Јакнење на деловната доверба преку добро корпоративно управување и креирање на одржлив раст и подигнување на финансиската писменост се главните теми кои ќе бидат во фокусот на годинешното издание на „Finance Talks”, што ќе се одржи на 1 ноември годинава, од 11:00 часот во хотелот Лимак во Скопје. Конференцијата под наслов „ЕСГ експертиза: добро управување и финансиска писменост за сигурна иднина“ е во организација на ЕОС Матрикс Македонија, а извршната директорка на компанијата д-р Катерина Бошевска ќе го модерира првиот панел насловен „Управување и усогласеност – политики и организации кои ќе придонесат кон интегритет и сигурност“. На оваа тема, за своите искуства и ставови ќе дискутираат Даниел Браун, раководител на канцеларијата на Фондацијата Конрад Аденауер во земјава, Виктор Мизо, претседател на Одборот на директори на Македонија 2025 и Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германски комори, надлежна и за Косово и Албанија.
ЕОС Матрикс Македонија, компанија која е водечки финансиски инвеститор за управување со побарувања, како дел од Групацијата ЕОС, спроведува низа проекти базирани на ЕСГ стандардите кои се важен дел од управувањето и креирањето услови за одржлив развој. Иницирање на стручни дискусии на вакви важни теми ќе придонесе за унапредување на економските состојби и подобрување на перформансите на корпоративниот сектор. Имено, Европската унија минатата година усвои Директива за известување за корпоративна одржливост, која од компаниите во ЕУ и од земјите кои сѐ уште не се дел од унијата бара да поднесуваат годишни извештаи според европските стандарди за известување и одржливост (ESRS). Компаниите ќе треба да известуваат согласно овие стандарди веќе за 2024 година. И во домашното законодавство е во фаза на имплементација обврска за ваков тип на извештаи за македонските компании, која ќе стапи на сила по усвојување на законските измени.
Вториот панел на конференцијата е посветен на финансиската писменост, како предизвик кој ги погодува сите генерации, а модератор ќе биде д-р Маја Стевковска Штериева, главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје. Панелисти ќе бидат проф. д-р Душица Стевчевска – Србиноска, вонреден професор и продекан за образование на Факултетот за деловна економија и организациски науки УАКС и визитинг професор на Univerzite d’Angers во Франција, Елизабета Недановска, менаџер во Дирекцијата за заштита на потрошувачите и финансиска едукација (ЗПФЕ) во Народна банка на Република Северна Македонија и Ема Арсова, студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје.
ЕОС Матрикс е членка на Групацијата ЕОС, која делува на пазарите на повеќе од 20 земји и вработува 6.000 лица ширум Европа. Групацијата има големо искуство во реализација на активности за подигнување на финансиската писменост. Преку проектот за финансиска писменост Групацијата ЕОС досега има вклучено 87.000 ученици во 1.400 училишта во централна Европа. Ова искуство, за ЕОС Матрикс Македонија може да биде од големо значење за подигнување на финансиската писменост и во земјава.
Преку своите активности ЕОС Матрикс Македонија, дава голем придонес и за развој на конкурентноста на македонската економија како финансиски инвеститор со меѓународна експертиза, кој во континуитет развива нови финансиски алатки и иновативни технолошки решенија.