ПОВЕЌЕ

    Кавадаречки ГМЛ може да стартува со понудата – 50 денари за акција од РЖ „Економика“

    Време зa читање: 3 минути

    Акционерите на РЖ „Економика“ ќе имаат можност да ги продада своите акции на кавадаречкиот ГМЛ. Најголемиот акционер, во чија сопственост се 40,04 проценти нуди по 50 денари за секоја од преостанатите 320.925 акции кои се предмет на преземање. Постапката може да почне со давање на понудата. Компанијата доби одобрение од Комисијата за хартии од вредност.

    „Комисијата за хартии од вредност донесе Решение со кое на Друштвото за производство, трговија и услуги ГМЛ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци му се издава дозвола за давање понуда за преземање на Рудници и железарница „Економика“ Акционерско друштво за трговија, финансиско посредување, изнајмување на имот и деловни активности – Скопје“, пишува во соопштението на КХВ.

    Во понудата за преземање не е утврдена најмалата количина обични акции, според која би се оценила успешноста на зафатот.

    На почетокот од јануари, откако претходно во декември купи 20 проценти, ГМЛ значително ја зајакна својата позиција во РЖ „Економика“, стекнувајќи дополнителни 107.324 акции, со кои во сопственост има вкупно 214.320 акции. Со таа количина само го потврди доминантното учество во акционерската структура со моменталните 40,04 проценти. Што беше оценето како потег кој ќе води кон ревитализација на железарската компанија, која подолг период се соочува со предизвици.

    Р.Ж.Економика се занимава со трговија на големо и мало на резервни делови. Исто така, изнајмува и деловен простор и дава услуги од областа на сметководствено-финансиското советување. Сѐ уште не е објавен годишниот извештај за резултатите од одработеното во 2024 година. Но, според податоците што се однесуваат на трите лански квартали, се гледа дека од јануари до септември, фирмата која произлезе од некогашната скопска „Железарница“, бележи загуба од 105 илјади евра. Една година пред тоа била остварена добивка од десетина илјади евра и приходи од над 320 илјади евра.

    Цената од 50 денари за акција е истата по која и ГМЛ ги има купено хартиите од вредност издадени од РЖ „Економика“. Берзанската статистика покажува дека минатиот декември во два дена се реализирани шест трансакции. Преку нив се истргувани споменатите 107.324 акции, во вредност од 5.366.200 денари или над 87 илјади евра.

    Кавадаречката компанија е основана во 2007 година со основна дејност – трговија со индустриски машински делови. Со производство почнува во 2012 година, а како што е наведено на веб-страницата на ГМЛ, имаат за цел „во најкраток можен рок од едно место да се решаваат најголем број од проблемите на тековните и идни партнери“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично