Делото „Пиета во прекривките на ургентноста“ на македонскиот уметник Велимир Жерновски имаше фантастично отелотоворување во објектот „Спацио Кастело 77“ на влезот во Арсенале на годинешното 61. Венециско биенале.
Асоцијацијата на Микеланџеловата Пиета спакувана во ургентни прекривки како крик на глобалното човечко страдање и немоќ, имаа магнетска привлечност за интернационалната публика на Биеналето.
Со гордост стоев пред нашиот тивок протест – во контекст на атмосферата што ја постигнавме, но гласен – во пораките кои ги испраќаме, говори Жерновски во интервјуто за Пари, во кое за себе вели дека е заколнат борец за превласт на разумот и уметноста врз капиталот.
Пари: Како публиката на Биеналето реагираше на твојата уметничка интервенција врз ова импознатно дело?
Жерновски: Реакциите беа онакви како што и очекував. Не затоа што ова дело е работено по некаков рецепт, напротив, затоа што посетителите во тишината ја слушнаа болката која ја оплакува човековата веќе извесна судбина. Капиталот е немилосрден, улогата на поединецот е сѐ понезначајна. Соочувањето со немилосрдноста е судбината на луѓето.
Достоинствениот плач на живиот над мртвиот ја понесува сета болка и го подава својот близок како последна жртва.
Во контекст на темата на овогодишното Биенале – „Во ниски тонови“, публиката во моето дело препозна еден болен плач во тивкиот сакрален простор и молкум стоеше пред оваа слика.
Инаку, Биеналето годинава беше преплавено од темите врзани со најразлични несреќни случаи, како и невиден број на протести и отпор. Некако сѐ беше изместено од досегашниот тек на оваа манифестација.
Но, јас со гордост стоев пред нашиот тивок протест – во контекст на атмосферата што ја постигнавме, но гласен – во пораките кои ги испраќаме. Тоа го забележаа и сите звучни имиња кои сѐ уште го посетуваат во голем број нашиот павилјон, како и публиката која непрестано доаѓа во голем број.

Пари: Дали твоите дела се тригерирани од актуелните светски превирања или произлегуваат од некои длабоко интимни приказни?
Жерновски: Мислам дека е повеќе од јасно дека моето лично е секогаш испреплетено со политичкото, актуелното.
Болката станува универзален термин. Додека зборуваме за личните трауми и ги промислуваме во контекст на уметнички дела, доаѓаме до заклучок дека не така лесно можеме да ги раздвоиме овие две царства – личното и геополитичкото. Она внатрешното и она кое не опкружува.
Пари: Велимир кој беше иницијалниот мотив овој своевиден омаж на Микеланџеловата Пиета да се завитка во метализиран вселенски материјал?
Жерновски: Иако се провлекува Микеланџеловата Пиета низ кураторските текстови и објави, самиот модел е мое согледување на телесноста, болката и тагата. Пиетата потекнува од католичките црковни мотиви, па затоа ја поистоветивме со неа и заради контактот со интернационалната публика.
Материјалот со кој е обвиткана е клучниот елемент во ова дело. Станува збор за материјал откриен во раните 60-ти години на минатиот век од страна на НАСА – како замена за тешкиот алуминиум кој се користел за изработка на сателити и други тела лансирани во орбитата на земјата, и негова основна цел била како заштита од радијација и температурни разлики.
Шеесеттина години подоцна, кога овој материјал беше пуштен за широка употреба, доби сосема поинаков контекст. Златестите фолии кои прекриваа човечки тела, станаа симбол на човековата болка и страдање. Вестите и медиумите од тогаш па наваму се преплавени со траорни слики на бегалци, починати деца, така што овој материјал стана симбол на човековата беспомошност, воопшто. Овие светкави материјали како да ја преплавија планетата носејќи ги со себе најтажните слики, предизвикани од геполитичките случувања и бесмислените војни.
Обвиткувањето на препознатливата Пиета е еден вид вресок за промени, за освестување, како што вели Бјорк во една своја песна – „will my eyes be closed or open?“
Пораката е да не ги затвораме очите за тие таму некаде кои се оставени на милост и немилост, бидејќи живееме на иста Планета и сите сме на истиот пат.

Пари: Кои нови значења на делото „Пиета во прекривките на ургентноста“ изникнаа од овој венециски простор и како ти како автор го доживеа тоа?
Жерновски: Искрено, ова дело е конципирано и изработено како модел уште пред неколку години и за него барав соодветен простор за изложување. Малку подзаборавено, тоа повторно се актуелизираше во вистинскиот момент, кога излезе конкурсот на Министерството за култура за Венециското биенале.
Инспирирано од религиски мотив како надоврзување на мои претходни дела, оваа Пиета имаше цел да го помести овој наратив и да адресира низа современи случувања.
А, што се однесува до самиот простор, тој беше вистинско чудо. Трагајќи по него, долго време поминавме во истражување на скриените венециски улички. Како тим, сакавме да ја избегнеме помпезноста на „Арсенале“ и „Жардини“ и ја откривме оваа мала капела која на делото му даде посебна моќ и на моја голема радост, се најде во средината на случувањата.
Можам слободно да кажам дека нашиот павилјон беше еден од најпосетените надвор од официјалните павилјони на големите држави. Ова не е само мое согледување, туку и публиката посветено го бараше овој простор за да ужива во тивката, но моќна атмосфера што ја создаде скулптурата висока шест метри и тешка околу 500 килограми. Поставена во сакрален објект, но со една поинаква порака, таа со својот сјај ја облеа просторијата а нејзината сила се чувствуваше и надвор од објектот.
Пари: По сите овие искуства, што мислиш – дали врвната уметност неодложно е и скапа играчка?
Жерновски: Кој е тој што ќе застане и ќе прогласи нешто за врвна уметност? Кој друг ако не капиталот?
Затоа, многупати преку моите дела се обраќам на проблемите што ги создава капиталот. Ова чудовиште е навлезено во сите пори на нашето живеење и сакајќи ние или не, успева да нѐ контролира, обликува, но понекогаш и да нѐ освести.
Затоа сум и заколнат борец за превласт на разумот и уметноста врз капиталот. Животот ќе најде начин да опстане.
Или како што рече кралицата Елизабета Втора: „Ние сме само посетители на оваа Планета“.
А, за мене, незаборавна и освестувачка е фотографијата на Земјата направена од Војаџер 1, кој беше оддалечен околу 6,4 милијарди километри кога го направи славниот портрет на нашиот свет. Фатена во центарот на расфрланите светлосни зраци како резултат на фотографирање блиску до Сонцето, Земјата изгледа како мала точка светлина, полумесечина со големина од само 0,12 пиксели. Коментирајќи ја оваа слика, Карл Саган ќе рече:
„Погледнете ја повторно таа точка. Тоа е домот. Тоа сме ние. На неа се сите што ги сакате, сите што ги познавате, сите за кои некогаш сте слушнале, секое човечко суштество што некогаш постоело. Збирот на нашата радост и страдање, илјадници самоуверени религии, идеологии и економски доктрини, секој ловец и собирач на храна, секој херој и кукавица, секој создавач и уништувач на цивилизацијата, секој крал и селанец, секој млад вљубен пар, секоја мајка и татко, надежно дете, пронаоѓач и истражувач, секој учител по морал, секој корумпиран политичар, секоја ‘суперѕвезда’, секој ‘врховен водач’, секој светец и грешник во историјата на нашиот вид живеел таму – на прашок што виси во сончев зрак“.
Јас би додал дек наша задача е да не го загубиме овој дом и да не ја изгубиме една од најголемите придобивки на животот – уметноста. Да ја здржиме жива, ангажирана и во служба на сите.
Мимоза Петреска Георгиева
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








