Ретко кога градот Охрид можел да се пофали со успешни компаниски приказни, а тоа да не биде поврзано со туризам и угостителство. Меѓутоа, како и кај многу други градови, така и тука, работите се менуваат и во Охрид веќе може да се забелажат, или се во најава, сериозни индустриски капацитети. Новата енергија на градот, надополнета со неговата убавина, го прави Охрид “светилиште” за најелоквентните човечки капацитети во Македонија. Привлекувањето на стручен кадар со себе ја наметнува и потребата од добро платени работни места, а токму во една од компаниите во топ 10 сегментот рангирани според нето просечна плата се наоѓа лидерот во конкуренција на 8 градови.
Анализата ќе ја правиме согласно расположливите податоци од Бизнисмрежа.мк, кој е наш стратешки партнер во целокупното работење.
Од аспект на финансиските резултати, односно елементот вкупни приходи, може да се изведат следните заклучоци:
- Неприкосновен лидер е германската компанија Костал која во Охрид делува од 2016 година, а само 4 години подоцна нејзините приходи достигнаа ниво од 57 милиони ЕУР. Оваа компанија го има и најбрзиот раст во топ 10 сегментот со 52% годишен пораст на приходи.
- Единствено компанијата НО.МА.МЕТАЛ е на некој начин втора компанија која има над 10 милиони ЕУР приходи, иако тука евидентен е ефектот од корона кризата. Имено, оваа компанија загубила 38% од приходите генерирани во 2019 година.
- 60% од компаниите во топ 10 забележале пад на приходи, а со најсилно темпо се одразил врз работењето на П.Н Метал, каде евидентиран е пад од над 48%.
Назив | Приходи 2020 | Приходи 2019 | Раст% |
---|---|---|---|
КОСТАЛ | 57.617.592 | 37.837.676 | 52,28% |
НО.МА.МЕТАЛ | 11.374.158 | 18.596.291 | -38,84% |
ИНФО-БИРО | 2.156.055 | 2.474.419 | -12,87% |
П.Н МЕТАЛ | 3.192.372 | 6.182.968 | -48,37% |
ВИНАРИЈА ОХРИД | 1.980.387 | 1.837.800 | 7,76% |
ДИЕТРИЦХ-БАУ | 1.714.495 | 3.117.763 | -45,01% |
АРИАЗОНЕ ИНТЕРНАТИОНАЛ ЕУРОПЕ | 1.097.543 | 1.083.668 | 1,28% |
ЕНТЕР | 931.250 | 779.542 | 19,46% |
ФЕДС | 723.560 | 775.576 | -6,71% |
ФРОНТВИСЕ ГРОУП | 362.223 | 529.495 | -31,59% |
Износите се изразени во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Кога станува збор за остварените добивки, ситуацијата и не е баш така розева. Дури 7 од 10 компании оствариле послаб резултат во споредба со 2019 година, а притоа нема компанија која го надминува прагот од 450.000 ЕУР нето добивка.
Назив | Приходи 2020 | Приходи 2019 | Раст% |
---|---|---|---|
НО.МА.МЕТАЛ | 440.658 | 824.468 | -46,55% |
ЕНТЕР | 229.785 | 235.083 | -2,25% |
ДИЕТРИЦХ-БАУ | 199.290 | 250.573 | -20,47% |
ВИНАРИЈА ОХРИД | 174.844 | 28.187 | 520,31% |
ИНФО-БИРО | 173.790 | 212.686 | -18,29% |
АРИАЗОНЕ ИНТЕРНАТИОНАЛ ЕУРОПЕ | 113.017 | 87.938 | 28,52% |
П.Н МЕТАЛ | 57.026 | 384.004 | -85,15% |
ФРОНТВИСЕ ГРОУП | 50.580 | 18.298 | 176,42% |
ФЕДС | (22.917) | 111.281 | -100,00% |
КОСТАЛ | (11.636.248) | (6.763.597) | -72,04% |
Износите се изразени во евра | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Она што е спротивно на економската логика е “трупањето” на загуба кај компанијата Костал, но да не го заборавиме фактот што оваа компанија е во постојан раст и инвестира значителна сума на средства во доопремување на капацитетите. Загубата на Костал за 2020 година изнесува 11,6 милиони ЕУР и заедно со компанијата ФЕДС се единствените со негативен предзнак кај оваа категорија. 2 компании се издвојуваат од остатокот, со оглед на тоа што кај нив има неколкукратен пораст на добивките. Лидер во оваа категорија е Винарија Охрид, која крајното салдо од 2019 година го порастила за неверојатни 520%, меѓутоа апсолутниот пораст изнесува нешто помалку од 150.000ЕУР. Втората компанија со позитивен резултат е Фронтвисе Гроуп со пораст од 176%, а кај неа апсолутниот пораст е уште помал и изнесува околу 32.000 ЕУР.
На крај на овој серијал од 8 градови и анализа на топ 10 компаниите кои исплаќаат најголеми просечни плати редно е да го прикажеме апсолутно најдарежливата компанија. Станува збор за компанијата НО.МА.МЕТАЛ која во 2020 година на вкупно 57 вработени поделила просечна плата од 190.281 денар.
Назив | Просечна плата по вработен 2020 | Вработени 2020 | Вработени 2019 | Раст % |
---|---|---|---|---|
НО.МА.МЕТАЛ | 190.281 | 57 | 5 | 1040,00% |
ИНФО-БИРО | 34.429 | 77 | 87 | -11,49% |
АРИАЗОНЕ ИНТЕРНАТИОНАЛ ЕУРОПЕ | 31.404 | 14 | 14 | 0,00% |
ВИНАРИЈА ОХРИД | 31.355 | 14 | 14 | 0,00% |
ФЕДС | 30.937 | 23 | 19 | 21,05% |
КОСТАЛ | 30.686 | 681 | 408 | 66,91% |
ФРОНТВИСЕ ГРОУП | 30.346 | 23 | 35 | -34,29% |
ДИЕТРИЦХ-БАУ | 28.811 | 42 | 40 | 5,00% |
П.Н МЕТАЛ | 27.611 | 92 | 199 | -53,77% |
ЕНТЕР | 27.243 | 26 | 26 | 0,00% |
Износите се изразени во денари | Извор на податоци: БизнисМрежа.Мк
Кога на пазарот ќе се појави ваков играч тогаш илузорно е да се коментира конкуренцијата. Оваа компанија исплатила нето просечна плата на која може да подзавидат и најголемите компании во државата. Покрај висината на платата оваа компанија драстично го зголемила и бројот на вработени од само 5 во 2019, на 57 во 2020 година, притоа остварувајќи пораст од неверојатни 1.040%. Во категоријата за најголеми работодавци повторно лидер е Костал со 681 вработен, а пред извесен период од компанијата изјавија дека бројот на вработени надминал 1.000. Станува збор за сериозна компанија која апсорбира голем од работоспособното население од сите околни места. Најавите за влез на други големи индустриски капацитети само ја подгреваат и така “жешката” ситуација со порастот на нето платите, а секако ние ќе продолжиме да мониторираме и да анализираме како ќе се одвива ситуацијата во иднина и за истото читателите на пари.цом.мк ќе може навремено да се информираат.
Редакција Пари