ПОВЕЌЕ

    Како на филм – Поштар исчезнал со 60-на пензии и се јавил од Бангкок?

    Време зa читање: 2 минути

    Поштарот од Вишиќи кај Чапљина, кој исчезнал откако презел десетици пензии за достава, наводно се јавил од Бангкок. Но, наводите на босанските медиуми засега немаат официјална потврда од полицијата. Случајот добива филмски пресврт – од Мостар преку Сараево и Турција, до Тајланд, додека во Чапљина пензионерите останале без своите пензии.

    Порталот Bljesak.info, повикувајќи се на GPMaljevac, објави дека поштарот се јавил на своето семејството и рекол дека се наоѓа во Бангкок со девојка. Притоа се нагласува дека полицијата сè уште нема официјална потврда ниту за неговата локација во Бангкок, ниту за околностите на неговото заминување.

    Претходно Hercegovina.info пишуваше дека на подрачјето на Чапљина не биле доставени меѓу 50 и 60 пензии што поштарот ги презел за достава. Според истиот медиум, станува збор за сума од околу 27.000 конвертибилни марки, односно за околу 13.800 евра. Но, овој број и износ не се официјално потврдени.

    Уште еден босанскохерцеговски медиум, Oslobođenje, објави дека станува збор за 31-годишниот Стипе Јукиќ, вработен во Хрватска пошта Мостар, и дека според неофицијални информации не биле врачени повеќе од 50 пензии. Овој медиум наведува и пониска проценка – околу 25.000 КМ – и исто така нагласува дека ниту бројот на пензиите, ниту сумата не се официјално потврдени.

    Патот на поштарот, според информациите на Hercegovina.info, започнал на 5 септември, кога со пријатели заминал кон Мостар, каде што престојувал во хотел. Потоа продолжил за Сараево, од каде што со авион отпатувал за Турција. Според купениот авионски билет, крајната дестинација била Бангкок, но не било потврдено дали навистина слетал таму.

    Неговиот последен потврден контакт со мајка му бил на 6 септември околу 20:50 часот, преку WhatsApp. Следниот ден, на 7 септември околу 10:30 часот, таа го пријавила неговото исчезнување во полицијата во Чапљина. МУП-от на Херцеговачко-неретванскиот кантон потврдил дека е распишана оперативна потрага и дека полицијата ги утврдува сите околности.

    Во меѓувреме, Хрватска пошта Мостар соопшти дека е запознаена со случајот и дека се спроведуваат интерни проверки за утврдување на фактите и околностите. Од компанијата не соопштуваат детали, но уверуваат дека пензионерите ќе ги добијат своите пензии.

    (Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично