Активното население расте и бројот на вработени е поголем, а невработеноста се намалува во второто тримесечје од годинава. Но, се зголемува и ангажманот на лица во неформалниот сектор, движење кое статистиката го гледа во контекст на сезонската рамка.
Според податоците од Државниот завод за статистика за вториот квартал, активното население во државата броело 798.718 лица. За 0,8 насто повеќе во споредба со истиот лански период. Бројната состојба на вработените достигнал 708.698 лица, со годишен раст од 1 насто, а невработеноста опаднала за 1,5 отсто. Во потрага по работно место се 90.020 лица.
Оттаму, стапката на активност изнесува 52,5 насто, стапката на вработеност 46,6 насто, а стапката на невработеност е 11,3 насто.
За разлика од скромното, приземно ниво на овие движења, поголем е растот во сивата зона. Или, во второто тримесечје неформално биле вработени 101.022 лица. Тоа е за 7,2 насто повеќе отколку во првите три месеци од годинава. Со други зборови, додека официјалната статистика бележи раст на вработеноста и пад на невработеноста, сезоната донела и значително зголемување на работата што не е опфатена со формалните работни односи.
Најголемиот дел од неформално вработените се лоцираат во земјоделството, шумарството и рибарството. Во оваа дејност се евидентирани 51.487 лица, што е 51 отсто од вкупната неформална работна сила. Или, речиси секој втор човек што не е регуларно пријавен и прима плата на рака, е дел од овој сектор.
Уште 17,2 отсто од неформално вработените се во градежништвото. Токму овие две дејности имаат силно сезонско влијание, па нивниот раст во пролетните и летните месеци значително ја менува сликата од едно до друго тримесечје.
Тоа значи дека речиси секој втор неформално вработен работи во земјоделството, шумарството или рибарството, а кога ќе се додаде градежништвото, концентрацијата станува уште поголема.
Мажите и понатаму доминираат на пазарот на трудот. Од вкупно 708.698 вработени, 409.002 се мажи, а 299.696 жени. Машко-женскиот процентуален сооднос кај вработеноста е 57,7 : 42,3.
Разликата е поизразена кога се гледа активноста. Од вкупно 798.718 активни лица, 466.287 се мажи, а 332.431 е жени. Стапката на активност кај мажите е 62,4 насто, а кај жените е 43 насто. Кај популацијата од 15 до 64 години јазот е голем – активноста кај мажите е 77,8 насто, а кај жените 56 насто.
Невработеноста, пак, изнесува 12,3 насто кај мажите, наспроти 9,8 насто кај жените.
Младите и нивниот ангажман и натаму се најголем предизвик на пазарот на трудот. Стапката на невработеност кај лицата од 15 до 29 години е 24 насто. Повеќе од двојно над вкупната стапка на невработеност.
Аналитика








