ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | ЈАРЧЕВСКА И ИЛОСКА, Триглав пензиско друштво: Упорноста, истрајноста и знаењето се пресудни за успехот на една деловна жена

    Време зa читање: 10 минути

    Секој поединец, без разлика на полот, треба да има избор од еднакви можности во животот.

    Жените секојдневно ги уриваат бариерите што ги спречуваат да го достигнат својот целосен потенцијал, во мисијата за создавање општество каде што полот нема да ги диктира можностите или животните избори на личноста. Општеството мора да креира континуирана валоризација, а не само осмомартовска и декларативна, за позицијата на жените со сите нивни улоги во секојдневието.

    Во потрага по одговорите на прашања за тоа дали жените се лидери и носители на промените, разговаравме со две истрајни дами – Бисера и Тамара, кои се дел од тимот на Триглав пензиско друштво.

    Тие се млади и успешни, строги и легалисти, и нивниот збор е последен,  кога говориме за внатрешните и надворешните процеси и процедури во Друштвото.

    Бисера Јарчевска е раководител на Правната служба, а Тамара Илоска е внатрешниот ревизор на Триглав пензиско друштво АД Скопје.

    Пари: Кој беше мотивот да го прифатите предизвикот и со кои предизвици се соочувате на вашите работни места – внатрешниот ревизор и овластеното лице за усогласеност на работењето на Друштвото, имајќи го во предвид фактот дека работите во Триглав – најмладото Друштво за управување со задолжителни и доброволни капитално финансирани пензиски фондови во нашата држава? 

    Бисера Јарчевска: Триглав пензиско друштво, како компанија членка на Групацијата Триглав, е дел од една сложена и развиена корпоративна структура, и како таква, подлежи на принципи на оперативно делување на комплексна и стриктна регулација и надзор – како во областа на деловното управување и управувањето со ризици, така и во областа на работа на пазарот на капитално финансирано пензиско осигурување. Друштвото мора да обезбеди цврст и сигурен систем на управување кој вклучува ефикасна организациска структура и процеси на одлучување на интегрирана клучна функција за следење на усогласеноста на работењето. Системот на следење на усогласеноста на работењето во Друштвото е организирана како независна деловна функција од страна на овластеното лице за усогласеност, независна од процесите во однос на кои ги следи и проценува ризиците по усогласеноста. Како дел од системот за управување со ризици, усогласеноста спаѓа во втората одбранбена линија од три нивоа на моделот на одбранбени линии на Друштвото. Во деловните процеси и постапки делува пред сè превентивно, советува и помага во процесот на усогласување со законодавството и воспоставување на соодветни внатрешни контроли.

    Тамара Илоска: Мотивот и предизвиците се составен дел од самата дефиниција и перцепција на поимот ,,внатрешен ревизор”, односно целта кон која се стремиме во текот на нашето работење, а тоа е континуирано да го подобруваме внатрешниот контролен систем на компанијата со цел тој поефикасно да се справува со ризиците кои се закана на остварување на поставените цели. Со оглед на тоа дека работиме во компанија која е составен дел од сложена корпоративна структура, степенот на одговорност и улогата на Внатрешниот ревизор, претставува мотив повеќе да се усовршуваме во насока на креирање на додадена вредност и подобрување на вкупните перформанси  на Друштвото во целост.

    Пари: Двете имате  клучни позиции во Друштвото. Кои карактеристики треба да ги поседува една личност, за да биде успешен во Вашата сфера на делување?

    Бисера Јарчевска: За разлика од мажите, успешноста на жената во нашето општество е проследена со поголем број на предизвици, дилеми, и неверување дека таа е способна за одредена позиција, а особено за менаџер. Сепак упорноста, истрајноста и постојаната надградба на личноста и знаењето сметам дека се пресудни за успех на една жена, а и воопшто на една личност. Триглав пензиско друштво има суштествена и утврдена визија, и мислам дека менаџерскиот тим на Друштвото знае да ги препознае баш овие карактеристики и да даде шанса, па заедно со Друштвото и ние да растеме во успешни личности, жени, менаџери.

    Тамара Илоска: Внатрешните ревизори се клучен столб за добро водење и управување со ризиците и внатрешните контроли во секоја компанија. Со оглед на моето искуство сметам дека самата професија внатрешен ревизор бара висок степен на интегритет, односно објективно анализирање, советување и континуирана евалуација на оперативните процеси  во секоја компанија. Внатрешниот ревизор покрај солидното познавање на законската и подзаконската регулатива во соодветната област, мора да биде ефективен комуникатор преку насочување на менаџментот во насока на континуирано подобрување на сите деловни процеси. Околината и бизнисот се менуваат секојдневно, а поради тоа, внатрешните ревизори мора да останат љубопитни и истрајни во добивањето на нови сознанија, информации и инпути од сите нивоа и структури во организацијата. Со тоа, желбата за постојано учење и напредување е клучна во извршувањето на оваа позиција.

    Лично,  настојувам да го насочам моето делување во насока на поддршка и  помош на Друштвото во остварување на поставените цели преку користење на систематски, дисциплиниран пристап за проценка и подобрување на ефективноста на управувањето со ризиците, контролите, и процесите на раководење.

    Пари: Со оглед на дефинирањето на вашите улоги може да констатираме дека важите за главни „контролори“ во Друштвото. Како започна вашата приказна во оваа групација? И ако може да го откриете вашиот рецепт за успех? 

    Бисера Јарчевска: Моето претходно работно искуство беше од другата страна, односно 12 години бев дел од јавната администрација и бев задолжена за креирање на дел од финансискиот систем во државата. Менаџерскиот тим на Друштвото процени дека моето претходно искуство, одлично ќе се вклопи на работната позиција која вклучува и „контрола“ на усогласеноста на работењето на Друштвото со важечката регулатива. Така, сега сум одговорна за спроведување на законите. Во деловен сектор регулиран од страна на прудентен супервизор каков што е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, тоа значи голема одговорност и напорна работа, но кога си ја сакаш работата и кога имаш одлична соработка со колегите во Друштвото, менаџерскиот тим и вработените кај супервизорот, успехот доаѓа сам по себе.

    Тамара Илоска: Својата кариера и јас ја започнав во јавниот сектор како ревизор, позиција на која работев шест години, за подоцна да се решам да направам промена која ме донесе до Триглав пензиско друштво, кое во тој момент беше на самиот почеток на своето работење. По природа сум човек кој сака предизвици, како на приватен така и професионален план,  а со тоа и прифаќањето на работна позиција во секторот за продажба и маркетинг го гледав како можност за излегување од мојата комфорна зона. Моето претходно искуство повторно ме врати на ревизијата, но овој пат во компанија во која има многу можности за постојано учење, надградување и напредување.

    Не постои универзален рецепт за успех, бидејќи секој го дефинира успехот на свој начин. За мене да бидеш успешен значи да веруваш во своите способности, да ги идентификуваш и применуваш своите предности, а преку активно вклучување во работните текови и процеси да ги унапредуваш сопствените слабости.

    Сметам дека барем во мојот случај,  комбинацијата на стекнати искуства како и  желбата да си постојано во чекор со предизвиците, но и континуираната  самоевалуација и зголемување на професионалните компентенции, се клучни компоненти за континуиран успех и личен развој.

    Пари: Како жени на значајни позиции, дали наидувате на пречки во реализирање на своите работни задачи?

    Бисера Јарчевска: Тоа што сум жена за мене не е никаква пречка или хендикеп, не само во реализирањето на работните задачи, туку и воопшто во секојдневието. Иако нашето општество ѝ приредува повеќе предизвици на жената, сепак упорноста на жената како нејзина карактеристика е пресудна за совладување на истите. Во Друштвото нема предрасуди во однос на полот и распределбата на работните позиции. За тоа сведочи и фактот дека поголемиот број од раководните позиции во Друштвото се во рацете на жените. Сите заедно како тим целиме кон позитивни резултати и успех, и мислам дека тоа е најважниот фактор на кој го темелиме успехот на Друштвото.

    Тамара Илоска: Јас во животот се  водам по девизата дека доколку го работите она што го сакате, нема граници што не можете да ги преминете. Се чувствувам привилегирана што работам во компанија во која нема предрасуди, каде сите заедно градиме однос заснован на доверба и заеднички целиме во правец на колективен просперитет.

    Пари: Дали во земјава се почитуваат начелата за еднаквост на жената, но и колку се почитуваат во вашата компанија каде се вработени голем број токму жени? Треба ли за правата на жените да се борат исклучиво жените?

    Бисера Јарчевска: Благодарна сум им на моите родители кои ме воспитале и ми покажале дека жената не е ништо поразлична од мажот и дека таа е исто толку вредна, ако не и повредна од самиот маж. Кога сте воспитани дека и жената е способна за успех, тогаш знаете дека за правата на жената, а и воопшто борбата за било кои права треба да биде водена од сите без разлика на полот. Во Триглав пензиско друштво се почитуваат сите права кои ни се загарантирани со Устав и законите, и воопшто не се толерира дискриминацијата по било кој основ.

    Тамара Илоска: Секогаш сум верувала во себе и во тоа дека ако нешто силно сакаш можеш и да го постигнеш. Никогаш не сум  чувствувала хендикеп поради тоа  што сум жена, напротив сметам дека жените се столбот на секое општество и да се биде жена денес е привилегија. Знаеме дека напредокот никогаш не е линеарен и борбата за правата на жените може да биде тешка задача.

    Сепак стојам на ставот дека сѐ уште, жените сами треба да се изборат за нивниот статус во општеството, и дека тоа е континуиран процес кој не треба да застане и сите заедно да се стремиме сите свои способности и капацитети да ги развиваме во насока на достигнување на сопствената реализација и лична сатисфакција, како на личен така и на професионален план.

    Пари: Каква е сликата на денешната жена и колку самите учествувате во креирањето на генералната слика?

    Бисера Јарчевска: Сметам дека не можеме да дадеме генерална слика на денешната жена. Сите сме различни, со различни амбиции, желби, посакувања, со различни вредности. Според моето дефинирање успешна жена е онаа која е задоволна и среќна со својот избор и начин на живот, без разлика на утврдениот шаблон од општеството. Ценам дека успешноста на жената треба да ја дефинираме согласно нејзината среќа, бидејќи само среќна и задоволна жена е жена која може да постигне буквално сѐ.

    Во однос на креирањето на генералната слика,  мислам дека успевам во креирање на мојата замисла за генералната слика на денешната жена, а тоа е среќна и реализирана жена во кое и да е поле: активно учествувам со поддршка, совети и поттик во реализација на посакуваните цели и амбиции на моите жени (пријателки, колешки, познанички).

    Денешниот ден треба да ни биде поттик да не оставиме само на другите и само денес на 8-ми Март да ни оддадат почит и признание за нашата успешност, туку секојдневно ние самите да се потсетуваме дека сме жени и дека можеме да постигнеме сѐ, само ако сакаме.

    Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02)3224 229, mapas.mk

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично