Во Германија денес почнува судењето на поранешен офицер на украинската армија поради подводните експлозии што ги оштетија гасоводите „Северен тек“ (Nord Stream), кои ги поврзуваат Русија и Германија. Инцидентот, што се случи пред четири години, се смета за еден од најголемите акти на саботажа во Европа по Втората светска војна, објави АП.
Според обвинителите, осомничениот се соочува со обвиненија за предизвикување експлозија, оштетување имот, попречување на јавни услуги и „соучесништво во воени злосторства“ преку напад врз цивилна инфраструктура.
Согласно германските правила за заштита на приватноста, осомничениот пред судот ќе биде именуван само како Серхиј К., иако во постапката за екстрадиција во Италија јавно беше идентификуван како Серхиј Кузњецов.
Иако меѓународните набљудувачи првично ја обвинија Москва, истражителите сè повеќе ги разгледуваат индициите дека во инцидентот можеби биле вклучени украински државни безбедносни служби – и покрај тоа што Украина ја смета Германија за еден од своите најблиски сојузници.
Судењето на осомничениот, за кого се верува дека бил главниот организатор на нападот, се одржува под строги безбедносни мерки во Вишиот регионален суд во Хамбург.
Според обвинението, обвинетиот наводно учествувал во предизвикувањето на експлозиите од 26 септември 2022 година, со кои беа оштетени гасоводите изградени за транспорт на руски природен гас до Германија преку Балтичкото Море.
Во тоа време, европските земји преземаа чекори за намалување на зависноста од руските енергенси, по целосната инвазија на Украина од страна на Кремљ во февруари 2022 година.
Обвинителите наведуваат дека целта на заговорот била трајно да се прекинат испораките на гас и да се спречи Русија да ги користи приходите за финансирање на своите воени операции.
Обвинетиот и други лица наводно користеле јахта што испловила од германското пристаниште Росток. Таа била изнајмена од германска компанија со користење фалсификувани лични документи и со помош на посредници.
Експлозиите го оштетија гасоводот „Северен тек 1“, кој беше главната рута за снабдување на Германија со руски природен гас сè додека Москва не ги прекина испораките во август 2022 година. Исто така, беше оштетен и „Северен тек 2“, кој никогаш не беше пуштен во употреба бидејќи Германија го суспендираше процесот на негова сертификација непосредно пред руската инвазија на Украина. Осомничениот наводно организирал и извршил детонација на најмалку четири бомби, со тежина меѓу 14 и 27 килограми, на длабочина од 70 до 80 метри во близина на данскиот остров Борнхолм.
Тој бил приведен во 2025 година во едно италијанско село, каде што полицијата извршила рација во бунгалов во кој престојувал со своето семејство. Полицијата соопшти дека тој се предал без отпор. Во ноември бил екстрадиран во Германија.
Втор осомничен бил уапсен врз основа на европски налог за апсење во август, во хрватскиот град Пула. Тој поднел барање за азил во Хрватска за да се спротивстави на екстрадицијата во Германија.
Гасоводите долго време беа цел на критики од страна на САД и некои од нивните сојузници, кои предупредуваа дека тие ја зголемуваат зависноста од руски гас.
Русија тврди дека американските и британските разузнавачки служби биле вклучени во организирањето на експлозиите, а исто така ја обвини НАТО за вмешаност во нападот, додека неколку западни земји првично ја обвинија Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата дека неговата земја била вмешана во експлозиите на гасоводите.
Германската влада досега се воздржуваше од коментари за претстојното судење, истакнувајќи дека сè уште не е донесена пресуда и дека случајот е во рацете на независното судство.
Досега се закажани 16 судски рочишта во периодот до 17 декември. Планирани се и дополнителни термини за јануари и февруари 2027 година. Сè уште не се знае кога ќе биде објавена пресудата.
(Фото: Северен тек 1 и 2, FactsWithoutBias1)
Аналитика








