ПОВЕЌЕ

    ИНВЕСТИЦИИ НЕ СЕ ПРИВЛЕКУВААТ САМО СО БЕНЕФИЦИИ – Виктор Мизо во „Каде се парите?“

    Време зa читање: 5 минути

    Борбата против корупцијата како нулта стартна точка, дигитализација, намалување на бирократските процедури, директна поддршка на извозот, се најосновните работи на кои укажува деловната заедница како неопходност за економски развој. На сето ова постојано се укажува, но сега директно им е посочено на најголемите политички партии со цел да станат дел од нивните партиски, а потоа и да се имплементираат преку владните програми, вели Виктор Мизо во поткастот „Каде се парите?“. Како претседател на Советот на странски инвеститори и како член на Бордот на „Македонија 2025“, вклучен е во тие разговори. На средбите се презентираат наоди, очекувања, барања, но и совети за начините на кои тоа би се реализирало.

    „Борбата против корупција треба да биде основната активност. Корупцијата е рак-рана на нашето општество подолго време, но сега е извадено на површина и од страна на меѓународните фактори. Пред се, тука се три теми. Дигитализација, тоа прво е начин за намалување на корупцијата, но истовремено и за поефикасно работење на администрацијата, што значи да се оптимизираат процесите. Потоа, она што значи конкурентност на стопанството, или намалување на непотребните бирократски процедури и регулативи. Па, директна поддршка на извозот. Знаеме дека во Македонија многу мал број компании извезуваат и пред се се концентрирани кон ЕУ. Значи, ни треба диверзификација и по географија, но и по вид на производи и како тие компании да се поддржат. И третата тема околу таа конкурентност е поставување рамка и стратегија за привлекување срански инвестиции, од гледна точка на детектирање“, наведува Мизо.

    Во тој контекст појаснува дека за тие потреби би требало да се формира и нова институција.

    „Би ја нарекол агенција за економски развој, да не биде за локални или за странски инвестиции. Тука да влезат и инвестиции и претприемништво и промоција на извозот. Но, на едно место. Тоа да биде како едношалтерски one-stop shop и да има луѓе кои ќе раководат со оваа институција и кои ќе бидат техничките кадри со соодветно искуство и знаење. Професионализација, а не партизација. Тоа е нормално во успешните земји“, нагласува Мизо, кој смета дека политичарите ги земаат овие укажувања како важни, исто како и сите советодавни решенија што произлегуваат од „Македонија 2025“.

    Тоа е практика во голем број земји, посветени на привлекувањето странски инестици и на економскиот разво – Ирска, Сингапур, Унгарија, Словачка, Мароко, Чиле, Колумбија, Костарика, Турција, Индонезија, Филипини…

    „Зборуваме за многу различни земји кои активно работат во овој процес и работат на привлекување инвестиции со соодветни кадри. Тие кадри можеби се едуцирале во странство, работеле во консултантски фирми, во ивестициски банки, или, пак, имале искуство во водење фирма каде што имало некаков буџет. Ако не сте воделе фирма со 20-30 милиони евра на локално ниво, како ќе знаете да разговарате со извршни директори или раководство на мултинационални компании со годишен обрт од над 30 милијарди долари“, потенцира Мизо.

    Смета дека привлекувањето на инвеститорте не може да се базира исклучиво на бенефициите што ги дава државата.

    „Треба се друго да ги поминало анализите, дека како Македонија сте подобри или барем исти како другите анализирани локации, па потоа бенефицијата можеби да превагне на едната или на другата страна. Само со бенефиција ако се обидете да привлечете странска инвестиција, што ќе се случи? Таа инвестиција ќе нема долгорочност, ќе биде тука додека има бенефиција. Бенефициите кои денес се нудат кон компаниите, ако ги споредам со оние што се нуделе пред 10 години, по вредност се поголеми. Посебно во кеш компонентата, односно грантот поврзан со вредноста на инвестицијата“.

    Државата, вели тој, најбрзо што може, до крајот на годинава, мора да се прилагоди кон глобалниот минимален данок од 15 проценти, наменет за компаниите кои добиваат даночни ослободувања.

    „Целиот пакет на бенефиции треба многу брзо да се редизајнира. Оваа смена значи – оваа година ќе платиме данок за 2024, а во 2026 ќе се исплати 15-процентен данок на добивката, во домицилните земји од каде што ние доаѓаме. Значи, тој данок ние како држава ќе го изгубиме. Ова даночно ослободување мора да се преформулира во друг вид бенефиција, бидејќи причината за воспоставување на ваквото правило е за да се намалат даночните раеви, но истовремено да се намали и целиот оној концепт на даночни ослободувања. Ова се однесува на компании со глобален обрт од над 750 милиони евра“, образложува Мизо.

    Според анализите што ги мнаправиле, во Македонија има педесеттина такви компании, па државата ќе се соочи со одлив на средства, предупредува Мизо:

    „Многу е важно како ова ќе се трансформира во идните пакети за државна помош. Зашто, само за оваа година, минимум триесеттина милиони евра нема да се прилив во Македонија, туку ќе се одлив во земјите на ЕУ, Велика Британија, Канада, од каде што се овие компании. Глобалниот данок е наменет за компаниите кои добиваат даночни ослободувања. Тој е 15 проценти, а ние добиваме ослободување од 10 проценти. За пет проценти поскапува работењето во Македонија. Затоа, треба да се изнајде начин како ова да биде неутрално за сите, конкурентноста да остане на ова ниво“.

    Деловната заедница сака да е вклучена во процесот на консултации при измена на законската регулатива, затоа што ги засега и странските и домашните компании. Бараат и синхронизирање на царинскиот тарифник со тарифите во ЕУ. Мизо укажува дека тоа првпат е направено пред три години, со адаптација на околу 260 тарифни бројки, што е многу значајно, па треба да се продолжи со тоа. Исто така, побарале и усогласување на сметководствените правила според меѓународните стандарди. Потврдено е дека ќе стартува од први јануари 2025. Инсистираат и на униформиран пристап кај сите даватели на државна помош, односно – оправдан инвестициски трошок според меѓународни стандарди.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично