Речиси секому му се случува да отиде во продавница нешто да купи, а всушност да излезе со нешто сосема друго, често пати и доста поскапо од тоа што во моментот може да си го дозволи. Признавањето самите пред себе дека малку сме се опуштиле во трошењето пари за подоцна да видиме дека тоа што сме го купиле не било неопходно, во нас буди одредено чувство на вина и непријатност, па бараме оправдување и причини коишто нé навеле на таков чекор. Сé до наредното одење во некоја продавница и враќање со нешто ново купено за кое немаме нити план, нити располагаме со доволно средства до наредната плата. Тогаш проработува совеста за нашето неодговорно однесување кон парите и се прашувате како мудро да располагате со нив. Таквиот начин на живот, кога непредвидено го намалуваме сопствениот буџет, може лесно да нé доведе до поголеми проблеми поврзани со финансиите во нашиот дом, приморани да запаѓаме во непотребни долгови и позајмици.
Луѓето коишто се нашле во таква ситуација и некако успеале да излезат од неа, велат дека ништо не е толку непријатно и стресно како будењето со мислата дека некому му должиш пари, а немаш начин како да ги вратиш. Оние пак, што не успеале да излезат од таа криза, сметката ја плаќаат дури и со нарушено здравје. Во Библијата пишува: „Кој зема заем, слуга е на оној кој дава заем” (22:7).
ВНИМАВАЈТЕ: Долговите ни ја преземаат контролата во нашиот живот! Потребно е да знаете како мудро да располагате со парите.
За да се избегнат овие несакани ситуации, потребно е искрено да си зададете важна цел – како мудро да располагате со сопствените пари. Најголемата заблуда кај младите е дека водењето сметка за трошењето пари е некаков вид на стега и заробување на својата слобода, водени од желбата да купите нешто што го посакувате во моментот, независно дали имате доволно средства.
Но, фактите се поинакви. Кога внимавате како ги трошите своите пари, сé повеќе имате за работите што навистина ви се потребни во дадениот момент или во иднина. Колку и да звучи неостварливо, сепак, доколку внимавате и трошите паметно, ќе имате повеќе пари кога ќе ви бидат потребни (10 работи што мора да ги знаете за парите). Воедно ќе имате помали долгови, или пак, воопшто ќе ги немате. Тогаш контролата над своите потреби и желби ја имате вие во свои раце и можете полесно да ги остварувате своите цели во животот.
Финансиска независност
Зрелоста кај луѓето не доаѓа со годините, туку со начинот на размислување и делување. Паметното располагање со своите пари и сопствениот буџет е прашање на зрелост. Зрелите луѓе се одговорни за својата иднина. Најголемата припрема за младиот човек да созрее, е да знае како самиот да се издржува. Оние што умеат добро да располагаат со своите пари имаат и поголема сигурност во самите себе и себепочит. Нивната дисциплина во трошењето пари им дава многу поголема слобода од оние што западнале во финансиски долгови. Тие можат многу полесно да отпатуваат на дестинација каде што посакале, да купат недвижнини, или да започнат нов бизнис, што ќе придонесе уште повеќе да ја обезбедат финансиската состојба во својот живот.
Оттука заклучуваме дека финансиската независност доаѓа преку умешното располагање со парите како знаење и вештина што ќе ни користи во текот на целиот живот.
Во една пригода Бенџамин Френклин изјавил – „Заштедените пари се исто што и заработени пари”. За да заштедите пари и како мудро да располагате со нив, не треба многу труд, туку семоконтрола и свесност.
Подолу ви даваме совети преку 3 основни чекори како најлесно тоа да го сторите:
ПРВ ЧЕКОР
Пронајдете ги своите слабости!
За да ги промениме сопствените навики на неконтролирано трошење пари, и да стекнеме одговорно однесување кон нив, најдобро е да излегувате со помалку пари со кои ќе можете да располагате. Сето она што ќе ви го привлече вниманието во моментот да го купите, автоматски нема да можете, и на крај на денот ќе согледате дека подобро е што не сте избрзале и не сте ги потрошиле парите.
Ако трошите повеќе отколку што заработувате, најважно е да откриете каде ви одат парите и кои од тие работи не се потребни. Намалете ги трошоците до таа мера кога парите што ќе ви останат, ќе ви обезбедат финансиска сигурност и стабилност секој месец. Некои млади луѓе кои започнуваат разумно да ги трошат своите пари велат дека тоа многу им помогнало и не го купуваат тоа што го виделе и посакале веднаш. На овој начин не се впуштаат во дневно пазарење и трошење, туку размислуваат за тоа колку нешто навистина им е потребно. Според статистиките, многумина од нив се откажале од намерата да го купат наредниот ден. Затоа е важно да не избрзувате при купувањето.
„Слаби точки“ на трошење
Најпрво морате да утврдите на кои работи највеќе ви се „исклизнуваат” парите од рацете. Ако често пати се наоѓате во ситуација на крајот од месецот да немате пари и позајмувате од други, тогаш неопходно е да ги утврдите вашите „слаби точки” на трошење. За некого тоа се фирмирани парчиња гардероба, за други тоа се некои ситници кон кои постои одредена слабост и желба да ги поседуваат, за трети тоа се разни игри, забави, што и не мора да имаат материјален облик. Кога секој ден трошите пари на нешто што и не е многу скапо, но е непотребно, сепак на крајот од месецот, ќе се зачудите каде ви исчезнале парите и ќе се прашате како мудро да располагате со парите.
„Вистински сиромашен човек не е оној кој има премалку, туку оној кој секогаш бара повеќе“ – Сенека, римски филозоф и писател.
ВТОР ЧЕКОР
Водете евиденција!
Неминовно е да започнете да водите евиденција на трошоците. На тој начин и најдобро ќе пронајдете каде најмногу се трошат парите. Со самата евиденција почнувате да водите сметка да не ги презаминете приходите со трошоците и да го одржувате вашиот буџет стабилен.
„Тајната на комотниот и успешниот живот со парите, е ставање на своите потреби и желби под нивото на своите приходи“ – Хенри Тејлор, англиски драматург.
ТРЕТ ЧЕКОР
Одредете го својот буџет!
Вашите желби за трошење треба да ги водите согласно буџетот со којшто располагате. Секој човек има различен буџет и различен прилив на средства. Не се огледувајте на другите луѓе и како ги трошат нивните пари. Имитрајќи некого како ги троши парите за нешто што и вие го посакувате, влегувате во состојба на занемарување на својот буџет. Тој некој можеби има поголем буџет од вас или можеби неодговорно се однесува кон него. И во двата случаи тоа не сте вие со вашиот буџет. Вашиот буџет е ваша одговорност на адаптирање на трошоците со потребите. Често пати друштвото во коешто се наоѓате или рекламите за одреден производ ве наведуваат да помислите дека мора да го купите веднаш поради одредена погодност или промоција што нема да биде достапна понатаму.
Сознанието дека и не мора сé да имате, нити секаде да одите, а притоа немате доволно финансиски средства, е реално размислување за својата фактичка финансиска состојба. Интересни се некои од размислувањата на младите луѓе кои изјавуваат дека доколку некогаш бидат глава на семејството не би си дозволиле туку така да го расипуваат буџетот и да го доведат семејството во криза. Бидејќи, кога постои финансиската криза во семејството, доаѓа до уште поголеми последици, како што се чести недоразбирања, кавги, нарушувања на семејните односи, па дури и растурање на брачната заедница поради финансиските потешкотии.
Семеен буџет
Одговорноста кон себе и кон своето семејство е воедно и одговорност кон семејниот буџет. Многу деца повеќе се несреќни во брак кога нивните родители се расправаат за пари и не живеат во слога, отколку кога немаат скапи играчки и предмети, но ја имаат семејната слога и љубов. Парите не ја купуваат љубовта, но го купуваат мирот за да може љубовта да постои и опстојува во домот и семејството. За секој млад човек ова треба да биде приоритет во животните определби, а посебно во иднина кога веќе ќе ги има стекнато навиките за раководење со сопствените пари.