
Катар со децении гради репутација на еден од најсигурните снабдувачи со течен природен гас во светот. Денес, по шест месеци војна и речиси блокиран излез преку Ормутскиот теснец, ситуацијата изгледа речиси неверојатно – Катар купува американски гас за да може да продолжи да ги снабдува сопствените клиенти во Азија.
Тоа можеби најдобро покажува колку драматично се промени светскиот пазар на гас за само половина година.
Катарскиот извоз на течен природен гас (ЛНГ) е намален за 96 проценти од почетокот на војната. Според податоците на ICIS, кои ги објави „Ројтерс“, во последните шест месеци од Катар испловиле само 18 пратки со ЛНГ, наспроти 509 во истиот период минатата година. Проценетата загуба од продажбата на гас веќе достигнува околу 24 милијарди долари. Пред конфликтот Катар обезбедуваше приближно една петтина од дневната понуда на ЛНГ на светскиот пазар.
Но, уште поинтересна е втората страна на приказната.
Државната QatarEnergy годинава купила 33 американски пратки со ЛНГ, кои ги испраќа кон Јужна Кореја, Тајван, Бангладеш, Индија и Јапонија. За споредба, цела мината година компанијата купила само четири американски пратки.
Вредноста на овие 33 товари се проценува на околу една милијарда долари, а количеството одговара на приближно една третина од она што QatarEnergy во нормални услови го извезувала за еден месец. До крајот на јули 28 од пратките веќе биле испорачани, а уште пет биле на пат кон азиските купувачи.
Парадоксот е очигледен: еден од најголемите светски производители на ЛНГ купува гас од својот американски конкурент за да ја зачува репутацијата на сигурен снабдувач.
Причината е едноставна. Околу 80 проценти од катарскиот ЛНГ вообичаено завршува во Азија, а долгогодишните односи со големите купувачи се премногу вредни за QatarEnergy едноставно да ги остави без договорените количества. По затворањето на Ормут компанијата прогласи „виша сила“, со што е ослободена од дел од договорните обврски, но сепак одлучи да бара алтернативен гас на американскиот пазар. Дел од пратките се купени директно од американската Venture Global, а дел од нејзини клиенти.
За американските производители кризата во Персискиот Залив се претвори во голема пазарна можност.
Од јануари до јули годинава САД извезле нешто повеќе од 73 милиони тони ЛНГ, што е раст од 23 проценти во споредба со истиот период од 2025 година, покажуваат податоците на Kpler. Тоа е рекордно ниво на американски извоз. Намалените катарски испораки дополнително ја зголемија побарувачката за американски гас и во Европа и во Азија.
Американската Агенција за енергетски информации проценува дека американските терминали годинава ќе работат со многу висока искористеност. Уште во март, во првите недели од прекинот на катарските испораки, американскиот извоз се приближил до рекордните нивоа, бидејќи купувачите почнале да бараат гас надвор од Ормут.
За Катар, затоа, загубата не се мери само во веќе исчезнатите 24 милијарди долари приходи. Многу поважна е битката да не се изгубат купувачите кои со години го земале катарскиот гас.
А токму во таа битка се случува пресврт што до пред половина година тешко можеше да се замисли: американскиот гас денес му помага на Катар да ги задржи клиентите за катарскиот гас.
(Фото: Creative Commons)
Аналитика








