ПОВЕЌЕ

    Поскапуваат бензините и дизелот – акцизите го неутрализираа ефектот од поевтинувањето на нафтата

    Време зa читање: 3 минути

    Од полноќ возачите повторно ќе плаќаат поскапо гориво. Иако цените на нафтените деривати на светските пазари во изминатата недела бележат пад од 2 до 5 отсто, бензините и дизелот во земјава поскапуваат поради враќањето на редовните акцизи во пресметката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

    „РКЕ во оваа пресметка ги вкалкулира референтните износи на акцизите за ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), со оглед на истекот на Одлуката за изменување на Одлуката за определување на видот на енергентите, временскиот период и начинот на пресметка на акцизата“, се посочува во соопштението од Регулаторот.

    Најголемото поскапување ќе го почувствуваат корисниците на бензините. Цената на Еуросупер БС-95 се зголемува за 1,50 денари и ќе изнесува 87,50 денари за литар, а Еуросупер БС-98 поскапува за 2 денари и ќе се продава по 90 денари за литар. Дизелот добива поскромна корекција од 0,50 денари, па новата цена ќе биде 87,50 денари за литар.

    За разлика од горивата за транспорт, поевтинуваат горивата за греење и индустријата. Екстра лесното масло за домаќинство ќе се продава по 86,50 денари за литар, што е намалување од 2,50 денари, додека мазутот поевтинува за 1,074 денари и ќе чини 46,223 денари за килограм.

    Според РКЕ, референтните цени на светските пазари се намалиле за 2,18 отсто кај бензините, за 4,44 отсто кај дизелот, за 5,1 отсто кај екстра лесното масло и за 3,64 отсто кај мазутот.

    Сепак, ефектот од пониските берзански цени е неутрализиран од истекот на владината одлука за изменетата пресметка на акцизите. Регулаторот повторно ги вкалкулира референтните износи на акцизите за бензините и дизелот, што директно влијае врз крајната цена што ја плаќаат потрошувачите.

    И покрај поскапувањето на одделни горива, РКЕ соопшти дека просечната цена на нафтените деривати формално се намалува за 0,10 отсто во однос на претходната одлука, главно поради поевтинувањето на екстра лесното масло и мазутот. Исто така, повисок за 0,5395 насто е и курсот на денарот во однос на доларот.

    Од 16 јуни во 00:01 часот максималните цени ќе изнесуваат:

    Трговците и понатаму имаат можност горивата да ги продаваат по пониски цени од максимално утврдените од РКЕ.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично