ПОВЕЌЕ

    ЌЕ БИДЕ ЛИ ОВАА ГОДИНА ЗАПАМЕТЕНА ПО НАЈНИСКАТА РЕАЛИЗАЦИЈА НА КАПИТАЛНИ проекти?

    Време зa читање: 4 минути

    Додека тече расправата за Предлог-буџетот за 2025 година, се вади дежурниот аргумент на секоја влада, а тоа се капиталните инвестиции како развојна компонента. Колку се поголеми капиталните инвестиции, толку се поголеми ветувањата за нови патишта, пруги, училишта, водоводи… Но, експертската јавност често потсетува дека под велот на капиталните се протнуваат и разни други расходи. Кои неоправдано се нарекуваат капитални, а повеќе личат на тековни трошоци.

    За оваа година во Буџетот беа планиран околу 730 милиони евра за капитални инвестиции. Според податоците од Министерството за финансии, заклучно со 18 ноември се искористени само 43,8 проценти од парите за оваа намена, односно 318,4 милиони евра! Иако обично најголемите плаќања остануваат за крај, прашање е дали оваа 2024 ќе биде запаметена како година со најниска реализација на капитални проекти.

    Од Владата во повеќе наврати споменаа дека затекнале лошо планирање, лоша документација, аргументирајќи пропаднати проекти. Некои проекти ги прекина како, на пример, пругата кон Бугарија, со образложение дека проектот е прескап и завршува во тунел. Од друга страна, додека трае изборниот процес, се сопираат нови проекти, па годинава беше осудена на полош резултат.

    За 2025 година планирано е да се потрошат 821 милион евра за каптални расходи. Цело време додека трае расправата за буџетот, Владата убедува дека станува збор за реални и издржани проекти кои ќе се остварат, а тоа е и главниот аргумент за проектираната стапка на економски раст од 3,7%. Сепак, експертите потсетуваат дека наредната година не чекаат локални избори, кога исто така забавуваат инвестициските активности, иако започнатите проекти може да продолжат со реализација.

    ЗА ПЕТ ГОДИНИ ЗА КАПИТАЛНИ РАСХОДИ ПОТРОШЕНИ 2,1 МИЛИЈАРДА ЕВРА

    Порталот Пари направи анализа какви биле капиталните расходи и каква била реализацијата во изминатите години. Последната заврша сметка за реализација на буџетот е за 2023 година, а усвоена е летово од страна на Собранието. Почнувајќи од 2019, како последна предпандемиска година, па заклучно со 2023, на име капитални расходи се потрошени 2,1 милијарда евра. Вистински бум во реализацијата е постигнат во 2023 година, кога биле потрошени 707,7 милиони евра, или 96,8% од планираното. Во 2019 година, пак, за капитални расходи биле потрошени само 289,6 милиони евра, а тоа е реализација од 78%.

    РАСТЕ УДЕЛОТ НА КАПИТАЛНИТЕ ВО ВКУПНИТЕ РАСХОДИ

    Она што е добар показател е фактот дека се повеќе пари од вкупните трошоци се трошат за капитални расходи. Ова го покажуваат податоците од 2019 заклучно со 2023, со исклучок на пандемиската 2020 година. Така, во 2019 година реализираните капитални во вкупните расходи биле 8,19%, а во 2023 година изнесувале 13,66%.

     

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично