ПОВЕЌЕ

    ОД „АВТОБАН“ ДО ЕРАТА НА ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА: Крафтверк денес го носи звукот на иднината во Скопје

    Време зa читање: 5 минути

     

    Во време кога вештачката интелигенција, роботите и дигиталните технологии сè подлабоко навлегуваат во секојдневниот живот, во Скопје пристигнува бендот што уште пред половина век музички ја претстави врската меѓу човекот и машината.

    Легендарната германска група „Крафтверк“ денес, на 25 јули, ќе настапи на Стадионот на АРМ во Скопје. Концертот започнува во 21 часот и е дел од нивната „Multimedia Tour 2026“, како и од фестивалската програма на „Skopje Calling“. Ова ќе биде прв настап на отворено на „Крафтверк“ во македонската престолнина и нивно трето гостување во Скопје. Првиот концерт го одржаа во 2005 година на Скопски саем, а во 2018 година настапија во салата „Борис Трајковски“ со својот впечатлив 3Д-спектакл.

    Приказната за Kraftwerk започнува во Дизелдорф во 1970 година, кога Ралф Хитер и Флоријан Шнајдер формираат група што во следните децении целосно ќе го промени начинот на кој се создава, изведува и доживува музиката. Нивните први албуми биле поекспериментални и поблиски до германската авангардна и прогресивна сцена, но со текот на времето гитарите и традиционалните инструменти сè повеќе им го отстапувале местото на синтисајзерите, електронските ритми, вокодерите и компјутерски обработените гласови.

    Големиот пресврт доаѓа во 1974 година со албумот „Autobahn“. Насловната композиција, долга повеќе од 20 минути, го претставува патувањето по германските автопати преку повторлив електронски ритам, синтетички звуци и минималистички вокали. Скратената верзија на песната станала меѓународен хит и го претворила Kraftwerk од експериментален германски состав во светски познат музички феномен.

    Следува серија албуми што денес се сметаат за темели на современата електронска музика. Со „Radio-Activity“ од 1975 година групата ја истражувала двојната природа на радиото и нуклеарната технологија. Две години подоцна, со „Trans-Europe Express“, звукот на возовите и европското патување бил претворен во прецизен електронски ритам. Албумот „The Man-Machine“ од 1978 година ја донел препознатливата слика на музичарите како роботи, додека „Computer World“ од 1981 година зборувал за компјутери, податоци, калкулатори и дигитални комуникации во период кога персоналните компјутери сè уште не биле дел од секојдневието.

    Токму во тоа се крие моќта на Kraftwerk. Бендот не ја следел иднината, туку во голема мера ја предвидувал. Децении пред интернетот, паметните телефони, социјалните мрежи и вештачката интелигенција да станат реалност, нивните песни зборувале за свет во кој луѓето, машините и информациите функционираат како единствен систем.

    Меѓу нивните најпознати композиции се Autobahn, Radioactivity, „Trans-Europe Express“, The Robots, „The Model“, „Neon Lights“, „Computer Love“, „Pocket Calculator“, „Tour de France“ и „Music Non Stop“. Дел од овие песни никогаш не биле класични поп-хитови во вообичаената смисла, но нивните ритми, мелодии и продукциски решенија станале музички речник што подоцна го презеле генерации автори и продуценти.

    Влијанието на „Крафтверк“ може да се препознае во синт-попот, електрото, техното, хаусот, индустриската музика, хип-хопот и во голем дел од современата поп-продукција. „Rock & Roll Hall of Fame“, каде што групата беше примена во 2021 година во категоријата „Музичко влијание“, оценува дека Kraftwerk го поставиле основниот модел за модерната електронска музика.

    Нивниот придонес не се ограничува само на звукот. „Крафтверк“ создадоа целосен визуелен и сценски идентитет: исти костуми, контролирани движења, геометриски форми, роботи, компјутерски анимации и големи видеопроекции. На нивните концерти музиката, светлото, дизајнот и технологијата функционираат како едно дело. Токму затоа нивните настапи честопати се опишуваат повеќе како мултимедијални уметнички инсталации отколку како традиционални рок-концерти.

    Во текот на кариерата групата поминала низ повеќе промени во составот. Флоријан Шнајдер, еден од двајцата основачи, ја напушти групата во 2008 година, а почина во 2020 година на 73-годишна возраст. Тој, заедно со „Крафтверк“, во 2014 година ја доби наградата „Греми“ за животно дело. Групата го освои својот прв натпреварувачки „Греми“ за изданието „3-D The Catalogue“, кое ги обединува нивните најзначајни дела во современ аудиовизуелен формат.

    Денес „Крафтверк“ го предводи Ралф Хитер, единствениот преостанат член од оригиналната постава. Со него настапуваат Хенинг Шмиц, Фалк Грифенхаген и Георг Бонгарц. И по повеќе од пет децении, четворицата излегуваат пред публиката поставени зад електронски конзоли, додека зад нив се прикажуваат препознатливите ретрофутуристички анимации, броеви, роботи, возови, автомобили и компјутерски светови.

    Иако нивната највлијателна музика е создадена во седумдесеттите и осумдесеттите години, таа денес звучи поактуелно од кога било. Прашањата што „Крафтверк“ ги поставуваа за автоматизацијата, контролата на информациите, дигиталниот идентитет и односот меѓу човекот и машината сега се дел од реалниот економски и општествен живот.

    Затоа денешниот концерт во Скопје не е само носталгично враќање кон историјата на електронската музика. Тој е средба со бенд што пред повеќе од половина век создаде звук за светот во кој живееме денес – и кој, дури и во ерата на вештачката интелигенција, сè уште звучи како музика од иднината.

    Зад вечерашниот настап на „Крафтверк“ во Скопје стои „Авалон интернешнл букинг“, една од најпознатите концертни промотерски куќи во регионот. Компанијата, основана од Бобан и Даниел Милошески, својата концертна приказна ја започнала на 28 август 1993 година со настапот на „Електрични оргазам“ во Куршумли ан, а низ годините во Македонија и регионот донела голем број светски и регионални музички имиња.

    Билети за вечерашниот концерт сè уште може да се набават преку продажната мрежа и онлајн-платформата на „Авалон“.

    https://avalonbooking.mk/

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично