ПОВЕЌЕ

    ДЗР: Истовремено земале и пензија и социјална помош – 236 илјади евра исплатени на 235 лица

    Време зa читање: 4 минути

    Во системот за социјална заштита се исплаќале права без целосно исполнување на законските услови, при што само во 2024 година се регистрирани најмалку 235 корисници кои истовремено користеле и пензија и социјална помош, како и случаи на неосновано исплатени средства во износ од околу 236 илјади евра. Ревизорите од Државниот завод за ревизија нотираат и дополнителни 14,5 милиони денари или 235,8 илјади евра неосновани исплати кај дел од корисниците поради слабости во размената на податоци меѓу институциите, недоволни контроли и системски пропусти во проверките.

    „Слабостите во системските контроли и размената на податоци меѓу институциите и недоволната ажурност и проверка на податоците за корисниците придонеле кон исплати на социјални права без целосно исполнување на законските услови и нанесена штета на Буџетот на државата“, наведуваат од Државниот завод за ревизија.

    Ревизијата на усогласеност на тема „Исплата на права на парична помош од социјална заштита“ опфати период од 2022 година до јуни 2025 година и ги анализира процесите на остварување, исплата и контрола на правата што се реализираат преку Министерството за труд и социјална политика, односно Министерството за социјална политика, демографија и млади.

    Ревизорите утврдиле дека системот за социјална заштита не е целосно усогласен со регулативата и дека постојат значајни слабости во нормативната рамка.

    „Со извршената ревизија ревизорите утврдиле дека системот и активностите за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита не се во согласност во сите материјални аспекти со релевантната законска и подзаконска регулатива“.

    Како дополнителен проблем се наведува и ограничената имплементација на Националната програма за развој на социјалната заштита 2022–2032, како и недостиг од функционален координативен механизам за следење.

    Во 2024 година за социјална заштита се исплатени околу 10.003.289 илјади денари (162,1 милион евра), што претставува 15 отсто од вкупните расходи на Министерството.

    „Исплатите во периодот од 2022 до 2024 година бележат тренд на пораст од околу 30 насто“, наведува ревизијата.

    Во системот просечно биле опфатени 113.666 корисници на социјални права.

    Ревизорите утврдиле случаи на преклопување на социјални права и пензии, како и исплати без исполнети критериуми.

    „Поради слабости во системските контроли и размената/преземање на податоци по службена должност за 2024 година ревизорите утврдиле 235 корисници кои истовремено стекнале, односно користеле и права од социјална заштита и пензија“, се наведува во извештајот.

    За овие случаи се исплатени 14.536 илјади денари (околу 236 илјади евра), од кои: 10.763 илјади денари за 190 корисници на гарантирана минимална помош; 426 илјади денари за 5 корисници на траен надоместок; 3.347 илјади денари за 40 корисници на социјална сигурност за стари лица.

    Дополнително, 11 корисници добивале средства без исполнување на старосен услов, при што се исплатени 3.211 илјади денари (52 илјади евра).

    Ревизијата нотира пропусти во постапките на центрите за социјална работа, меѓу кои: „Неизвршен непосреден увид во домаќинствата, недоволно или неспроведено годишно преиспитување на правата, задоцнето донесување решенија и некомплетност на службената евиденција“.

    Исто така, се нагласува и дека недоволната координација со Агенцијата за вработување доведува до слабости во активирањето на корисниците на гарантирана минимална помош.

    Ревизорите укажуваат дека не постои јасен систем за враќање на неосновано исплатени средства, ниту унифицирана практика меѓу центрите.

    „МСПДП нема донесено јасни упатства и процедури за склучување и следење на спогодбите за враќање на средствата“, посочено е во извештајот.

    Ревизијата констатира и инфраструктурни проблеми: „Поголем дел од службите се сместени во бараки со лоши услови за работа и несоодветни простории за прием на странки, а документацијата се чува по ходници и канцеларии, во картонски кутии и регистратори, без соодветна заштита“. Ова, според ДЗР, создава ризик од оштетување и губење на документацијата.

    ДЗР препорачува унапредување на законската рамка, подобра координација меѓу институциите и воспоставување поефикасен систем на контроли за да се намали ризикот од неосновани исплати и да се зголеми ефикасноста на системот за социјална заштита.

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично