Да бидам министер за транспорт и врски е мој личен избор бидејќи таму остануваат дела кои ќе се паметат, вели вицепремиерот Александар Николоски во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“. Ова е одговорот на шпекулациите во јавноста дека тој не можел да стане министер за внатрешни работи бидејќи не бил по ќеиф на НАТО оти бил поврзуван со владата на Никола Груевски. Вели, дека како ретко кој во државава континуирано, 16 години го поседува највисокиот безбедносен сертификат и сите тајни од воената алијанса во изминатиов и во идниот период се добро чувани од него. Овој сертификат се обновува на секои четири години.
„Тоа знаете како е. Најчесто лошите муабети од пријателите излегуваат.
– Аааа, ова значи од ВМРО ви го пуштаат…
– Ова се муабети коишто ги слушав и во изборите и после изборите. Но неколку аспекти: прво, за мене е огромна чест што сум единствен заменик-претседател или популарно кажано – вицепремиер од ВМРО-ДПМНЕ што мислам дека многу работи кажува. Останатите се од останатите коалициони партнери. Второ, Транспорт беше мој избор во консултација дел од потесното семејство, морам да кажам. Првпат јавно ќе кажам, да му се заблагодарам на брат ми, ретко го спомнувам. Тој има свој живот, си има свој бизнис итн., никогаш не се занимавал со политика, но советот дојде од него и еве првпат го кажувам тоа јавно и од оваа перспектива беше многу во право и мислењето му се поклопи со мислењето на премиерот Мицкоски… 10:51 Но, претпоставувам дека кога овие теории беа пласирани, дел беа и преку Агенцијата за разузнавање која беше сериозно злоупотребена и од претходното раководство, овие работи се немале во предвид и некако не излегоа на крај математиките, но јас сум навикнал во животот да ме потценуваат. Обично кога сум потценет, секогаш давам подобри резултати…“