Во текот на изминатите неколку децении, бевме сведоци на вртоглавиот подем на една од најголемите индустрии во светот – индустријата на информатичката технологија. Вкупната вредност на петте најголеми ИТ компании се проценува на над 5,2 трилиони американски долари, додека повеќето од нив го доживеаја најголемиот пораст во изминатите десет години. Овој невиден раст на една индустрија доведе до револуција во многу гранки на економијата, но исто така и на фактот дека овие компании станаа составен дел од нашето секојдневие.
Ова преземање, не само на нашите животи, туку и на делови од одредени сектори на економијата, ги наведе владините агенции ширум светот да преземат активности за монополското однесување на технолошките гиганти.
Директорите на четирите најголеми ИТ компании (Фејсбук, Гугл, Амазон и Епл) беа повикани да дадат исказ пред Конгресот на САД минатиот месец за создавање на фактички монопол, а кинеските компании Хуавеи и ТикТок се соочуваат со обвиненија за злоупотреба на податоците и во Европа и во Соединетите држави, додека Европската комисија отвори истрага против Гугл и Епл поради загриженост дека нивните деловни практики имаат негативно влијание врз конкуренцијата на територијата на Европската унија.
Со оглед на распространетоста и влијанието на технолошките гиганти, се чини дека реакцијата на повеќето државни и меѓународни институции во однос на спречување на натамошно создавање монополи е одложена.
Прашањето за нивната моќ да влијаат врз одлуките на нивните потрошувачи повеќе не се поставува, туку тие исто така станаа клучни политички актери на глобално ниво, од локалните избори до меѓународните односи.
Најновиот пример за ова се неодамна завршените претседателски избори во Соединетите држави, за време на кои кулминираа длабоките поделби меѓу неистомислениците. Социјалните мрежи создадоа затворени алгоритамски системи кои ги насочуваат корисниците со слична политичка припадност едни кон други, со што дополнително ги продлабочуваат поделбите во општеството. Покрај тоа, овие технолошки гиганти остануваат немоќни да се соочат со предизвикот за ширење „лажни вести“ и „алтернативни вистини“ преку нивните платформи.