Цените на производите кои беа дел од Новогодишната кошница се намалија во декември. Поткрепа има и во статистичките бројки за трошоците на живот и цените на мало, посочуваат од Министерството за економија и труд, од каде што оваа владина акција е оценета како успешна.
Цените на 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери се под заштита на кошничката уште денес. Старуваше на 15 декември лани, креација е на деловната заедница, а се реализира во 51 маркет на 762 продажни места, со поддршка на ресорното Министерство. Целта беше граѓаните во текот на претпразничните и празничните денови да се растоварат од трошоците.
На тој начин, истакнуваат од Економија, „се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во месец декември 2024 и месец јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка“.
Од Министерството укажуваат на податоците од Државниот завод за статистика за индексите на трошоците на животот и на цените на мало за декември. „Се забележува дека инфлацијата во 2024 година споредено со 2023 година изнесува 3,5% како што беше и проектирано. На месечно ниво пак во декември 2024, споредено ноември 2024 година инфлацијата изнесува 0,3%. Податоците на статистика покажуваат дека во декември 2024 година во однос на ноември 2024 година намалувањето на трошоците за живот кај храна и безалкохолни пијалоци изнесува -0,3%“.
Сето тоа, истакнуваат од Министерството за економија, покажува дека акцијата го дала својот ефект.
„Ако ги согледаме овие бројки сметаме дека акцијата Новогодишна кошница беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во нејзе“.
Воедно, очекуваат и во статистичките податоци за јануари да се потврдат ефектите од новогодишната кошница, односно да се оствари дополнително намалување на трошоците за живот кај храната и безалкохолните пијалоци.
Од Министерството се благодарни на производителите, дистрибутерите и трговците вклучени акцијата. А, на граѓаните им порачуваат дека во наредниот период ќе продолжат да креираат мерки и политики кои ќе значат заштита на стандардот.
Наспроти ова, од опозициската СДСМ се на мислење дека „таканаречените ‘кошнички’ се покажаа како целосно промашување и наместо да го олеснат животот на граѓаните, предизвикаа уште поголема скапотија и го срушија стандардот на граѓаните“.
Реакциите на потрошувачите, пак, не престануваат и пред и по кошничките. Убедени се дека трговците ги користат периодите пред стапување во сила на владините кошнички. Освен тоа, постојани се и поплаките дека за сметка на заштитетните, се зголемуваат цените на другите основни намирници. А, некои на шега велат „повеќе среќа со рамазанската и со велигденската кошница“.