ПОВЕЌЕ

    ПОСТРОГА КОНТРОЛА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ – За првпат национален испит за внатрешни ревизори

    Време зa читање: 2 минути

    Јавниот сектор добива нов филтер за професионалност и контрола. За првпат во Македонија ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со што се воведува и национална сертификација на кадарот задолжен да го следи законското, одговорното и транспарентното работење на институциите.

    Испитот ќе го организира Министерството за финансии, а целта е дополнително да се зајакне системот на внатрешна финансиска контрола и да се подигне професионалното ниво на единиците за внатрешна ревизија во јавниот сектор.

    Со воспоставувањето на националната сертификација, Министерството очекува да се создадат услови за поголема стручност, поефикасна контрола и поголема одговорност во институциите. Од таму посочуваат дека мерката е дел и од пошироките активности за зајакнување на механизмите за спречување корупција и за обезбедување законско управување со јавните средства.

    Новиот систем е важен и во контекст на европските интеграции. Организирањето на испитот претставува чекор кон исполнување на препораките на Европската Унија во рамки на Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а воедно е поврзано и со обврските од Реформската агенда во оваа област.

    Материјалите за подготовка, како и прашањата за испитот, веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии. Тие се изработени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Централната единица за хармонизација при Министерството.

    Од Министерството најавуваат дека во наредниот период дополнително ќе ја информираат јавноста за роковите и следните чекори поврзани со организирањето и спроведувањето на првиот национален испит за овластени внатрешни ревизори во јавниот сектор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично