Четири блок-трансакции во вкупна вредност од 2,45 милиони евра се последните во серијалот „Македонијатурист“. Извршена е купопродажба на 15.888 акции кои обезбедуваат сопственост од 3,51 процент, а по единечна цена од 9.500 денари.
Според информацијата објавена на Македонска берза, првиот пакет е со износ од 28.937.000 денари или 470,5 илјади евра, а содржи 3.046 акции. Тоа претставува 0,67 проценти од основната главнина.
Со вториот блок се стекнуваат 0,27 проценти. Купени се 1.216 обични акции, вредни 11.552.000 денари (187,8 илјади евра).
Третонаведената блок-трансакција се однесува на 752 акции (0,17%), а за нив е платена сума од 7.144.000 денари (116,1 илјада евра).
Најголемиот од овие пакети носи 2,40 отсто од почетниот капитал. Количината од 10.874 обични акции има вредност од 103.303.000 денари, што е еднакво на 1,68 милиони евра.
Од почетокот на септември па досега, како што се гледа од берзанската статистика, во акциите на „Македонијатурист“ се вложени над 11,3 милиони евра. Само преку реализираните блок-трансакции во тој период, 24 на број. Преку нив се продале 78.294 од вкупно издадените 452.247 обични акции, што значи 17,31 процент.
За споредба, основната главнина на компанијата е 11,55 милиони евра (состојба од крајот на 2023).
Што се однесува до вредноста на акцијата, од почетокот на годинава е зголемена за 102,04 насто. Последната ланска цена на тргување (30 декември) изнесувала 4.702, а сега достигна 9.500 денари.
Според непотврдени информации, во интензивните блок-трансакции како купувачи се јавуваат неколкумина. Веќе извесно време се споменува „Скопски пазар“. Дел од гласините е и „Орка Холдинг“, како и семејната компанија „Чеза-комерц“. Акции, како што кажуваат официјалните објави, купува и најголемиот акционер и претседател на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“, Доне Таневски. Засега, поседува 23,4 проценти од почетниот капитал.