Производите со знакот на „Витамника“ се препознатливи на домашниот, а добро се продаваат и на странските пазари. Таквиот пласман на компанијата ѝ обезбедил зголемени приливи кои, всушност, имаат ист – седумпроцентен раст како и трошоците. Приходите од продажбата во рамките на државата за една година се поголеми за пет, а од извозот за 11 насто.
Сепак, ценовните движења на глобалните пазари, односно поскапувањето на основните суровини, првенствено на какаото и на сончогледовото масло, се одразиле кај добивката. Пониска е за три отсто во споредба со финансискиот резултат од 2023 година. Или, прилепска „Витаминка“ ја заокружи изминатата деловна година со профит од 65.937 илјади денари, односно 1,07 милиони евра.
Имаат што да понудат и умеат да продадат. Исходот е – единечни вкупни приходи од над 61 милион евра. Од нив, 99 отсто се реализирани од основната дејност, што значи од пласманот и проджбата на сопственото производство. Од домашните потрошувачи се заработени 36,2 милиони евра, а споредено со состојбата од 2023 година, ланските приливи се повисоки за пет проценти. Од извозните активности во повеќе од 30 држави низ светот, биле инкасирани 23,1 милион евра, за 11 насто повеќе од претходно.
Значаен раст, од високи 314 проценти е забележан кај финансиските приходи. Од 81,7 илјади евра на 338 илјади евра во 2024 година.
Во текот на работењето произлегле и за седум насто повисоки трошоци од 59,8 милиони евра. Тоа е во корелација со работењето за 2024 година, велат од „Витаминка“.
Сепак, вложувањата во развој на компанијата, не само што се во правец на зголемување на продуктивноста, туки и на заштеди во работниот процес. Лани се инвестирани 2,2 милиони евра. А, целосно е реализирана и инвестицијата започната во 2023 година, во две автоматски линии за пакување на „флипс“.
По курсот на растот и развојот „Витаминка“ ќе го продолжи движењето и годинава, нагласуваат од компанијата: „Акцент ќе се стави на нашите тековни инвестиции во новите производни капацитети и опрема, како и вложувањата во развојно истражувачките проекти“.