Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски ги презентираше инструментите за финансиска поддршка на домашните компании пред претседателката на Македонската банкарска асоцијација (МБА), Маја Стевкова Штериева и пред членовите на МБА во која членуват сите деловни банки и штедилници во земјава. Целта на иницијативата на ФИТР е изнаоѓање на практични можности и модели за дополнително финансирање кои банките би им ги понудиле на компаниите за развој на нивните бизнис идеи и иновации.
Пред директорите и членовите на управни одбори на сите банки во земјава, им беа презентирани и резултатите од досегашното работење на Фондот преку анализата на спроведувањето на проектите и ефектите за домашната економија. На средбата беше дискутирано и како можностите за кредитирање од страна на банките да станат подостапни не само за корисниците на ФИТР туку и за компаниите чии предлог проекти поради ограничените финансиски ресурси на Фондот не се одобрени за финансирање, а имаат потенцијал.
„Сакаме да ги видиме банките како наши партнери во поддршка на растот на македонската економија“, изјави директорот на ФИТР, Јован Деспотовски по средбата.
Претставниците на банките позитивно ја оценуваат работата на ФИТР и изразија подготвеност дека ќе ги разгледаат сите можности за финансирање, како и да се воспостави пракса за размена на информации помеѓу ФИТР И МБА за успешна реализација на овие иницијативи.
Портфолиото на ФИТР во последниве две години бележи седмоструко зголемување во однос на бројот на корисници од периодот 2014 – 2017 и сега брои 250 компании со вкупен инвестицски циклус од 40 милиони евра од кој 23 милиони се ко-финансирани од Фондот. Покрај своите инструменти, поради сé поголемиот интерес и бројот на квалитетни проекти, ФИТР постојано работи на изнаоѓање на дополнителен извор за финансиска поддршка на домашните компании.