ПОВЕЌЕ

    Кампинг, глампинг, куќички на дрво – ова се цените и понудата за престој во најпознатите домашни кампови сезонава

    Време зa читање: 6 минути

    Летото е идеално за кампирање, а голем е и бројот на граѓаните кои планираат годишниот одмор да го поминат кампирајќи во авто-камовите кои постојат кај нас. Порталот „Пари“ ги истражи цените и основните услови за кампирање во некои од најпосетувани кампови во Македонија и тоа според критериумите за престој во нив за двајца или за четиричлено семејство.

    Иако еден дел од некогаш популарните кампови за домашните (и странски) посетители и кампери крај Охридското, Преспанското и Дојранското езеро се затворени или работат со намален капацитет и се нереновирани, останатите, според содржините кои ги нудат, како и според цените на услугите, пружат релативно добри и финансиски прифатливи услови за камперски летен одмор.

    Камповите крај Охридското езеро, кои се и најбројни, се застапени и на струшкиот и на охридскиот дел од езерското крајбрежје. Во автокампот Љубаништа, едно од најпосетуваните камперски локации,  сместување во сопствен шатор за двајца, за ноќевање чини 1000 денари, со вклучен приклучок за струја. За сместување во шатор за четворица  се плаќа 1400 денари. Поставување приколка во која се дозволени максимум четворица- чини 1800 за едно ноќевање, додека за престој над 3 дена  е 1500 денари дневно. Кампот ја нуди и опцијата престој во нивни шатори, односно глампинг, за кој ќе платите 1600 денари за двајца дневно, 2700 за четворица. За дете се доплаќа по 500 денари.

    Автокампот Градиште е најголемиот на охридката ривиера, се протега на речиси 90.000 м2 на брегот на Охридското Езеро. Располага со бунгалови, камп приколки и слободни парцели за поставување приватни шатори или камп приколки. Сместување во сопствен шатор за двајца е 1000 денари дневно, со приклучок за струја 1100. За четиричлено семејство основата е иста, само за децата се доплаќа по 200 денари. Како гости во А.К. Градиште на располагање ви стојат: паркинг, маркет, ресторан, 3 плажи и неколку барови (Marshall Beach Bar, Градиште 1 Restaurant , Blue Beach Bar, Градиште 2 Beach, Градиште 3 – Jungle Beach Bar).

    Извидничкиот камп Охрид има популарни цени – 240 денари по лице за сместување во сопствен шатор. Кампот, инаку, нема простор за поставување на сопствена приколка. Во кампот се издаваат и соби во цврста градба, но, како што информираат одговорните лица од кампот, капацитетите се целосно исполнети до 28 август. Инаку, цената на сместување во собите изнесува 20 евра по лице, за полн пансион.

    Ливадиште е целосно реновиран минатата година. Со него стопанисува Елем Турс. Се наоѓа 7 километри од Струга , во близина на Радожда нуди забава за сите возрасти, одбојка на плажа, спортски терени за фудбал и кошарка, мини голф, нуркање. 0д 500 до 700 денари е место за шатор, зависно од големината на шаторот, без оглед на бројот на лицата кои се сместени во него. За поставување сопствена приколка ќе платите 700 за плацот, 300 за струја и туристичка такса, што изнесува 1100 денари од вечер. Кампот располага и со стационирани приколки, кои се издаваат од вечер, а наемот изнесува 1150 денари. Во бунгаловите во кампот двајца можат да престојуваат за 1.700 денари дневно, додека четирикреветните бунгалови се изнајмуваат за 2.300 на ден.

    Кампинг АС Струга, на влез во Струга од Охрид, блиску до Еуротелот, е делумно реновиран, познат по дебелите сенки. На веб страницата на кампот е даден број за комуникација, но, тој ќе ве одведе до рецепцијата на хотел Дрим. „Пари“ сепак успеа да дојде до цените за престој во кампот за оваа туристичка сезона, а тие се исти како лани. Цената за поставување на шатор е 300 денари без оглед на големината, по 50 денари такса, а 180 денари се плаќа за возило. Ќе платите 900 денари за поставување на сопствена камп-приколка, а во АС има и сместување во бунгалови. Помалите, за 3 лица можат да се изнајмат за 40 евра дневно, додека поголемите, во кои можат да спијат до 5 лица чинат 50 евра дневно.

    Кампинг Скаут Струга ецелосно обновен и опремен камп, лоциран е на пошумена површина од 6.500 м2 на работ на градот Струга на брегот на Охридското Езеро. на само 500 метри од центарот на градот, 400 метри од главниот зелен пазар, и со 5 различни плажи на радиус од 500 метри. Поставување на сопствен шатор се плаќа по 180 денари дневно,  сместувањето во него е по 300 денари од човек, за деца до 12 години се плаќа по 120 денари, дневно,  додека од 840 до 1.320 денари  се движи поставување на приколки, во зависност од нивната големина.Приклучок за струја чини 120 денари дневно, паркинг на возило 120. Кампот нуди и сместување во нивни објекти. Изнајмувањето на двокреветна соба чини 1.320 денари, на трокреветна 1.440, а на четирикреветна – 1.560 денари. Изнајмување на куќичка на дрво со два кревета чини 1.320 денари.

    Кампинг Крани се наоѓа во населбата Крани крај Преспанското езеро. Располага со 30 апартмани и 20 бунгалови секој со по 2 соби, 4 кревети, бања, кујна и тераса по цена од: наем на апартман чини 1.800 денари дневно, 1600 денари се плаќа за бунгалов за двајца плус по 40 денари такса, додека наем на четирикреветен бунгалов изнесува 1800денари, локација за камп приколка 500, за шатор 350. По 300 денари чини појадок во ресторанот на кампот.

    Кампот Партизан во Стар Дојран оовозможува кампирање во сопствени шатори, како и во бунгалови кои се изнајмуваат. Кампот нема места предвидени за поставување на камп-приколки. 300 денари за помал шатор, 500 за поголем, 100 денари за струја се доплаќа, за возило не се доплаќа.

    ЧИТАЈТЕ И: ОХРИДСКИТЕ ЦЕНИ ПОЛУДЕА: Една ноќ во реновирана гаража 2.000 денари од 1-ви август

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање на хиперлинк до содржината што се цитира.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично