ПОВЕЌЕ

    НЛБ го зголеми влогот за Адико банка, Рајфајзен веќе придоби над 50 % од акциите

    Време зa читање: 3 минути

    За акција на Адико банка НЛБ сега нуди 33,5 евра. Износот е за 4,5 евра повисок од првичната понуда, но и за 7 евра е над конкурентската понуда од австриската Рајфајзен банк интернешенал (РБИ). Со овој потег, најголемата словенечка банка дополнително ја засили трката за контрола врз банкарската групација фокусирана на пазарите во Југоисточна Европа, пишува SeeNews.

    Акционерите на Адико, кои веќе ја прифатиле понудата на РБИ ќе можат да ја повлечат согласноста најдоцна четири дена пред истекот на рокот – 22 јули и наместо тоа да ги понудат своите акции на НЛБ.

    НЛБ ја објави првата понуда од 29 евра по акција на 13 мај, а ден подоцна РБИ излезе со конкурентска понуда од 26,50 евра по акција. За двете понуди е потребно прифаќање од најмалку 75 проценти од акционерите.

    Според податоците објавени во средата, РБИ веќе обезбедила прифаќање за 9.831.951 акции, што претставува 50,42 проценти од вкупниот број издадени акции на Адико банка.

    Освен во Словенија, НЛБ работи и во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, како и во лизинг-секторот во Хрватска. Со преземањето на Адико, која има банки во Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, НЛБ би добила можност индиректно да влезе и на хрватскиот банкарски пазар.

    Доколку преземањето биде успешно, НЛБ планира да ги интегрира банките на Адико со своите операции на пет пазари каде што двете групации веќе се присутни. Сепак, банката најави дополнителна анализа на трошоците и придобивките за интеграцијата на подружниците на Адико надвор од Европската Унија. Ова е втор обид на НЛБ да ја преземе Адико, по неуспешната понуда во 2024 година.

    Од друга страна, РБИ планира договор со српската групација Алта за продажба на банките на Адико во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, најмалку по нивната пазарна вредност, а би ги задржала банките во Хрватска и Словенија. Алта групацијата поседува 9,63 проценти од акциите на Адико и веќе го прифатила предлогот на РБИ.

    Минатиот месец управниот одбор на Адико им препорача на акционерите да ја прифатат понудата на РБИ, додека за понудата на НЛБ не даде јасна препорака ниту за прифаќање ниту за одбивање. Иако понудата на НЛБ е финансиски повисока, одборот оцени дека постои неизвесност околу нејзината успешност поради условите за минимален одѕив на акционерите и потребните регулаторни одобренија, особено во Хрватска.

    Меѓу најголемите акционери на Адико банка се австриската компанија S-Quad Handels- und Beteiligungs со 9,99 проценти, српска АИК Банка и словенечка Горењска банка со заеднички удел од 9,69 проценти, Алта групацијата со 9,63 проценти и Европската банка за обнова и развој со 8,40 проценти од акциите.

    (Фото: Адико банка Сараево – Фејсбук)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично