Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се обрати на отворањето на годинешниот самит „Македонија 2025“.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани домаќини од „Македонија 2025“
Почитувани претставници на бизнис заедницата, медиумите,
Почитувани гости, Драги пријатели,
Благодарам за можноста да се обратам на отворањето на годинешниов самит „Македонија 2025“ на кој се собрани успешни менаџери, бизнисмени, претставници од државните институции, дипломати, членови на академската заедница, или, со други зборови кажано, на едно место концентирано – знаење, искуство, вештини и значајни бизнис достигнувања.
„Македонија 2025“ од самите свои почетоци пред повеќе од десет години работи на поврзување на бизнисите од земјава и странство, помага во развивање на лидерски вештини со цел да се придонесе за економскиот развој на земјата. Притоа никогаш не беа нудени инстант решенија и краткорочни мерки за успех, туку, фундирани стратегии и долгорочни програми, планови и активности за нивна целосна реализација. Затоа во оваа прилика би сакал да се заблагодарам на членовите на „Македонија 2025“ за сиот ангажман, одвоено време и енергија од чии резултати несомнено имаат полза и ќе имаат полза – нашата економија и директно или индиректно, македонските граѓани. Се надевам, а познавајќи многумина од вас, убеден сум дека и во иднина ќе продолжите со истата посветеност и мотивираност во остварувањето на вашата и наша заедничка визија – просперитетна и богата држава.
Драги пријатели,
Верувам дека сите овде споделуваме заедничка визија за модерна Република Северна Македонија, држава со млади кои ќе бидат задоволни со својот живот овде, развивајќи се и остварувајќи се во својата земја. Држава со постојан економски напредок и развој, подготвена да се менува и да ја адаптира својата економија согласно светските трендови. Еден од основните предуслови за тоа да се случи е соработката на политичарите со бизнис заедницата, односно градење на политики согласно потребите и барањата на актуелниот економски контекст. Јас лично, можеби нескромно, се ставам на располагање согласно моите надлежности за секоја иницијатива и сугестија од ваша страна, затоа што од првиот ден на оваа функција верувам во одговорно лидерство. Во нашата држава е неспорно дека се потребни натамошни реформи не само во економијата туку и во останатите области од витално значање. Без владеење на правото, доверба во институциите и нивно непристрасно и професионално функционирање нема подобрување на бизнис климата. Јас сум свесен сум дека оваа фраза ја повторуваме со години, и дека на бизнис заедницата и на граѓаните им е доста од чекање. Но, навистина верувам дека после сите искушенија низ кои поминавме последниве години, конечно е креирана позитивна атмосфера и постои политичка волја кај клучните фактори и во власта и кај опозицијата да се истрае во намерите и развојот на економијата да стане наш апсолутен приоритет.
Почитувани,
Годинешниот самит има навистина богата програма со извонредни говорници, панел дискусии на актуелни теми, грижливо одбрани тематски сесии. Се радувам што во фокусот е и животната средина, односно загадувањето на воздухот со акцент на иновациите и нивното влијание врз подобрување на условите за живот. Пред неколку дена ја имав честа да ја отворам и 17. Еконова каде што се уверив во значењето и потребата од пронајдоци и изуми кои ќе помогнат во спречувањето и справувањето со загадувањето.
Дигитализацијата е уште една тема која е во фокусот на годинешниот Самит и би сакал навистина да ја поздравам и оваа иницијатива затоа што и самиот сметам дека со оглед на потенцијалот кој го имаме во ИТ секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мала возраст да кодираат, но и да го поддржиме ИТ секторот во целина, со цел, да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата. Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома.
Почитувани пријатели,
Ви посакувам успешен Самит и плодни дискусии.