Ценовните варијации на глобалниот пазар на деривати, кои минатата година беа под влијание и на макроекономските и на геополитичките притисоци, не ја изместија Окта од стабилната позиција што ја има на пазарот – удел од 68 проценти на македонскиот и 32 проценти на косовскиот. Позитивните лански резултати ја потврдија ефективноста на долгорочната стратегија на компанијата и ја зајакнаа довербата на раководството во нејзината имплементација, истакнуваат од претпријатието.
Добивката пред оданочување е зголемена и покрај падот забележан кај приходите и ЕБИТДА, посочуваат од Окта. Изнесува 238 милиони денари или 3,86 милиони евра и е повисока од претходната за 2023, при што се напоменува дека во таа година компанијата платила 50 милиони денари на име данок на солидарност.
Од продажбата во Окта се слеале 44.247 милиони денари (719,5 милиони евра), за разлика од тие 800,6 милиони евра од 2023. Осипувањето, велат, е резултат на пониските остварени продажби на двата пазари. И тоа, само во четвртиот лански квартал биле намалени за 25 проценти.
Намалувањата, пак, кај побарувачката на мазут и кај тендерите за државни резерви, патралелно со зголемената конкуренција од Албанија на косовскиот пазар, се одразиле кај бруто-маржата. За 2024 година изнесувала 1.158 милиони денари (18,8 милиони евра). Меѓутоа, се нагласува, во четвртиот квартал дошло до значително движење, кога бруто-маржата забележала раст од 282 милиони денари во споредба со 36-те милиони денари остварени во тој период од 2023 година. Најмногу, поради флуктуациите на меѓународните цени на горивата.
Намалувањето на ЕБИТДА e од 537 милиони денари во 2023 на 501 милион денари во 2024 година. Падот се припишува на намалените количини на двата пазари во кои компанијата работи и зголемувањето на оперативните трошоци за три проценти.
Во текот на минатата година компанијата, како што велат, согласно своите стратешки приоритети, инвестирала 78 милиони денари во заокружување на процесот на изградбата на сопствена фотоволтаична централа од 12 MW, која почнала да функционира во втората половина од 2024, создавајќи нов прилив на приходи.
Како одраз на довербата во стабилноста и во долгорочната вредност на бизнисот, компанијата лани откупила десет отсто од сопствените акции.
Во рамки на општествено одговорното однесување, лани Окта подари две кровни фотоволтаични централи на основно училиште во Велес и на детска градинка во Гевгелија. Исто така, имаше придонес во подигнувањето на свеста за безбедноста во сообраќајот, при што се донирани фотоволтаични сообраќајни знаци. А, во соработка со Црвениот крст на Скопје од Окта е дадена дополнителна поддршка за училиштата во околината на компанијата, особено во Општина Илинден.
И, како што посочуваат од компанијата – „Здравјето и безбедноста на нашите вработени и клиенти, како и континуираното и непречено снабдување на регионот со горива, остануваат врвни приоритети на раководството на Окта“. Пазарната динамика ќе се следи и натаму, при што проактивно ќе се идентификуваат можности за поттикнување на растот на бизнисот и оперативната ефикасност.