ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | Јорданов: Ќе работиме на подобри економски резултати и соработка со Словенија

    Време зa читање: 6 минути

    „На македонскиот пазар, децении наназад опстојуваат повеќе словенечки компании или брендови кои им се добро познати на Македонците по квалитетната услуга или производ. И на словенечкиот пазар добро се позиционирани повеќе македонски брендови. Во последниов период има зголемен интерес кај македонските компании за инвестирање и извоз на словенечкиот пазар. Токму поради тоа, годинава е формирано Друштво на словенечки и македонски стопанственици, а за прв претседател на Управниот одбор на ова Друштво е избран извршениот директор во Триглав осигурување АД Скопје, Војдан Јорданов.

    Тој во интервјуто за „Пари“, објаснува дека целта на ова Друштво е  зајакнување на врските меѓу двете економии, споделување добри пракси и знаење, вмрежување и информирање на компании кои се заинтересирани за работење во Македонија или во Словенија, намалување на бирократските препреки за соработка. За да се запознаат институциите со работата на ова словенечко-македонско друштво на 14 декември ќе се одржи и Економски форум чија цел е да стане и традиционален.

    Пари: Годинава се основаше Друштво на словенечки и македонски стопанственици. Вие сте избран за прв претседател на друштвото. Која е неговата цел и што сакате да постигнете?

    Јорданов: Словенија и Македонија негуваат долгогодишна блиска економска соработка. На македонскиот пазар, децении наназад опстојуваат повеќе словенечки компании или брендови кои им се добро познати на Македонците по квалитетната услуга или производ. И на словенечкиот пазар добро се позиционирани повеќе македонски брендови. Во последниов период сме сведоци и на зголемен интерес кај македонските компании за инвестирање и извоз на словенечкиот пазар. Сличната големина на пазарите, блискоста на културите и значајната заедничка историја, ги прават нашите земји сродни во многу аспекти, меѓу кои и економскиот.

    Со оглед на тоа дека значаен број компании се дел од оваа соработка, одлучивме да се здружиме во организирана форма, преку формирање на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици. Како претставник од Триглав осигурување, имам чест, но и одговорност, да бидам прв претседател на Управниот одбор на Друштвото. Таа чест ја прифатив со задоволство и се надевам дека со останатите членови на Управниот и Надзорниот одбор ќе успееме да го етаблираме Друштвото во економскиот и општествениот живот во Македонија.

    Целите на нашето здружување се многубројни, но како централни би ги одвоил: дополнително зајакнување на врските меѓу двете економии, подобрување на условите за работа преку споделување добри пракси и знаење, вмрежување и информирање на компании кои се заинтересирани за работење во Македонија или во Словенија, намалување на бирократските препреки за соработка и, секако, зголемување на обемот на производство и креирање додадена вредност преку заеднички проекти.

    Пари: Кој членува во ова друштво и како може да се стане член?

    Јорданов: Основачи на Друштвото се македонски компании кои имаат деловна, капитална или друга поврзаност со Словенија. Повеќето од нив се компании со изворно словенечки капитал, но имаме и компании основани од словенечки државјани, Македонци кои своето образование го стекнале во Словенија, како и компании со изворно македонски капитал кои работат или инвестираат во Словенија. Целиме нашето членство да го прошириме со компании и професионалци кои, на некој начин, се активни во двете земји и преку нивната дејност би можеле да придонесат кон постигнување на основните цели на Друштвото. Ова е широка дефиниција, но постојат многу различни деловни приказни кои ги спојуваат овие две земји. Не би сакал да го ограничуваме пристапот кон Друштвото поради формалности. Ги очекуваме сите заинтересирани компании да нѐ контактираат за зачленување.

    Пари: Имате амбициозна програма. Што планирате во иднина?

    Јорданов: Членови на Друштвото се компании со висока репутација, препознатливи брендови и професионалци. Поаѓајќи од тоа, веруваме дека очекувањата од нас се високи, од страна на членството, но и однадвор. Има многу планирани активности, но на почетокот ќе се фокусираме на претставување на Друштвото пред другите релевантни институции, организации и компании во Словенија и во Македонија.

    Економскиот форум, кој ќе се одржи на 14 декември во Скопје, е најголемата активност во сегашната програма, а намерата е да стане традиционален.

    Понатаму, планираме редовни настани за интеракција помеѓу приватниот и јавниот сектор, со што ќе постигнеме подобра информираност за условите на работа на македонскиот пазар. Тука, пред сѐ, мислам на воспоставување соработка со државните институции со кои најмногу соработуваат нашите членки. Како приватни компании, наш примарен интерес е ширење и подобрување на бизнисот. За таа цел, ќе работиме на воспоставување контакти и вмрежување со словенечки компании, комори, агенции и други институции.

    Пари: Дали ова друштво ќе работи само на зајакнување на економската соработка меѓу стопанствениците од двете држави или ќе отворите и други теми на разговор (дипломатија, културна соработка, образование)?

    Јорданов: Друштвото го формираа приватни компании со основна цел да се подобрат економската соработка и економските резултати. Но, сите општествени полиња се меѓусебно поврзани и голем дел од нашата програма ќе опфати активности што лесно може да ги карактеризираме како дипломатски, културни или образовни. Само како пример, Економскиот форум беше повод за најава и на билатерална средба меѓу македонското Министерство за економија и словенечкото Министерство за стопански развој и технологија, што е веќе дипломатска активност. Во нашите активности планираме соработка и со образовни институции и со културни клубови, што дополнително го потврдува овој заклучок.

    Пари: Што ќе се случува на Економскиот форум, што може да очекуваме?

    Јорданов: Одлучивме да го иницираме овој настан за да го означиме основањето на Друштвото и, воедно, да го прославиме и јубилејот од триесетгодишна економска соработка помеѓу независна Република Словенија и независна Република Северна Македонија. Идејата ја препозна и Стопанската комора на Северна Македонија и се приклучи како коорганизатор на форумот. Настанот ќе го почнеме од големата слика, односно севкупната економска соработка меѓу двете земји и ќе го продолжиме во две фокусирани теми – иновативни технологии и дигитализација и енергетика.

    Севкупната економска соработка и стратешките видици за иднината ќе бидат претставени од Матјаж Хан – министер за стопански развој и технологија на Р Словенија и Крешник Бектеши – министер за економија на Р Македонија, придружувани од најголемите стопански комори од двете земји. Другите две теми ќе бидат дискутирани и претставени од страна на експерти и компании од соодветните области. По завршување на официјалниот дел, учесниците ќе имаат можност да се приклучат на работилници на двете теми во фокус и да остварат меѓукомпаниски (Б2Б) средби. Покрај делегација од Министерството за стопански развој и технологија, потврдена е и бројна деловна делегација од Словенија, организирана од страна на Стопанската комора на Словенија, што значи дека учесниците од кај нас ќе имаат многу можности за вмрежување со словенечки компании.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично