Ниту ќе се скрати боледувањето, ниту контролата безразложно ќе тропне на вратата на секој што користи боледување. Нема потреба од страв. Предложените промени треба да создадат критериуми што ќе одговараат на современата медицина, за пациентот навреме да стигне до потребната дијагностика, различните пациенти со иста здравствена состојба да имаат еднаков третман, а таму каде што административните барања се непотребни – да ги отстраниме. Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, во интервју за Република ги расчистува дилемите што се појавија по најавата за претстојните измени во сегментот боледување.
„Не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат. Ниту денес боледувањето трае најмногу седум дена, ниту со измените ќе трае најмногу пет. Ако пациентот има медицинска потреба да биде на боледување 10, 20, 30 дена или подолго, ќе биде онолку колку што неговата здравствена состојба го бара“, нагласува Перински.
Притоа, додава, матичниот лекар останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, ќе одлучува лекарската комисија на Фондот.
За петте дена, кои се наметнаа како прашање што најмногу ја разбранува јавноста, тој појаснува:
„Петте дена за кои најмногу се зборува не се максимално времетраење на боледувањето. Станува збор за периодот во кој избраниот лекар може да утврди боледување врз основа на медицинската проценка, без примена на дополнителните критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
Ако по петтиот ден здравствената состојба на пациентот бара продолжување на боледувањето, матичниот лекар и понатаму може да го утврди до 15 дена, со потребната дијагностика или соодветна специјалистичка проценка согласно дијагнозата“.
Исто така, големи негодувања има и за можноста – лицата што се на боледување да бидат проверувани. Перински вели, тоа би било и медицински нелогично, а и со усвојувањето на правилникот нема автоматски да стартува контролата во домовите:
„Контролата мора да се врзува за конкретната здравствена состојба и за препораките што ги дал лекарот, а не за претпоставката дека секој пациент на боледување мора да биде затворен дома.
Ако лекарот препорачал пешачење, физикална терапија, рехабилитација или друга активност која е дел од лекувањето, сосема е јасно дека пациентот може и треба да ги следи тие препораки.
Контрола во домашни услови има логика кај оние дијагнози и состојби кај кои е препорачано мирување во домот. Но дури и тогаш, ако пациентот не биде затекнат, самото отсуство не треба автоматски да се третира како неправилност. Ќе постои постапка во која осигуреникот ќе може да го образложи отсуството – дали бил на лекарски преглед, во лабораторија, во аптека или имал друга оправдана причина“.
Перински смета дека перцепцијата на јавноста недоволно е фокусирана на олеснувањата што ќе ги донесат предложените измени, и за осигурениците и за матичните лекари:
„Првото олеснување е што за дел од дијагнозите проценката останува кај матичниот лекар, без обврска пациентот да се упатува на лабораториски испитувања. Значи, таму каде што медицински нема потреба, пациентот нема да се испраќа дополнително во лабораторија.
Второто олеснување е што кај дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите... Таму каде што медицинската практика покажува дека е оправдано, се предвидува и подолг временски период.
Третото олеснување е дигитализацијата на постапката по 15-от ден од боледувањето. Досега, кога било потребно осигуреникот да продолжи пред лекарска комисија, матичниот лекар требаше рачно да изготви предлог. Со предложените измени тоа ќе може да се прави електронски, преку електронски ПСР-образец – Предлог за привремена спреченост за работа“.
Исто така, дополнува Перински, ќе се прошири кругот на случаи во кои привремената спреченост за работа ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Тоа ги засега тешко болните, неподвижните и тешко подвижните лица кои не се на болничко лекување, за лицата кои се на болничко лекување, за придружници на болно дете до тригодишна возраст додека детето е во болница, како и за лица кои се лекуваат во странство или придружуваат болно лице на лекување во странство.
Како што наведува, ќе се прецизираат и случаите во кои боледувањето може оправдано да се утврди ретроактивно по завршено болничко лекување и при определени форми на подолготрајно лекување во дневна болница.
Посебно олеснување, вели, има за бремените жени и доилките. Конкретно, радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење нема да се задолжителен услов кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.
За боледувањата подолги од 60 дена, каде што по правило е предвидено конзилијарно мислење, Перински посочува дека се утврдуваат исклучоци за определени тешки заболувања, меѓу кои малигни заболувања, цереброваскуларни инсулти со тешки последици, мултипла склероза, политраума и пациенти во терминална фаза на болеста.
Осигурениците нема потреба да стравуваат дека некој им го одзема или скратува правото на боледување, уверува Перински и порачува:
„Фондот има одговорност кон сите осигуреници да обезбеди систем во кој средствата од здравственото осигурување се користат согласно нивната намена. Но контролата не смее да стане поважна од човекот за кого постои системот.
На болен човек не му треба дополнителна административна грижа. Му треба лекар, навремена дијагностика и сигурност дека правото што му припаѓа ќе може да го оствари.
Токму таков баланс сакаме да постигнеме со овие измени – да го заштитиме правото на оној кому боледувањето навистина му е потребно, да ја поедноставиме постапката каде што е можно и да создадеме правила што ќе бидат јасни и за пациентите и за лекарите“.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








