Најголемите акционери на „Скопски пазар“ и натаму го зголемуваат сопственичкиот удел. Со стекнување нови количини обични и приоритетни акции, ЗСФ-КОМ и „Современ дом“ заеднички поседуваат 77,64 отсто.
Кај овие две компании се наоѓаат по 38,82 проценти од обичните акции.
Според информацијата споделена со инвеститорската јавност, во текот на изминатиот период и ЗСФ-КОМ и „Современ дом“ купиле по 43 обични акции. Во моментот поседуваат по 27.540 обични акции со право на глас.
Истовремено, го збогатиле и фондот на приоритетни акции, со тоа што „Современ дом“ тука е во предност. Поседува 43,51 процент, а партнерот – девет проценти.
„Акционерот Современ дом АД Прилеп се стекна со дополнителни 77 приоритетни акции и во моментов поседува вкупно 6.365“, пишува во дела од објавата. Исто така се наведува дека „ЗСФ-КОМ ДООЕЛ Скопје се стекна со дополнителни 78 приоритетни акции и во моментов поседува вкупно 1.317“.
По последните трансакции состојбата со сопствеништвото во „Скопски пазар е“:
„Во моментов ЗСФ-КОМ ДООЕЛ Скопје и Современ дом АД Прилеп како акционери кои дејствуваат заеднички поседуваат вкупно 55.080 обични акции со право на глас или 77,64% од вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар АД Скопје и 7.682 приоритетни акции или 52,51% од вкупниот број на приоритетни акции издадени од Скопски пазар АД Скопје“.
„Скопски пазар“, освен што управува со зелените пазари во главниот град, се занимава и со издавање деловен простор, има специјализирани продавници, складиште… Фирмите на Фатмир Етеми и Ацо Дудулоски во 2021 година со здружени сили го презедоа „Скопски пазар“, каде што и двајцата се членови на Надзорниот одбор.
Финансискиот извештај за 2024 година се уште не е објавен, но по трите лански тримесечја, „Скопски пазар“ има добивка од 5,7 милиони евра. Што, пак, е за 193 проценти повее во однос на профитот од 2023 година. Инаку, според последната официјална берзанска дневна листа, акцијата на компанијата има вредност од седум илјади денари.