ПОВЕЌЕ

    Македонската возачка дозвола нема „виза“ за Италија

    Време зa читање: 3 минути

    Возачките дозволи издадени во Македонија не минуваат во Италија. Проблем имаат и туристите и македонските државјани кои живеат и работат таму. Првите не можат да изнајмат автомобил, а вторите не можат да ја заменат својата возачка дозвола со италијанска и мора повторно да полагаат. Формално, меѓу двете држави постои договор за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи.

    Македонски туристи кои деновиве пристигнале во Италија биле одбиени од рент-а-кар компании со образложение дека пред неколку месеци добиле насоки да не изнајмуваат автомобили на лица со возачки дозволи кои не се издадени од земја членка на Европската Унија, освен ако не поседуваат и меѓународна возачка дозвола. Како причина им било посочено дека новите македонски возачки дозволи не се наоѓаат во нивниот каталог на примероци за проверка.

    На веб-страницата на Министерството за внатрешни работи и натаму стои дека Македонија има договор со Италија за меѓусебно признавање на возачките дозволи, но и забелешка дека „во моментов во Италијанската Република не е возможна замена на возачки дозволи со Република Северна Македонија, додека возачките со Република Македонија продолжуваат да се заменуваат, се работи на решавање на таа состојба“. Воедно, на страницата сѐ уште е наведено дека на македонските државјани кои привремено престојуваат во Италија не им е потребна меѓународна возачка дозвола, што не се совпаѓа со практиката на дел од рент-а-кар компаниите.

    Македонските граѓани мораа да ги заменат старите возачки дозволи со ознаката „Република Македонија“ најдоцна до 1 јануари 2025 година.

    Проблемот со непризнавањето и неможноста за замена на новите македонски возачки дозволи сериозно ги погодува и нашите иселеници во Италија, бидејќи на дел од нив работното место им зависи од тоа дали поседувааат важечка возачка дозвола.

    Според неофицијални информации, причината не е поврзана со промената на името на државата, туку со техничките измени во новиот образец на македонските возачки дозволи, во кој се воведени дополнителни категории. Поради тоа, италијанската страна побарала склучување нов договор, што значи повторно усогласување на целата административна процедура.

    Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија посочуваат дека финалните усогласувања на новиот договор се во тек. Од македонска страна, како што наведуваат, се исполнети сите неопходни обврски, а сега се очекува конечната согласност од надлежните институции во Италија, по што договорот ќе биде потпишан.

    (Фото: Magnific)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично