ПОВЕЌЕ

    Банките и во криза успеаа да направат екстра профит

    Време зa читање: 5 минути

    Банките ги објавија финансиските извештаи за работењето за првите три месеци годинава. Поголемиот дел од нив покажуваат подобрување во банкарските перформанси што е еден добар показател дека банките полека закрепнуваат од последниците што речиси во сите сегменти на домашната економија ги остави светската здравствена криза.

    Комерцијална банка- заработила 5,9 милиони евра или за 65,6% повеќе

    Во периодот од 01.01-31.03.2021 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 360,2 милиони денари (5,9 милиони евра) наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 217,5 милиони денари што претставува зголемување за дури 65,6%. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 73,1%.

    Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 8,2% поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на нето-приходите од провизии, зголемување на приходите од нето тргувања и повисоките останати приходи од дејноста, во чии рамки се зголемени капиталните добивки од продажба на преземен имот.

    Стопанска банка АД Скопје бележи добивка од 9,2 милиони евра

    Во првиот квартал од 2021 година, во текот на кризата предизвикана од ковид-19 која сè уште интензивно трае, Банката оствари добивка пред оданочување во износ од 566.310 илјади МКД. Во споредба со истиот период од претходната година, кој доминантно може да се карактеризира како период пред ковид-19, се забележува намалување од 7 %, што е последица на пандемијата и, пред сè, резултат на прудентниот пристап на Банката и на повисоката исправка на вредноста за кредитното портфолио во однос на истиот период од минатата година.

    Притоа, вкупната актива на Банката на 31. 3. 2021 година изнесува 1.728 милјарди евра и е на исто ниво во однос на крајот на минатата година.

    НЛБ Банка во ќар од 8,1 милион евра, зголемување за 19,3% 

    Бруто добивката на Банката заклучно со 31.03.2021 година изнесува 554.788 илјади МКД и е зголемена за 19,3% во однос на истиот период претходна година.Нето добивката на Банката заклучно со 31.03.2021 година изнесува 499.309 илјади МКД (8,1 милион евра) и е зголемена за 19,3% во однос на истиот период претходна година.

    И во првиот квартал од 2021 година, Банката продолжи со имплементација на стратешките иницијативи во инвестиции во дигитализација и нови технологии, со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како поедноставни, поевтини и побезбедни начини на извршување на банкарските трансакции.

    Охридска банка -со ќар од 1,4 милиони евра

    Кумулативниот реализиран финансиски резултат, за периодот од 1.1.2021 до 31.3.2021 г. изнесува 86,9 милиони денари и споредено со истиот период минатата година бележи зголемување за 6,7 милиони денари што е резултат на порастот на приходите од провизии и надомести и намалувањето на останатите расходи.

    Стопанска банка АД Битола со  добивка од 98 илјади евра

    Успешно приспособувајќи се на тековните пазарни услови, економските промени, како и наметнатите предизвици, Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.2021 – 31.3.2021 година, односно добивка во износ од 6,05 милиони денари, што е значително подобро остварување во однос на истиот период од минатата година.

    УНИ Банка- во позитива од 595 илјади евра

    УНИ Банка оствари добивка од 36,6 милиони денари во првите три месеци од годината, што е намалување во однос на истиот период минатата година кога банката имала добивка од 48,8 милиони денари, покажуваат неревидираните податоци на успех на банката објавени преку Македонска берза.

    Во првиот квартал од 2021 година, УНИ Банка АД Скопје успеа да оствари позитивни финансиски резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со нови атрактивни продукти од областа на платните сервиси. И во овој период Банката продолжи со имплементација на нови технологии со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како побезбедни, поевтини и поедностави начини на извршување на банкарските трансакции.

    ТТК банка заработила речиси 200 илјади евра или за два и пол пати повеќе 

    Преку своето редовно оперативно работење, Банката успеа да генерира позитивен нето-оперативен приход пред исправките на вредност во износ од 37,3 милиони денари, како резултат на остварени оперативни приходи во износ од 122,2 милиони денари и оперативни трошоци во износ од 84,9 милиони денари. Во истиот период, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува 25,1 милиони денари.

    Финансискиот резултат за периодот јануари – март 2021 година изнесува 12,2 милиони денари, што е за два и пол пати повисок во однос на истиот период минатата година и е резултат најмногу на ефектите од редовните приходи на Банката. Oстварениот позитивен финансиски резултат во првиот квартал од 2021 година е со квалитет што ја зацврстува стабилностa на Банката и перспективата за здрав раст во наредниот период.

    Централна Кооперативна Банка со 69% повисока добивка

    Во првото тримесечје од 2021 година, Банката оствари нето-добивка во висина од 2.5 милиони денари, којашто е за 69% повисока од остварената добивка во истиот период минатата година.

    На 31 март 2021 година, вкупната актива/пасива на Банката бележи мал пораст во однос на крајот од минатата година и остварување на поставениот план од 99,4%.

    Останатите  банки се уште не ги објавиле финанисиските резултати за првиот квартал годинава.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично