ПОВЕЌЕ

    Макрофинансиска помош од ЕУ – Исплатата на траншите зависи од реформите

    Време зa читање: 5 минути

    Помошта ќе се реализира форма на заеми во две транши, а исплатата ќе зависи од реформите во фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата…

     Одлуката на ЕУ за обезбедување макрофинансиска помош до 100 милиони евра, средства со кои државата ќе ги санира последиците произлезени од руската агресија врз Украина, објавена е во Службениот весник на Европската унија. Со тоа оваа одлука стапува во сила.

    Во одлуката се посочува дека македонската економија беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, но и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби.

    „Владата на Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото“, се наведува во документот.

    Еврокомисијата, според МИА, посочува дека земјава успешно ја операционализираше макрофинансиската помош насочена за надминување на последиците од ковид пандемијата, спроведувајќи ги „сите реформски активности договорени со Унијата во Меморандумот за разбирање“. Дополнително, се наведува, лани во април земјата постигна договор со ММФ за 24-месечна програма за ликвидност до 530 милиони евра, што беше официјално одобрено од Извршниот одбор од ММФ на 22 ноември 2022 година, за ублажување на последиците од надворешните влијанија, за поддршка на фискалната консолидација и забрзување на структурните реформи во повеќе области, вклучително и во даночната политика и јавните инвестиции.

    Имајќи предвид дека земјата е кандидат за членство и ги започна пристапните преговори, ЕК смета дека има право да добие макрофинансиска помош од Унијата како „исклучителен финансиски инструмент за поддршка на платниот биланс, кој има за цел да одговори на непосредните потреби за надворешно финансирање“ и за спроведувањето на мерките за итно прилагодување и структурни реформи за подобрување позицијата на платниот биланс на краток рок.

    „Во сегашните исклучителни околности макрофинансиската помош на Унијата за Македонија ќе биде соодветен одговор на барањето на земјата за поддршка за стабилизирање на нејзината економија. Макрофинансиската помош на Унијата ќе ја поддржи економската стабилизација и агендата за структурни реформи на Македонија, дополнувајќи ги ресурсите ставени на располагање според финансискиот аранжман на ММФ.

    Макрофинансиската помош на Унијата треба да има за цел да го поддржи обновувањето на одржливата ситуација со надворешното финансирање на Македонија, а со тоа и да го поддржи нејзиниот економски и социјален развој“, заклучува Комисијата.

    Во документот се вели дека утврдувањето на износот на макрофинансиската помош треба да се заснова на квантитативна проценка на преостанатите потреби за надворешно финансирање и да го земе предвид капацитетот на земјата да се финансира со сопствени ресурси, особено со девизните резерви со кои располага. „При определувањето на износот на помошта треба да се земат предвид и очекуваните финансиски придонеси од мултилатералните донатори и потребата да се обезбеди правична поделба на товарот помеѓу Унијата и другите донатори, како и претходното распоредување на другите надворешни финансиски инструменти на ЕУ и додадената вредност на целокупното вклучување на Унијата во Македонија“,пишува во документот.

    Според ЕК, оваа макрофинансиска помош треба да ја поддржи надворешната политика на Унијата кон Македонија и посветеноста на земјата на заедничките вредности со ЕУ, вклучително почитување на демократијата, владеењето на правото, доброто владеење, почитувањето на човековите права, одржливиот развој и намалувањето на сиромаштијата, како и посветеност на принципите на отворена и заснована на правила и фер трговија.

    „Предуслов за доделување на макрофинансиската помош на Унијата треба да биде Македонија да ги почитува ефективните демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем и владеење на правото и да гарантира почитување на човековите права.

    Дополнително, специфичните цели на макрофинансиската помош на Унијата треба да ја зајакнат ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на системите за управување со јавните финансии, како и на управувањето и надзорот на финансискиот сектор и треба да промовираат структурни реформи кои имаат за цел да поддржат одржлив и инклузивен раст, создавање работни места и фискална консолидација“.

    Комисијата треба редовно да го следи исполнувањето на тие предуслови и постигнувањето на тие цели, нагласено е во одлуката.

    Според ЕК, помошта ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на државата во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.

    Предвидено е помошта да биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ.

    Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ минатиот понеделник едногласно ја одобри оваа одлука на заседанието во Брисел.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично