ПОВЕЌЕ

    МБИ10 СО НОВ РЕКОРД, ПАЗАРНАТА КАПИТАЛИЗАЦИЈА 5,7 МИЛИЈАРДИ ЕВРА – Берзата во декември

    Време зa читање: 3 минути

    Зголемен број на трансакции, а намален промет бележи Берзата во декември. Топ пет групата најтргувани е составена од акциите на две банки, на две фармацевтски куќи и на најголемата компанија – дистрибутер на горива. Дванаесеттиот како и претходните месеци од изминатата година, според интересот на инвеститорите, е во знакот на акцијата на најуспешната домашна банка. А, најголемиот печат го остави основниот берзански индекс МБИ10.

    Во текот на декември, се доближија скоро до изедначување, цените на двете најтргувани акции – на Комерцијална банка и на „Алкалоид“.

    Со забележаните максимална од 29.200 и минимална од 24.199 денари, акцијата на Комерцијална банка има месечен просек од 27.413,47 денари. Реализирани се 900 трансакции, преку кои се купени 9.193 акции. Притоа, остварен е промет од 252.012.036 денари, односно 4.098.130 евра. Во структурата на вкупниот промет учествува со 31,02 проценти.

    Акцијата на „Алкалоид“ во декември достигнува просечна вредност од 27.880,97 денари. Ценовните движења се во распон од најниските 25.300 до највисоките 29.000 денари. Остварениот месечен промет е 234.757.732 денари или 3.817.540 евра, со учество од 28,90 проценти. Во берзанската статистика се влезени 758 акции со истргувани 8.420 акции.

    Освежување на оваа листа е хартијата од вредност на „Реплек“. Третата позиција ја обезбеди со прометот од 73.864.550 денари/1.201.149 евра, кој произлегува од купопродажбата на 4.790 акции. Евидентирани се 177 трансакции, во кои максималната цена е на нивото од 17.049 денари, минималната – 14.530, а просечната 15.420,57 денари. Во вкупниот промет партиципира со 9,09 отсто.

    Во последниот месец од 2024, продадени се 25.555 акции на Стопанска банка Скопје. Нивната просечна вредност е 2.611,06 денари. Минималната била 2.100, а максималната 2.984 денари. Прометот од 66.725.551 денар/1.085.079 евра е остварен во 411 трансакции. Има удел од 8,21 процент.

    Во 120 трансакции истргувани се 569 хартии од вредност на скопски „Макпетрол“. Инкасирани се 51.177.822 денари или 832.233 евра, кои претставуваат 6,30 отсто од вкупниот промет остварен на Берзата. Од најниските 87.000, преку највисоките 93.200 денари, постигнат е месечниот просек на оваа акција од 89.943,45 денари.

    Раздвижено беше на Берзата во декември. Сепак, кај прометот е забележано опаѓање во споредба со ноември, за 9,43 отсто. Износот е 2.301.992.670 денари или 37,43 милиони евра. Реализиран е преку 3.113 трансакции. Нивниот број е за 26,75 повисок од претходниот месец.

    Во класичното тргување се работи за промет од 845.332.346 денари/13,74 милиони евра. Споредено со ноември, има зголемување за 19,45 проценти.

    Тргувањето со акции обезбедило 819.712.528 денари, односно 13,32 милиони евра. Од ноемврискиот, декемврискиот промет е поголем за 17,27 насто.

    Минатиот месец зачестија блок-трансакциите – за 20,45 проценти е поголем нивниот број, а за 5,35 насто регистрираниот промет. Или, преку 53 блокови продажбата на акции се материјализирала во сума од 1.456.660.324 денари или 23,68 милиони евра. Како и во ноември, така и во оваа статистика на блок-трансакции најзастапена е шифрата МТУР на „Македонијатурист“.

    Скок од 195,24 проценти е забележан кај прометот со обврзниците. Од тргувањето со нив се остварени 25.619.818 денари, што е еднакво на 416,6 илјади евра.

    Денот кога се празнуваше Свети Никола, беше значаен за македонскиот берзански индекс. МБИ10 го урна сопствениот рекорд од 10.057,77 поени, поставен на 31 август 2007. На 19 декември достигна вредност од 10.089,36 поени. А последниот месец од 2024 го заокружи со 10.200,91 индексен поен. Промената во однос на ноември е 11,98 проценти.

    Со зголемување од 11,56 насто, пазарната капитализација на Македонска берза во декември изнесува 351.088.371.522, што е противвредност на 5,7 милијарди евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично