на умрените бил за 1.005 поголем од бројот на живородените.
И во овој период, како и во годините наназад, податоците на Државниот завод за статистика упатуваат на истиот упорен тренд – бројот на раѓањата се намалува. Во истиот квартал лани биле регистрирани 3.796 живородени деца, што значи дека годинава се родиле 112 деца помалку. Или, бројот на раѓања паднал за 3 проценти.
Кај смртноста има мало намалување, но недоволно за да ја промени сликата. Во второто тримесечје лани починале 4.715 лица, а годинава 4.689, односно 26 лица или 0,6 проценти помалку. Меѓу починатите се и 10 доенчиња. Тоа е речиси половина од бројот регистриран во истиот период лани – 18.
Така, природниот прираст годинава е уште понегативен. Лани, во второто тримесечје, разликата меѓу бројот на родените и умрените била -919 лица, а годинава се продлабочила на -1.005 лица.
Демографската слика не е поволна ниту кај браковите. Во периодот април-јуни биле склучени 2.732 брака, што е 2,2 проценти помалку од истиот период лани, кога биле регистрирани 2.793 венчавки.
Кај разводите, пак, бројките се движат во спротивна насока – односно има значително помалку разведени бракови. Во второто тримесечје годинава се регистрирани 406 разводи, наспроти 583 во истиот период лани. Тоа е 177 разводи помалку, односно пад од 30,36 проценти.
Новите генерации не го надополнуваат бројот на оние што умираат. А, кога на природниот пад ќе се додадат и иселувањето и другите миграциски движења, демографската равенка станува уште понеповолна.
Аналитика








