ПОВЕЌЕ

    Странски компании и државни фирми, најголеми работодавачи во земјава

    Време зa читање: 5 минути

    Јавни претпријатија и компании во државна сопственост со години наназад вртат милионски суми – вработуваат илјадници луѓе, но дел од нив минатата година ја завршуваат во минус. Покрај странските фирми, најголеми работодавачи од државните компании се ЕСМ и Национални шуми кои заедно вработуваат нешто повеќе од 7 илјади луѓе. ЕСМ високо котира во однос на приходите, но минатата година има преполовена добивка во однос на 2018 година. Додека пак Национални шуми е на листата на 100 компании со најголеми приходи, но не и по однос на добивката, која лани изнесувала околу 400 илјади евра.  Од јавните претпријатија, Комунална Хигиена, ЈСП и Водовод и канализација, лани заедно вработувале 3 890 луѓе, односно во секое од овие три претпријатија имало по нешто повеќе од 1 200 вработени со што се наоѓаат меѓу првите дваесет компании што вработуваат најголем број на луѓе. За разлика од бројот на вработени, по однос на финансиската кондиција не се рангирани на така високо ниво. Односно, Комунална хигиена и ЈСП Скопје лани не прикажуваат добивка, додека Водовод и канализација за разлика од 2018 година кога не прикажува позитивен финансиски резултат лани ја завршува годината со 725 илјади евра добивка.

    „Таргет Груп“ ја објавува листата најголеми работодавачи во земјава во текот на миатата година.  

    На прво место со 6 458 вработени е друштвото  за производство, трговија и услуги КРОМБЕРГ И ШУБЕРТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Битола, компанија која и во 2019 година, исто како и претходната година ја држи водечката позиција според бројот на вработени – со тренд на пораст на годишно ниво. Според остварената добивка, оваа фирма лани била на 37 то место.

    Со 5 799 вработени во 2019 година, на второ место е уште една странска компанија – Друштво за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила ДММ ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци. Лани во однос на 2018 година има незначително намалување на бројот на вработени, но тоа не ја менува сликата дека оваа фирма е еден од најголемите работодавачи во земјава.

    На трето место со 4 751 вработен е Акционерско друштво за производство на електрична енергија ЕЛЕКТРАНИ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, во државна сопственост. Оваа фирма под државна капа е меѓу првите пет според висина на приходи и добивки, а според бројот на вработени била на трета позиција и во 2018 та година.

     

    Со 2 274 вработени, на четврто место е Јавно претпријатие за стопанисување со државните шуми НАЦИОНАЛНИ ШУМИ П.О.-Скопје. Оваа фирма менаџирана од државата е меѓу водечките според бројот на вработени, но е далеку од групата водечки фирми според остварени приходи, на 106 -та позиција во 2019 та година, и според износот на добивка на 459 то место.

    Петто рангирана фирма според бројот на вработени е Друштво за производство АДИЕНТ СЕАТИНГ ДООЕЛ Штип. Во оваа странска компанија работат 2 170 вработени со тенденција на пораст во однос на 2018 та година.

    На шесто место со 2 054 е Акционерско друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија„ во државна сопственост-Скопје, уште една фирма менаџирана од државата. Но иако високо котира по однос на бројот на вработени, сепак оваа државна компанија последните две години не прикажува добивка. Додека приходите во текот на минатата година биле 19,4 милиони евра.

    Со 1 944 вработени, на седмо место се наоѓа Друштво за производство, трговија и услуги ГЕНТЕРМ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА  ДООЕЛ увоз-извоз Прилеп, странска компанија која лани во однос на 2018 та го зголемила бројот на вработени.

    На осмо место со 1 849 вработени е Друштво за обезбедување на лица и имот НИКОБ ДОО експорт-импорт Скопје, домашна приватна фирма која бележи раст на бројот на вработени. Во 2018 година била рангирана на 13 то место, а година потоа се искачува на осмото.

    Со 1 835 вработени, деветто место на листата Топ 10 најголеми работодавачи е МАКПЕТРОЛ Акционерско друштво за промет со нафта и нафтени деривати Скопје, домашна приватна компанија која е меѓу водечките и според приходите и според добивките.

    Друштво за производство, трговија и услуги АМФЕНОЛ ТЕХНОЛОЏИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Кочани со 1 782 вработени е на десеттата позиција. Оваа странска компанија лани во однос на 2018 година поради зголемување на бројот на вработени, во 2019 година се искачува за две места погоре на листата.

    Уште 15 компании во земјава имаа повеќе од илјада вработени како што се ЕЛЕКТРОДИСТРИБУЦИЈА ДООЕЛ Скопје Друштво за дистрибуција на електрична енергија, Друштво за производство АДИЕНТ АУТОМОТИВЕ ДООЕЛ Струмица, Фармацевтска хемиска козметичка индустрија АЛКАЛОИД АД Скопје, Друштво за производство и трговија ЏОЈСОН СЕЈФТИ СИСТЕМС МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Кичево, Друштво за трговија на големо и мало и услуги ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, Градежно друштво ГРАНИТ АД-Скопје, Јавно Претпријатие КОМУНАЛНА ХИГИЕНА-СКОПЈЕ, Јавно сообраќајно претпријатие СКОПЈЕ, Јавно претпријатие ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА-Скопје, Приватна агенција за вработување ДЕКРА АРБЕИТ МАКЕДОНИЈА Скопје, Друштво за производство, трговија и услуги ЛЕАР ЦОРПОРАТИОН МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Тетово, Трговско друштво за производство, промет и услуги ВЕРОПУЛОС ДООЕЛ Скопје, Македонски Телеком Акционерско друштво за електронски комуникации – Скопје Друштво за производство, трговија и услуги ВАН ХООЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Илинден и Друштво за производство, трговија и услуги ЏОНСОН МЕТИ ДООЕЛ Скопје.

    Анализа на податоците: Таргет Груп

    Изработил А.Д

     

     

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично