ПОВЕЌЕ

    ЛАНИ ИЗВРШИТЕЛИТЕ НАПЛАТИЛЕ 160,6 МИЛИОНИ ЕВРА, а за 19 години – 2,08 милијарди евра

    Време зa читање: 4 минути

    Со наплатените 160,6 милиони евра, 2024 е една од најдобрите години за македонските извршители. Најголемите износи ги повлекле од фирмите-должници – 84,33 милиони евра. Од граѓаните наплатиле безмалку 47 милиони евра. Должничките обврски на државата ги скратиле за 31,5 милиони евра. И, имаат реализација од 44,15 проценти.

    Податоците се од годишниот извештај за работата на Комората на извршители. И, покажуваат дека нивната ланска активност била од полза за доверителите. На државата и биле вратени 2,07 милиони евра. Кон стопанството се канализирале 127,4 милиомни евра. А, пак, граѓаните добиле 33,34 милиони евра.

     

    Најголемиот дел од работата го завршиле 32-та скопски извршители. Или, како што се наведува во извештајот, „во поглед на висина на наплатени средства за доверителите, извршителите од подрачјето на Основниот граѓански суд Скопје и Основниот кривичен суд Скопје имаат најмногу наплатено парични средства“. Станува збор за сума од 83,55 милиони евра, добиена со затворањето на 34.836 од вкупно примените 71.393 предмети. Реализацијата е 48,79 проценти

    Со најниска наплата се извршителите на подрачјето на основните судови Берово, Делчево, Виница и Кочани со скоро три милиони евра. Тука е забележан и најмалиот процент на реализација од 29,38 проценти. Работата таму ја вршат четворица извршители, кои во текот на годината примиле 6.531 барање, а решиле 1.919 од нив.

    По извшителите од скопската територија, според износот се рангираат нивните колеги, 11 на број, кои дејствуваат во областа на основните судови Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино. Тие лани успеале да наплатат 12,1 милион евра, така што целосно расчистиле 5.854 барања. А, примиле 15.446, со што имаат реализација од 37,90 проценти.

    Што се однесува до примените барања за извршување, лани пристигнале 167.112. Меѓу нив се и барањата преземени од извршителските канцеларии чија должност престанала.

    Воедно, во текот на годината биле целосно завршени 73.795 предмети. Оттаму и стапката на реализациј од 44,15 проценти. Од тој аспект, како што се посочува во годишниот извештај, најголемата ефикаснот од 55,61 отсто е постигната од четворицата извршители кои делуваат на подрачјето на Основен суд Охрид, Основен суд Струга и Основен суд Дебар. Успешно заокружиле 3.233 од примените 5.814 барања. Наплатиле 7,7 милиони евра.

    „Согласно податоците од доставените извештаи за работата на извршителите за оваа извештајна година, најголемиот број од примените извршни исправи биле успешно реализирани во период на времетраење од повеќе од една година од моментот на поднесување на барањето за извршување. Споредбено по години, во бројот на реализирани извршни исправи од страна на извршителите во 2024 година се забележува зголемување, па во оваа извештајна година реализирани се вкупно 73.795 извршни исправи“, пишува во извештајот.

    Минатогодишните активности ги оствариле 93 извршители со 309 вработени. Извршителите биле најмногубројни во 2017 година – 101. А, бројот на вработените – 520, бил најголем во 2015 година.

    Инаку, и во поглед на наплатата и на реализацијата, рекордот од 2017 година сѐ уште не е надминат. На извршителите им успеало да расчистат долгови од 166,2 милиони евра. Примени биле 88.723 барања, а извршени 56.163. Процент на реализација – 63,30.                  

    Од 2006 па наваму, односно за 19 години, извршителите примиле 2.160.938 барања, а затвориле 819.765 предмети. Тоа претставува реализација од 37,93 проценти. Во тој период најмалку барања имало во 2006 – 6.335. Рекордна била 2016 година, кога во извршителските канцеларии пристигнале 227.836 барања. Сепак, тогашните 88 извршители и 509 вработени затвориле само 24,02 отсто од предметите, при што наплатиле близу 119 милиони евра.

    Успешноста на нивната работа во овој речиси дводецениски период се согледува со вкупно наплатените 2.083.432.955,92 евра.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично