ПОВЕЌЕ

    Препознавање на процесот на перење пари

    Време зa читање: 4 минути

    Дефиницијата за перењето на пари се развивала постепено, од тесните врски со производството и продажбата на дрога до широк опсег на казниви дела кои неопходно му претходат. Ако се навратиме на самата срж на перењето пари, а тоа е прикривањето на незаконските извори на приходи и обидите за нивно легализирање, сосем јасна е улогата на законодавството кое треба да се бори против ваквите појави со сите свои средства.
    Поради тоа што процесот на перење пари по правило се одвива во три фази и не ретко се протега на меѓународно ниво, каде учествуваат помали или поголеми групи на луѓе основани ad hoc или за трајно делување, а му претходат различни предикативни казнени дела, сето тоа јасно укажува на сложеноста на процесот. И покрај фактот што дефиницијата на процесот на перење пари неизбежно се развива, во најраната литература како и во модерните размислувања се појавуваат истите основни елементи: прикривање на незаконски извори на пари и напори за нивна легализација.

    Во тој поглед се цитираат некои размислувања за структурата и поимот на перењето пари, а преку кои можеме да го препознаеме процесот на самиот чин:

    • „Перењето на пари е која било техника која е усмерена кон претворување на нечесно и назаконски стекнати приходи во чесни и легални заработки”
    • „Перењето пари означува активност на собирање на неправедно или незаконски стекнати приходи преку дозволени активности”
    • „Перењето пари можеме најкратко да го дефинираме како претворување на нелегално остварената добивка во привидно легална”
    • „Перењето пари вклучува активности усмерени кон прикривање на имотот стекнат преку криминални активности, кои вклучуваат, депонирање и друго располагање со пари, хартии од вредност, накит и т.н, создавајќи илузија дека ваквите средства се легално стекнати”
    • „Терминот перење пари се однесува на промената на обликот на незаконски стекнитите приходи на начин да изгледа легален, или прикривање на незаконските извори на приходи”

    Од самата дефиниција за поимот перење пари евидентно е дека процесот се одвива на одреден простор, помалку или повеќе комплексен, во домашно или меѓународно опкружување, опфаќајки ги следните наведени фази: пласман, прикривање и интеграција, но можни се некои меѓуфази, со што алтернативните начини на перење пари ја прават структурата на процесот значително покомплексна.

    Поширока дефиниција за перењето пари укажува на комплексноста на самиот процес, а се манифестира во ставот дека перењето пари е процес кој опфаќа одредени постапки со имоти кои произлегуваат од казниви дела, а не мора нужно да бидат вклучени пари. Најчесто се поврзува со економски мотивирани казниви дела. При дефинирањето на процесот на перење пари треба да се размислува сеопфатно, имајќи на ум дека целта на перењето пари е намалување или елиминирање на сите ризици од запленување или конфискација како би била постигната примарната цел (трошење на парите или вложување во понатамошното работење).

    Како посочени географски одредници за спроведување на процесот на перење на пари најчесто се т.н. оф-шор зони. Ваквиот примат го добиле поради тоа што многу често се наоѓаат на прво место според силата на посредните  докази за сомневање во процес на перење пари, со оглед на фрекфенцијата на трансакции и големината на трансферите. Се работи за подрачја кои по дефиниција имаат доста либерално поставена легислативи кои се однесуваат на отворање и функционирање на банките и компаниите, каде даночните стапки се сведени на минимум, или ги нема, и каде банкарската тајна е загарантирана. Главната карактеристика на оф-шор зоните опфаќа влез на стоки или пари, како и основање на неризидентни компании. Анонимноста на финансиските трансакции која последично следува, посебно е погодна за незаконски активности како што се перењето пари, финансирање на тероризмот, даночно затајување и сл. Искористувањето на финансиските поволности на оф-шор зоните имаат и дополнителни негативни последици и врз меѓународниот финансиски систем, но и на самата држава која ги нуди таквите поволности.

    Како што дигитализацијата зазема се поголем замав во секојдневното живеење, се почесто имаме потреба од извршување на одредени плаќања и примање на средства од странство. Притоа, од клучно значење е да го подигнеме нивото на информираност околу процесто на перење на пари и активно да ги следиме инструкциите на деловните банки и препораките на народната банка со цел да избегнеме несвесно приклучување кон одредена мрежа на нелегелни финансиски трансакции.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично