ПОВЕЌЕ

    Македонија на чело на европските даночници: УЈП го презеде претседателството со IOTA

    Време зa читање: 2 минути

    Македонската Управа за јавни приходи во следните 12 месеци ќе ја предводи соработката меѓу европските даночни администрации, откако официјално го презеде претседателството со Интер-европската организација на даночни администрации (IOTA).

    Преземањето на претседателството беше официјализирано на 30-тото Годишно собрание на организацијата, кое се одржа во Будимпешта, каде што директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, го презеде знамето на IOTA од в.д. директорката на Националната даночна и царинска администрација на Унгарија, Чила Тамаш Цзинеге.

    Со тоа, Македонија добива можност во наредниот период да има водечка улога во координацијата на активностите и стратешките насоки на организацијата која обединува 43 европски држави и две придружни членки.

    Во своето обраќање, Петрова посочи дека даночните администрации се соочуваат со динамични промени предизвикани од технолошкиот развој, новите економски модели и растечките очекувања на граѓаните и бизнисите.

    „IOTA не треба да биде само место каде даночните администрации разговараат за промените, туку место каде заедно ги претвораат предизвиците во конкретни решенија“, истакна Петрова.

    Веднаш по церемонијата на примопредавање, директорката на УЈП го предводеше и конститутивниот состанок на новиот Извршен совет на организацијата. Во неговиот состав членуваат претставници од Азербејџан, Белгија, Ерменија, Естонија, Романија, Финска, Хрватска и Швајцарија.

    Во рамките на годишното собрание, Петрова учествуваше и на панел-дискусија со раководителите на даночните администрации на Азербејџан, Естонија, Украина, Унгарија и Хрватска. Главниот фокус на разговорите беше ставен на дигиталната трансформација на даночните системи и предизвиците со кои се соочуваат институциите во услови на забрзан технолошки развој.

    Учесниците оценија дека модернизацијата на даночните администрации мора да оди паралелно со јакнење на институционалните капацитети и зачувување на довербата кај граѓаните и деловната заедница.

    IOTA претставува една од најзначајните европски платформи за соработка меѓу даночните администрации, а преземањето на нејзиното претседателство се смета за значајно меѓународно признание за УЈП и за нејзината улога во европската даночна заедница.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично