Четири работни денови и 4.748 акции, од кои 13 приоритетни, е минатонеделниот исход во доменот на нетрговските трансфери. Акциите се издадени од 21 друштво, а најголемиот дел од преносите се извршени во вторникот. Статистиката на Централниот депозитар за хартии од вредност тогаш забележала 2.974 акции на 15 издавачи.
Во два наврати се трансферирани вкупно 1.030 акции на Алкалоид, кои овојпат се издвојуваат по бројноста. Во понеделникот 332, а во вторникот 698. Нивната вредност, според последниот дневен извештај на Македонска берза, е 26.699 денари.
Исто така на двапати се регистрирани преносите направени со акциите на Комерцијална банка: вторник 15 и среда – 24 обични акции. Нивната просечна цена (од 17 април) е 27.689,43 денари.
Кога се гледа според бројот на трансферираните акции, на втората позиција се тие на Македонијатурист. Се работи за 741 обична акција, чиј последен просек е 10.800 денари.
Следуваат 701 акција на Либерти. Нивната единечна цена е десет денари. Берзанските податоци покажуваат дека во последните 52 недели имало 14 тргувања, а последната трансакција била на 11 месецов.
Уште осум нетрговски трансфери се со неколку стотици акции. Односно, опсегот е од 100 како во случајот со акциите на Гранит, до 483 на Макстил. Сопственоста е променета и кај 420 обични акции на АрцелорМиттал АД Скопје (ХРМ) и 293 на Оранжерии Хамзали АД Струмица.
Исто така, пренос е направен и на 198 акции издадени од Фустеларко Борец АД Битола, 178 на РЖ Услуги АД Скопје, 160 на Тутунски комбинат АД Прилеп и 111 на Кланица со ладилник АД Струмица.
Во нетрговските трансфери се заведени девет кај кои бројноста на акциите е под сто. Како подарок или наследство се дадени 89 обични акции на Тетекс АД Тетово, 50 на Раде Кончар-Апаратна техника, 43 на Окта. Минатата недела во овој процес Макпетрол е застапен со 24 обични акции, а Уготур АД Скопје со 23 обични акции.
Трансферирани се и акциите од уште три компании со предзнакот РЖ: 22 на Интер-Трансшпед, 21 на Економика и 9 обични акции на Техничка контрола.
Единствените приоритетни акции, 13 на број, се од Стопанска банка Скопје.