ПОВЕЌЕ

    НАШИТЕ ГРАДЕЖНИЦИ ВО СТРАНСТВО „ИЗЅИДАЛЕ“ НАД 354 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА 10 ГОДИНИ, сега бизнисот спласнувa

    Време зa читање: 3 минути

    Анализа: Каде и колку гради нашата градежна оператива?

    Во поранешна Југославија нашите градежници градеа ширум светот. Денес, тоа е далечно минато, но сепак останало нешто од градежниот дух и искуство, па се фаќа по некоја добра зделка. Најдобрите проекти од последната деценија, како што покажува анализата на порталот Пари, се реализирани во Босна и Херцеговина. Последниве години нив ги нема, па прометот во странство спласнува.

    Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека за 10 години нашите градежници во странство договориле и извршиле градежни работи за над 354 милиони евра. Во оваа низа податоци, најголемата бројка е 116,8 милиони евра – резултат постигнат во 2014 година. Лани, пак, се реализирале само 3,9 милиони евра. Најслаба била 2021 година, со реализација од 2,5 милиони евра.

    Договорени и извршени градежни работи во странство во последните 10 години (во милиони евра)

    ДУРИ 84 НАСТО ОД ПАРИТЕ ДОШЛЕ ОД ГРАДЕЊЕТО ВО БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

    Над 298 милиони евра од реализираните градежни работи дошле од сработеното во Босна и Херцеговина. Овој износ е над 84 насто од севкупните 358 милиони евра реализирани изминатава деценија.

    Податоците покажуваат дека во годините кога најмногу се работело во странство, всушност, се работело во Босна и Херцеговина. Но, по сѐ изгледа дека големите проекти секнале. Минатата година во БиХ се сработени едвај 48.000 евра, а во најдобрата, 2014 година, износот бил 104 милиони евра!

    Договорени и извршени градежни работи во Босна и Херцеговина во последните 10 години (во евра)

    КАКО ОДЕЛ БИЗНИСОТ СО СРБИЈА?

    Пари посебен акцент става на нашето градење во Србија. Со Единствениот пазар на трудот во рамките на Отворен Балкан, градежните компании сѐ повеќе стравуваат дека работниците ќе им заминат во странство. Податоците покажуваат дека нашата градежна оператива има некаква традиција да гради во Србија, но дали тие врски ќе ги искористат сега самите градежни работници многу набргу ќе се дознае.

    Договорените и извршените работи во Србија се релативно скромни. Најголемиот успех е постигнат во 2014 и во 2015 година со реализација на 1,3 милиони евра. За 10 години, пак, нашата градежна оператива во Србија изградила проекти во вредност од над 4 милиони евра.

    Договорени и извршени градежни работи во Србија во последните 10 години (во евра)

     

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично