ПОВЕЌЕ

    КАМАТИТЕ И ДОНЕСОА ПОВИСОКИ ПРИХОДИ на ТТК банка  

    Време зa читање: 3 минути

    Позитивни се финансиските резултати на ТТК банка по одработените девет месеци од годинава. Банката располага со депозити од 140,7 милиони евра. На малите и средните претпријатија, како и на граѓаните им се одобрени кредити од 82 милиони евра. За една година приходите од камати се поголеми за 13,4 насто.

    Добивката на ТТК банка изнесува 78,1 милиони денари (1,26 милиони евра) и е за 9,45 отсто пониска од онаа остварена од јануари до септември лани. Сепак, последното достигнување е „за 34,2 проценти или 19,9 милиони денари над планираното ниво за крајот од третото тримесечје од 2024 година“, наведуваат од Банката.

    Исто така, се посочува дека со редовното оперативно работење е генериран позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 117,7 милиони денари (1,9 милиони евра), како резултат на оперативните приходи од 421,2 милиони денари (6,8 милиони евра) и оперативните трошоци од 303,5 милиони денари (4,9 милиони евра).

    Во таа насока е и податокот – исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа е 38,6 милиони денари (627,6 илјади евра).

    Податоците од финансискиот извештај покажуваат дека за девет месеци каматите и донеле на ТТК банка 328.190.000 денари, односно 5,3 милиони евра. А, нето-приливите од камати, кои ја претставуваат основата на вкупните приходи, се 256,3 милиони денари или 4,16 милиони евра. Зголемени се за 13,4 проценти споредено со истиот период од претходната година. Планот е остварен со 100,7 проценти.

    Петпроцентно намалување има кај нето-приходите од пресметаните и наплатени провизии и надоместоци за извршените услуги, преку кои се обезбедени 125,4 милиони денари (над два милиони евра). Од курсните разлики, пак, е заработен нето-износ од 12,2 милиони денари (198,3 милиони евра). Овде е забележан годишен раст од 7,9 проценти. Поголем пад, од 66,7 отсто, е регистриран во ставката останати приходи, каде е запишана сума од 13,9 милиони денари или 226 илјади евра.

    Во овој деветмесечен период оперативните трошоци се во вкупен износ од 303,5 милиони денари (4,9 милиони евра). Повисоки се за 9,8 насто.

    Во тој период ТТК банка успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда и го зголеми почетниот капитал за 67.587.000 денари (над милион евра). По ова, вкупниот капитал изнесува 1.033.173.000 денари (16,8 милиони евра), со што дополнително се зајакна билансот на состојбатата.

    „Банката ќе продолжи да дејствува проактивно, фокусирајќи се кон стабилно и профитабилно оперативно работење врз основа на реални и на предвидливи очекувања. Кредитната активност се очекува да продолжи да се реализира преку работата со населението и со малите и средни претпријатија, паралелно со севкупното зајакнување на економската активност и на зголемената побарувачка за кредити“, посочуваат од ТТК банка, додавајќи дека ќе ги преземат неопходните активности за одржување на квалитетот на портфолиото, конкурентноста и развојот на понудата на производи и услуги, како и изнаоѓање флексибилни решенија приспособени на потребите на клиентите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично