Постапката за набавка на 150 електрични автобуси и 75 полначи за јавниот превоз е поништена, откако Државната комисија по жалби за јавни набавки донесе решение за поништување на тендерот. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека одлуката е донесена по службена должност и како што најавуваат, постапката повторно ќе биде објавена во најкус можен рок, согласно законските процедури.
Тендерот распишан во февруари, предвидуваше набавка на 150 електрични еколошки автобуси и 75 полнилници, како дел од планот за модернизација на јавниот превоз и намалување на аерозагадувањето. Од вкупниот број автобуси, 100 беа наменети за Град Скопје, а останатите 50 за другите општини.
Според условите од јавниот повик, избраниот понудувач требаше да испорача 30 автобуси во рок од шест месеци, дополнителни 60 во рок од една година и уште 60 во рок од 18 месеци. Се работи за конзорциумот составен од унгарската компанија Икарус и австриската ЕВН. Целиот проект беше проценет на околу 47 милиони евра.
Автобусите, пак, требаше да бидат целосно електрични, со современи системи за греење и ладење и со капацитет од најмалку 66 патници. Договорот предвидуваше и десетгодишно сервисирање и обезбедување резервни делови.
Од Министерството претходно оценуваа дека проектот претставува долгорочна инвестиција во транспортниот систем, со еколошки и економски придобивки преку намалени трошоци за енергија и одржување. Набавката беше претставена и како дел од пошироката стратегија за трансформација на јавниот превоз.
Само пред неколку дена, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека тендерската постапка е завршена и дека се очекува почеток на испораката на 100 нови електрични автобуси за главниот град. Тој најави и дека проектот за Брз автобуски превоз (БРТ), кој подолг период беше во застој, повторно е активиран, а градежните активности би можеле да започнат на почетокот од следната година.
Аналитика








