ПОВЕЌЕ

    Јулска статистика на КХВ: Берзанскиот промет намален, објавите на СЕИ-НЕТ зголемени

    Време зa читање: 4 минути

    Вредноста на берзанскиот индекс МБИ 10 за еден месец е зголемена за 1,13 проценти, а прометот реализиран на Македонската берза речиси двојно се намалил, покажува јулскиот извештај на Комисијата за хартии од вредност

    На крајот од јули МБИ 10 изнесувал 5.778,15 индексни поени, за разлика од јуни кога биле забележани 5.713,34 индексни поени.

    Во текот на минатиот месец, на домашниот пазар бил остварен промет од 196 милиони денари, или речиси 3,2 милиони евра. Тоа, како што е наведено, претставува 54,23 отсто од вкупниот реализиран промет на домашниот и на странските пазари, каде што прометот е 2,7 милиони евра. Односно, споредено со јуни има намалување од 45,67 проценти. Толкав е и процентот на падот кај месечниот промет реализиран на Македонска берза.

    За 32,27 отсто се намалени и трансакциите во јули. На домашниот пазар ги имало 783, додека во јуни се евидентирани 1.156 трансакции.

    Според КХВ, вкупниот јулски прилив на средства во отворените инвестициски фондови изнесува 11,6 милиони евра, а во однс на месецот пред тоа забележан е пад од 37,5 отсто (18,6 милиони евра во јуни). Одливите, пак, се намалени за 43,09 проценти и изнесувале 9,2 милиони евра. Оттука и позитивната нето-разлика од 2,4 милиони евра.

    „На последниот ден од јули нето-вредноста на отворените инвестициски фондови изнесуваше 12,2 милијарди денари, односно 200 милиони евра, што претставува месечно зголемување од 2,3% во однос на последниот ден од јуни“, се посочува во извештајот на Комисијата.

    Што се однесува до електронскиот систем за известувања СЕИ-НЕТ, тука има зголемување од 136,89 проценти. Тоа е резултат од објавите на полугодишните финансиски извештаи. Поточно, наспроти регистрираните 103 известувања во јуни, во јули има 244 објави. Од нив, 96 се неревидирани финансиски извештаи за првата половина од годината, 114 се други ценовно чувствителни информации, со четири е објавен јавен повик за собрание на акционери, три се предлог одлуки за собрание на акционери, десет се други одлуки од собрание на акционери, четири објави се за ревидирани финансиски извештаи, седум се однесуваат на измени во органи на управување, две се за распределба на добивка, три се однесуваат на откуп односно продажба на сопствени акции, а една објава е во врска со голема зделка. Во однос на споредбата со јули лани, бројот на објави во јули е зголемен за 16,75 насто.

    А, пак, во Регистарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување, на први јули се воделе 11 акционерски друштва, кои имаат 23 објави.

    Нема промени ниту кај акциите на компаниите – 93, кои котираат на официјалниот пазар на Македонска берза. Три од нив се долгорочно суспендирани од котација. Во извештајот на КХВ се посочува дека поради континуирано неисполнување на обврските согласно Правилата за котација, Берзата ја изрекла таа мерка на „АрцелорМиттал“ Скопје (ХРМ) АД Скопје, „Благој Туфанов“ АД Радовиш и „Трудбеник “АД Охрид за период од најмалку 30 дена, односно се до отстранување на неправилностите. Затоа, со нивните акции се тргува на подсегментот слободен пазар и за нив важат законските обврски за известување за тој пазарен сегмент.

    Покрај тоа, во текот на јули на имало и корпоративни обврзници од издавач чии акции не котираат на Берзата, а кои се примени лани. Се работи за обврзниците издадени од Осигурителното брокерско друштво СН Осигурителен брокер АД Битола.

    Во текот на минатиот месец КХВ дала две одобренија за издавање долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда – на Халк банка АД Скопје за дваесетта емисија од 184.500 обични акции и на „Триглав пензиско друштво“ АД Скопје за третата емисија од 20.000 обични акции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично