ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Кирилова: Првата верифицирана Академија за извршни менаџери во Виница ќе ги јакне менаџерските капацитети

    Време зa читање: 6 минути

    Источниот регион, но и на територијата на Македонија нема институција која обучува менаџери посебно во делот на меки вештини. Поради оваа причина, како и недостигот од менаџерски капацитети за компаниите во регионот, придонесоа виничката компанија Макпрогрес ДОО во соработка со јапонската Влада и ЕБОР да формира Фондација Прогресив Академија, во чиј склоп е формирана и Академијата за извршни менаџери. Апликацијата за упис на кандидати е отворена и активна до 20.08.2021 година и до сега има пријавени кандидати од сите сектори на работење. За активностите на Академијата разговараме со Александра Кирилова, директор на Фондацијата Прогресив Академија.

    Пари: Зошто имаше потреба од формирање на Академија за извршни менаџери?

    Кирилова: Минатата година компанијата Макпрогрес ДОО – Виница, во соработка со Јапонската влада и ЕБОР од Лондон, започнаа проект за  формирање и отворање  на првата сертифицирана програма за извршни менаџери во склоп на Фондација Прогресив Академија.

    Тоа што во Источниот регион, како и на територијата на Македонија нема институција која обучува менаџери, посебно во делот на меки вештини, како и недостигот од менаџерски капацитети за компаниите во регионот, се причини кои придонесоа за формирање на Фондација Прогресив Академија, во чиј склоп е формирана и Академијата за извршни менаџери.

    Пари: Каква е сега ситуацијата кај нас, колку нашите директори се обучени за менаџерски функции?

    Кирилова: Истражувањата на пазарот покажуваат дека во голем дел од малите и средни претпријатија, како и големите компании, семејните бизниси но и старт-ап компаниите, се јавува недостиг на менаџерски капацитети во делот на меки вештини.

    Дел од овие вештини се успешна деловна комуникација, лидерство базирано на вредности, во делот на толкување на финансиски извештаи и анализа, креирање на бизнис стратегија и планирање, менаџмент со промени, управување со човечките ресурси. Овие вештини се само дел од целокупната програма на Академијата за извршни менаџери, преку која идните менаџери ќе развијат нови знаења и вештини, согласно потребите на нивните компании.

    Пари: Колку оваа обука ќе придонесе за подобрување на работењето кај фирмите?

    Кирилова: Комбинираниот метод на учење, односно поврзаноста помеѓу теоријата и практичната настава, работа на случаи, мотивациони говори, развој на нови идеи, креативни работилници се само сегменти преку кои учесниците ќе можат реално да ги согледаат своите потреби и потребите на своите компании.

    Така ќе можат сами да изградат стратегија за работењето на компаниите, како и да изградат соодветен компетентен кадар за одредени работни позиции.

    Пари: Што ќе ги научи Академијата сегашните и идни менаџери?

    Кирилова: Целта на оваа Академија е на сегашните и идни менаџери да им овозможи да имаат една целосна слика за работењето на својата компанија и да го развиваат  својот бизнис според најсовремените светски трендови.

    Преку оваа програма учесниците ќе развијат когнитивни вештини за логично, интуитивно и креативно размислување, како и јакнење на нивниот авторитет, креативност во делот развој на иновации и развој на нивниот професионален интегритет и ориентација.

    Пари: Каков е интересот, дали веќе имате пријавено кандидати, колку чини и кои се условите за пријавување?

    Кирилова: Бидејки станува збор за нов иновативен тренинг центар, каков што нема на територијата на РСМ, на наше задоволство, интересот токму за оваа програма е изненадувачки голем. Апликацијата за упис на кандидати е отворена и активна до 20.08.2021 година и до сега има пријавени кандидати од сите сектори на работење.

    Секој поединец кој има желба да ги надоградува своите знаења и да развива нови вештини ќе може да се пријави на отворениот оглас за упис на кандидати. Бидејки бројот на кандидати е ограничен, ќе се врши селекција на кандидати, при што ќе се земаат во предвид одредени критериуми, како што се: работно искуство на раководна позиција, амбициозност, желба за развој на нови вештини и сл.

    Во однос на цената за упис на оваа Академија која ќе трае 9 месеци, цената за лице изнесува 1.400 евра во денарска противвредност, меѓутоа со компаниите со кои ќе се склучат Договори за партнерство и меѓусебна соработка цената ќе биде значително пониска, зависно од тоа што ќе биде определено и дефинирано со Договорот за Партнерство.

    Пари: Со обуки Академијата почнува од септември и ќе трае девет месеци. Зошто се одлучивте на подолга обука?

    Кирилова: Во самата програма за извршни менаџери се опфатени следниве модули:

    • Бизнис стратегија и бизнис планирање
    • Менаџмент со промени
    • Оперативен менаџмент (производство и логистика)
    • Иновации преку напредни технологии
    • Продажба и маркетинг
    • Финансии
    • Менаџмент на човечки ресурси
    • Успешна деловна комуникација и лидерство базирано на вредности

    Секој од горенаведените модули има теоретски дел, но и практичен дел, како што е работа на случај, работна посета на компании во регионот, мотивациони говори од гости говорници и сл..Идејата е да теоретските знаења ги примениме во самите компании во кои работиме, се одлучивме на подолга обука со цел успешна имплементација на стекнатите знаења и вештини.

    Пари: Кој ќе предава на Академијата, од кои области се предавачите?

    Кирилова: Врвни академски предавачи и практичари ќе бидат дел од првата Академија за извршни менаџери на територијата на РСМ. Дел од нив се предавачи на УКИМ, додека останатите се практичари во најголемите и најуспешните компании во регионот и Европа.

    Нашата визија е теоретските знаења да ги преточиме во искуства, со што самите кандидати во иднина ќе можат стекнатите вештини да ги пренесат во своите компании. Со тоа ќе придонесеме за развој на квалитетни и компетентни кадри, а тоа пак ќе придонесе до развој на бизнис секторот.

    Пари: Што понатаму дали Академијата ќе продолжи со обуки или засега е во план само оваа?

    Кирилова: Покрај Академијата за извршни менаџери, во склоп на Фондација Прогресив Академија е и Винчини академијата, која нуди обуки во техничките струки.

    Имајќи во предвид фактот дека знаењето е клучна алатка која го движи светот во новото, современо општество кога праксата и вештините се клучни за успех, среќни сме што во Источниот регион на Македонија ќе се развие нов извор на знаења, кој ќе придонесе за зголемена продуктивност, раст и развој на компаниите, а со тоа и развој на бизнис економијата во регионот и на ниво на РСМ.

    “Континуираното инвестирање во постојан раст и развој, јакнење на постоечките како и развој на нови вештини и знаења  – е вистинскиот пат до успехот! “

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично