ПОВЕЌЕ

    Интервју I Бошевска: Со нашиот „win-win“ пристап ја враќаме пазарната рамнотежа

    Време зa читање: 8 минути

    На македонскиот пазар се присутни повеќе од 20 години. На почетокот со понуда од само една услуга за управување со побарувањата, а две децении подоцна EOS Матрих за своите клиенти има палета докажани и сигурни решенија во обезбедувањето на паричните текови. Се сметаат за експерти за наплата, откуп на побарувања и целосно преземање на деловниот процес. Накусо, успешни се во справувањето со неплатените побарувања.

    За развојот на компанијата, за меѓународната и репутацијата стекната на домашниот терен, разговараме со д-р Катерина Бошевска, генерална директорка на ЕОЅ во Македонија и на Косово, дел од Групацијата ЕОЅ.

    Пари: Како се стекнува титулата бизнис лидер и што тоа значи за ЕОЅ Матрих?

    Бошевска: Титулата бизнис лидер се стекнува преку упорна работа, јасна визија, иновации и постојан раст. За нас, за EOS Матрих, тоа значи дека сме препознаени како водечка компанија која не само што ги исполнува, туку и ги надминува очекувањата на нашите клиенти веќе 20 години на домашниот пазар. Тоа е признание дека сме способни да воведеме промени во индустријата и да бидеме доверлив партнер во управувањето со побарувањата.

    Ги следиме и предвидуваме трендовите на пазарот и свесни сме дека дигитализацијата и имплементацијата на иновативните решенија во деловното работење се она што ни даваат особена предност. Во овој дел се трудиме да бидеме проактивни и во согласност со највисоките стандарди и да ги поставиме нашите процеси на начин тие да бидат пример за целата финансиска заедница. Имајќи ја предвид важноста на безбедноста на податоците, започнавме да имплементираме стандарди како што е ISO 27701:2019, кои не само што обезбедуваат висока заштита на податоците, туку истовремено наметнуваат нови критериуми во работењето преку коишто се едуцираат и нашите вработени и се подигнува целокупниот квалитет и потенцијал на нашите услуги, согласно современите потреби на пазарот.

    Пари: Вашето мото е „Ги менуваме финансиите кон подобро“. Кои се резултатите од неговата практична примена?

    Бошевска:Преку ова мото се стремиме да создадеме поодржливи финансиски решенија, кои им помагаат на луѓето и бизнисите да ги стабилизираат своите финансии. Во пракса, тоа значи подобрена транспарентност, фер услови за отплата и подобри услуги за нашите клиенти. Како резултат, го зголемивме бројот на успешно решени долгови и ги подобривме взаемните односи меѓу доверителите и должниците.

    Ние сме единствена компанија во земјата специјализирана во областа на управување со побарувања која работи според европските директиви и со цел целосна усогласеност со европските пазари. Се трудиме да ги менуваме нештата кон подобро, не само финансиите на нашите клиенти, партнери и корисници – што е нашата главна дејност и на тоа сме целосно посветени, туку и преку нашата работа и искуството кое го споделуваме со бизнис заедницата се трудиме да ги менуваме нештата кон подобро за целата индустрија и за го помогнеме напредокот на домашната економија.

    Пари: Повеќе од две децении работите на македонскиот пазар. Тешко ли е на овој простор да се управува со побарувања и да се наплатуваат долгови?

    Бошевска: Македонскиот пазар има свои специфики и предизвици, но со нашето долгогодишно искуство и локално знаење, успеваме да ги менаџираме побарувањата на начин кој ќе донесе одржливо и фер решение за двете страни. Преку јасен и етички пристап, како и индивидуализирани решенија за секој клиент, нашата успешност во наплатата е значајна, дури и на пазар со ограничени ресурси.

    Пари: Кај дел од јавноста името на компанијата предизвикува нелагода. Објаснете го поконкретно начинот на кој работите и посредувате меѓу оние што побаруваат средства и тие што должат?

    Бошевска: ЕОЅ Матрих се занимава со управување на побарувањата – дејност која е деликатна и често недоволно разбрана во јавноста. Нашата работа не е да предизвикаме нелагода, туку да помогнеме во решавањето на финансиските тешкотии и да овозможиме стабилни и долгорочни финансиски решенија. Како дел од ЕОЅ Групацијата, со меѓународно искуство и локална експертиза, создаваме решенија кои ги задоволуваат и доверителите и должниците.

    Нашиот пристап се базира на фер и транспарентно посредување помеѓу тие што побаруваат и тие што должат, притоа нудејќи им на потрошувачите флексибилни опции за намалување на долговите, додека на нашите клиенти им помагаме да ја одржат ликвидноста. Посветени сме на враќање на нарушените релации на пазарот преку индивидуализирани решенија кои овозможуваат субјектите да продолжат со својата активност и да придонесуваат кон економскиот развој.

    Со нашиот „win-win“ пристап ја враќаме пазарната рамнотежа, притоа градејќи долгорочни односи базирани на доверба и транспарентност, што е од корист за сите страни во процесот.

    Пари: Компанијата е присутна во 180 земји, што претпоставува огромен број клиенти. Во колкав процент успешно ја завршувате бараната услуга на глобално, а во колкав на домашно ниво?

    Бошевска: Нашата глобална успешност е висока, со стапка на успешно решени случаи од над 80 проценти. Во Македонија, каде што сме присутни подолго време, процентот е уште повисок – околу 85. Ова е резултат на нашиот индивидуален пристап и посветеност кон секој клиент.

    Не е за чудење фактот дека во Македонија имаме голема успешност во решавање на задолженоста. Македонските граѓани се одговорни во поглед на обврските за плаќање и таков однос покажуваат од поодамна. Друг важен параметар е нашето присуство на пазарот долго време, ние веќе имаме изградено релација со нашите клиенти и со нивните и нашите корисници. Тоа е особена предност за процесите кои ги водиме. Финално, ние континуирано го истражуваме и анализираме пазарот и тоа води кон значајни и многу корисни информации и сознанија кои ни помагаат да разбереме пред сѐ, и да размислиме, па следствено на сето ова да поставиме и имплементираме соодветни решенија за корисниците. Во нашата работа, за такви резултати, разбирањето на состојбата на корисниците и причините кои довеле до нивното задолжување се основата за нашиот успех.

    Пари: Една од активностите на EOS се пазарните и потрошувачките истражувања. Што треба да се постигне со нив и до какви наоди имате дојдено?

    Бошевска: Како водечки меѓународен експерт за управување со побарувања со канцеларии во повеќе од 20 земји во Европа, Групацијата EOS секоја година прави пазарни и потрошувачки студии заедно со реномирани институти за истражување на пазарот.

    Темите за кои истражува Групацијата и во кои истражувања е вклучена и нашата земја, известуваат за однесувањето на потрошувачите со плаќањата, компаниите, начините на плаќање, дигитализацијата и овие податоци даваат вредни сознанија. Истражувањата за нас се важен дел од нашата стратегија за напредок. Со нив ги анализираме трендовите на пазарот, финансиското однесување на потрошувачите и очекувањата на доверителите. Еден од значајните наоди е дека постои сè поголема потреба за дигитализација и пофлексибилни финансиски модели, што ни помага да ги прилагодиме услугите според новите потреби на пазарот.

    Последното истражување беше спроведено пролетта 2023 година под насловот „Студија за потрошувачите“, во чиј фокус беше инфлациската криза и нејзиното влијание врз потрошувачите низ Европа. Ова истражување ни помогна подобро да ги разбереме потребите и грижите на потрошувачите, да разбереме од кои причини луѓето се задолжуваат, како се чувствуваат во врска со тоа и што треба компаниите да знаат за оптоварувањето на потрошувачите.

    Во рамки на студијата, вкупно 7.729 потрошувачи од двата пола и на возраст меѓу 18 и 65 години од 13 европски земји дале информации за нивната финансиска состојба. Анкетите се одвиваа во периодот од 3 до 9 февруари 2023 година, во форма на онлајн анкета.

    Од ова истражување извлековме вредни сознанија. Истражувањето покажа дека едно од пет лица се задолжувало во пресрет на инфлацијата. Во источна Европа беше едно од четири лица. Само еден од десет испитаници бил оптимист за сопствената финансиска иднина. Ова истражување ни покажа и каде точно, во однос на кои потрошувачки добра настапила зголемена ценовна свесност. Голем дел од луѓето ширум континентот, а особено на регионот, станаа поскромни или сè повеќе ги користат предностите на специјалните понуди, купуваа само добра кои се на попуст или акција и беа повеќе воздржани да ги потрошат своите средства на патувања и ги одложија големите набавки. Истражувањата ни овозможуваат да го разбреме однесувањето на поедниечните групи потрошувачи. Спротивно на настаните за време на пандемијата со Корона вирусот, младите сега сè почесто повторно користат готовина, бараат и сакаат поголема финансиска едукација за да бидат поспособни и самодоверни во менаџирањето со сопствените финансии.

    Пари: Не сте единствени на пазарот. Што е клучно за зачувувањето на лидерската позиција?

    Бошевска: ЕОЅ Матрих успева да го задржи својот статус на водечки бизнис лидер во својата област на делување благодарение на постојаната адаптација кон новите пазарни услови и технолошки трендови, посветеноста на фер и етичко посредување, како и иновативните решенија кои ја подобруваат финансиската стабилност на клиентите.

    Нашата проактивна стратегија, комбинирана со долгогодишно искуство и меѓународна експертиза, ни овозможува да создаваме одржливи услуги кои ги поставуваат стандардите во индустријата и креираат успешни приказни.

    новинар: Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично