Иселувањето, недостигот од млади земјоделци, скапите материјали, немањето доследна стратегија за поддршка на земјоделството се дел од причините поради кои во континуитет се намалуваат земјоделските површини што се обработуваат во Македонија. Иако нашата земја важи за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, со години се соочуваме со голем број предизвици кои продонесуваат за зголемен увоз на земјоделски производи.
Сериозен е проблемот со работната сила. Речиси нема млади кои би сакале да работат во овој сектор. А, ако нема работници, нема ниту производство на домашна храна. Што значи, граѓаните мора да купуваат увозна храна и при најмали ценовни шокови да плаќаат далеку поскапа храна отколку во регионот и во Европа.
Проблемот е како да се задржат и мотивираат младите да бидат земјоделци, но и како да се натераат жените да се вклучат во овој сектор. Податоците говорат дека просечна старост на земјоделците е над 50 години и дека скоро 2/3 се мажи, а само 1/3 жени. Младите не сакаат да бидат земјоделци оти тешко можат да стартуваат во секторот бидејќи немаат пари, додека заеднички проблем со малата вклученост на жените е лошата инфраструктура во селата. Младите не можат да ги задоволат основните социјални и општествени потреби, а жените имаат дополнително оптоварување што мора да се грижат за возрасните членови на семејството и за децата. Едноставно нема градинки, ниту домови за стари лица.
Порталот Пари разговараше со неколкумина упатени во овој сектор и релевантни институции, со цел да дадат одговори за оваа проблематика.
ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС Е ДА НЕ ЗАМРЕ ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО
За овој горлив проблем во земјоделството, разговорот го започнавме со економскиот експерт Здравко Савески каде што дополни со уште еден податок колку е загрижувачка состојбата со земјоделството.
„Во секој од последните десет квартали, вкупниот БДП бележи раст. Во истиот период, секторот на земјоделство, шумарство и рибарство бележи пад во дури осум од десет квартали. Падот не е мал, достигна вртоглави вредности под 12 проценти во последниот квартал од 2023 и првиот квартал од 2024 година. Овој алармантен податок кажува дека учеството на овој сектор во вкупната економија се намалува не само релативно, туку и апсолутно“, објаснува Савески, за порталот Пари.
За да се обезбеди работна сила, вели дека еден од начините е да се субвенционираат платите на земјоделците и земјоделските работници, бидејќи од национален интерес е да не ни замре земјоделството.
„Штом е тоа национален интерес, мора да се активираат буџетските средства во овој сектор, вклучително и во делот на платите. Исто така, субвенциите за производството мора да продолжат, а државата треба и поангажирано да се вклучи во обезбедувањето, дека прекупците нема да ја злоупотребуваат својата моќ во однос на земјоделците. Но, проблемот не е само економски. И сѐ повеќе има тренд храната да се зема здраво за готово, што ќе рече дека се потценува и производот на земјоделската работа. Па, многумина со леснотија дури и фрлаат храна. Без сериозна кампања за да се промени потценувањето на земјоделската работа, економските стимуланси во земјоделството може да се покажат стерилни. Во оваа насока, има мал, но важен тренд на градинарење во некои градски средини, пред сѐ во Скопје. На пример, општествената градина „Бостание“ во Скопје. Треба таквите примери да бидат поприсутни во медиумското известување и преку нив да се охрабрува градинарењето во градски средини, а тоа ќе доведе и до промена на јавното мислење за земјоделската работа, што е сега исклучително негативно“, укажува Савески.
Старосната структура е крајно неповолна, тој вели дека учинокот од сопственото занимавање со земјоделски активности има повеќе позитивни ефекти. Луѓето сами произведуваат дел од сопствената храна, што има позитивен ефект и врз нивниот буџет и врз нивното здравје.
„Позитивен ефект има и врз подобрувањето на квалитетот на нивниот живот. Се разбира, во процесот на градинарење, се гради позитивна слика за земјоделската работа и за нејзината важност. Без промена на имиџот на земјоделската работа, а и без промена на растечкиот тренд кај младите (а и кај сите) во изборот на работното место да ја гледаат само паричната димензија, никакви економски стимуланси нема да ги убедат младите луѓе да се занимаваат со земјоделска, кога имаат опција за канцелариска работа“, истакнува Савески.
Во однос на тоа дали унгарскиот кредит ќе има ефект врз земјоделството, тој вели – кога веќе државата се задолжува, треба што попаметно да ги искористи тие пари. Бидејќи ситуацијата со земјоделството станува алармантна, тоа треба да биде една од приоритетните области каде треба да се вложат парите.
НЕДОСТИГОТ НА РАБОТНА СИЛА РЕЗУЛТИРА СО НАМАЛЕНА ПРОДУКТИВНОСТ
„Кој сака да работи, во земјоделство има пари“, тврди земјоделецот Велко. Го наследил земјиштето што го обработувал татко му, а и самиот купувал од соселаните кои продавале земјиште за да се иселат во Скопје или некаде во странство.
„Работа има многу. Сите работиме, жената, синовите, снаите. Плаќам и луѓе, на саат, и ручек им давам, пиење“, вели земјоделецот.
Произведува пиперки, домати, целер, модар патлиџан, краставици, зелка, праз… кои завршуваат на кванташкиот и на зелените пазари во Скопје. И самиот продава на пазар, иако има 80 години.
„Внуците викаат, дедо ти си фабрика за пари. А јас им одговарам, вие таа фабрика ќе ја затворите“, раскажува и додава: „Жално е, сите млади побегнаа од селата, ќе побегнат и внуците. Ете, работата одлично врви, има ред, се знае со кого договарам, каде продавам, не треба ништо да измислат. Што се вели сѐ на чинија им е поставено. Ама, не, тешко било да станат во четири наутро, тешко било да се наведнат, па врнело, па сонце печело. Сѐ им е тешко“.
И Националната федерација на фармери изразува сериозна загриженост за зголемениот недостиг на работна сила во земјоделскиот сектор, што претставува еден од најгорливите предизвици за македонското земјоделство.
„Овој проблем значително ги отежнува земјоделските активности, особено во периодите на сеење, жетва и берба. Недостатокот на работна сила резултира со намалена продуктивност, загуби на земјоделски производи и дополнителни финансиски оптоварувања за фармерите. Младите сѐ помалку се заинтересирани за работа во овој сектор, а постојните земјоделци се соочуваат со стареење на работната сила и ограничени можности за модернизација“, објаснува за порталот Пари, Билјана Петровска Митревска, проект менаџер на Националната федерација на фармери.
Како што вели, апелираат до надлежните институции да преземат итни мерки за поттикнување на развојот на земјоделеството и руралните средини преку: поддршка за обуки и едукација за модерни земјоделски практики, финансиски стимулации за новозапочнати земјоделски бизниси, обезбедување услови за сезонски работници и зголемување на нивните права, инвестирање во механизација за да се намали зависноста од физичка работна сила.
„Земјоделството е основа за економскиот развој и безбедноста на храната во нашата држава. Затоа е неопходно да се креираат долгорочни политики за справување со овој проблем и да се обезбеди одржливост на земјоделскиот сектор“, упатува Петровска Митревска.
МОДЕРНИЗАЦИЈА НА ПРАКТИКИТЕ ЗА ИДНИНА НА СЕКТОРОТ
Градоначалникот на oпштината Чашка, Горан Стојановски, за порталот Пари вели дека земјоделството е еден од виталните економски сектори во нашата земја, преку кој се снабдува населението во Чашка со основни ресури и храна.
„За жал, предизвиците со работна сила како и потребата од одржливи практики ја загрозуваат иднината на секторот. Сите се соочуваме со недостиг на работна сила, причина се миграциите од село – град, како и увозот на земјоделски производи“, упатува Стојановски.
Според него, воведување дигитални алатки и вештини, стручност на младите, управување со проекти, приспособливост, како и зајакнување на човечките капацитети се неопходни за земјоделска работна сила.
„За жал, земјоделството нема мотивација кај младите лица. Мораме да ги модернизираме практиките за да ги привлечеме младите кои сега следат настава во средно образование.
Треба да се организираат да бидат профитабилни земјоделските производи и со тоа да обезбедат подобра цена на производот, продажана цена со повиска добивка“, потенцира Стојановски, додавајќи – сите сме сведоци дека најголем товар од домашните обврски целосно се пренесени на жените, кои се соочени и со потешкотии за добивање ограничени информации и немање доволна поддршка
„Општината Чашка се залага за сите жители, со отворање на јавна општинска установа детска градинка во населбата со што придонесуваме кон поттикнување и вработување на жената. Воедно, функционираат и дневни центри за стари лица. Ја подобривме патната инфраструктура сѐ со цел обезбедување навремено и безбедно движење на жителите до своите работни места. Како и органзиирање на заеднички средби, спојување на фирмите со невработените жени“, објаснува градоначалникот.
Оттаму, вели, поттикнувањето женски субвенции во земјоделството овозможува да се вклучат поголем број жени во земјоделскиот сектор. Од особено значење е доделување на земјоделско државно земјиште, директни плаќања, како и добивање механизација, програма за рурален развој и ИПАРД.
„Со овозможување на регистрирани иднивидуални земјоделци им се решава статусот на жените во земјоделството, пензиско и здравствено осигурување за околу 2.000 денари на месечно ниво. Само со заедничко делување на националните институции и мерки, поголема информираноста на населението во руралните средини за искористување на можностите и нивно вработување се стигнува до решение за овој проблем“, нагласува Стојановски.
Според него, со придонесување во инфраструктурата се пододбруваат условите за живот и директно се влијае во спречување на мигарцијата село – град. Чашка е една од ретките општини во која расте бројот на населението.
ЖЕНИТЕ КЛУЧНИ ЗА МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО
„Земјоделството веќе години наназад важи за еден од најчувствителните сектори од негативни влијанија на климатските промени, потоа кризите предизвикани од нови заболувања на животните и растенијата кои се зачестени, па сѐ до дефицит на работна сила, особено кај подмладокот. Руралните средини имаат намалена атрактивност во однос на градовите, особено за младото работоспособно население кое мигрира. Оттука, неопходни се повеќе сегменти за да се добие задоволителна бројка на земјоделци. Преку мерки и програми како Министерство ќе се потрудиме да дадеме стимулација за земјоделците, особено на младите лица. Подобрување на конкурентноста и одржливост на приходот на земјоделските стопанства, влијанието на климатските промени и прилагодување кон нив, како и обезбедување одржлив развој на руралните средини се генералните точки кон кои сме насочени“, посочуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Велат, мерките на поддршка во форма на директни плаќања имаат позитивно влијание за дополнување и зголемување на приходите на земјоделските производители.
„Преку надополнување на приходите на земјоделците и одржување на земјоделското производство, директните плаќања влијаат и на обезбедувањето социјална стабилност на руралното население, особено она кое живее во подрачја со природни ограничености.
Образовниот систем во земјоделството го сочинуваат средните земјоделски училишта и високо-образовните институции. Високото образование од областа на земјоделските науки, шумарството, дрвната индустрија, ветеринарната медицина и прехранбените технологии се многу значајни преку своите студиски програми да ги мотивираат младите да се занимаваат со гранки кои порано беа многу почитувани и барани. Земјоделскиот факултет заедно со Финки минатата година отворија студиска програма – Дигитално земјоделство“, истакнуваат од МЗШВ.
Но, прашањето е до кога ќе се издржи ако не се преземат мерки за подмладување и нова работна сила? Од Министерството велат дека се прават мерки и програми за да се мотивираат луѓе да се занимаваат со земјоделство. И нивната тенденција е да се врати довербата на земјоделците и заеднички да дадат максимални заложби за активација, модернизација и за отворање нови пазари и промоција на квалитетни производи од нашата земја.
„Жените се клучни за македонското земјоделство. Имаме поддршка за жените – регистрирани земјоделки. Тие се од големо значење за одржување на малите земјоделски бизниси и за намалување на родовата нееднаквост што постои во земјоделството. Според Регистарот во Министерството, активни рурални жени има 29.971. Од нив 3.918 се до 40-годишна возраст. Во нашите програми имаме финансиска поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство, во програмата за финасиска поддршка на руралниот развој по другите мерки жената добива повеќе бодови при рангирање за користење на финансиска поддршка т.е. жената има предност при аплицирање за мерките“, укажуваат од МЗШВ.
Земјоделството влијае на ублажување на сиромаштијата и невработеноста. Фактите говорат дека лицата од руралните средини се лишени за многу работи во однос на населението од урбаните области.
„Мерките на поддршка во форма на директни плаќања имаат позитивно влијание на дополнување и зголемување на приходите на земјоделските производители. Поддршката игра клучна улога во одржливоста на дејноста за најголем дел на македонските земјоделски стопанства, односно придонесува во зголемување на развојниот и инвестиционен потенцијал кај оние со поголеми производни капацитети и подобро управување со бизнисите. Подобрената инфраструктура во руралните средини, модернизацијата – механизацијата која би заменила човечко присуство би дале поволни резултати, секако и поголема вклученост на жените во земјоделството“, велат од Министерството.
На прашањето колку проекти за градинки и домови за возрасни лица се планирани во рурални средини, од МЗШВ велат дека инфраструктурата се уредува преку мерките за рурална инфраструктура.
„Условите за живот и работа во руралните средини се клучни за задржување на руралното население во земјоделските региони и во таа насока ќе продолжат инвестициите во комуналната инфраструктура и уредувањето на населените места. Ќе ги забрзаме заглавените постапки кои треба да овозможат повеќе средства за овој тип инвестиции кои се на располагање преку ИПАРД подолг период, но не се користат заради неакредитирање на мерката“, нагласуваат надлежните од Министерството.
Исто така, нагласуваат, подолг период на земјоделството не се посветувало доволно внимание и е доведено до ова ниво. Заложбите се да се поправат штетите и да се работи во насока на остварување резултати кои ќе бидат ефективни на подолг рок. А, унгарскиот кредит ќе има ефект во руралните средини.
ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ ДА СЕ ВРАТИ НА ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА
Разговаравме и со извршната директорка на Заедница на единиците на локалната самоуправа на Македонија (ЗЕЛС), Душица Перишиќ, за состојбата во аграрот.
„Кога се разделивме од поранешната држава, централната власт беше таа што сите надлежности и сите пари ги собра од локалната самоуправа, сѐ зема во свои раце. Така, освен градежното неизградено земјиште го зема и земјоделското. Ние упорно се обидуваме да им објасниме дека е многу полесно ако земјоделското земјиште помине во рацете на локалната самоуправа. Градоначалникот што се движи во тој круг ќе види дали се работи или не на тоа земјиште. Па, ако треба да му го одземе на концесионерот и да распише нов повик. Меѓутоа, нема слух од централната власт. Исто така, бараме и пасиштата и шумите да поминат во надлежност на локалната самоуправа“, објаснува Перишиќ.
Од ЗЕЛС нагласуваат дека локалната власт нема директни ингеренции во оваа област. Но, со поддршката во изградба на школи, градинки, инфраструктура може да се придонесе и да им се помогне на жените да се вработат и да се создаде основа со која би се задржале младите во руралните средини. Кои на тој начин би имале можност да се развиваат. За сето тоа, велат од ЗЕЛС, општините немаат доволно финансиски средства.
„Потребни се градинки за да се растерети жената во руралната средина. Жената треба и под свое управување да има земјиште, за да може да се регистрира како земјоделец, со што ќе обезбеди и здравствено и пензиско осигурување. Но, средства директни од општините нема. Во основа на сѐ е дека локалната власт има многу малку средства со кои располага. А, и тие малку блок-дотации што ги добива мора усмерено да ги троши. Не може да располага со нив, да флуктуираат“, велат од ЗЕЛС.
Заложбата на ЗЕЛС, потенцира Перишиќ, е да има што поголем број општини. Логиката е едноставна – колку си поблиску до твоите граѓани, толку повеќе услуги даваш.
Исто така, се залагаат и за промени во надлежностите.
„Ние бараме да има задолжителни надлежности и факултативни. Факултативните, ако може општината ќе ги спроведе, ако не, ќе каже немам капацитет, немам луѓе, немам извор на финансиски средства… Уште во 2019 беше зацртано дека треба да се направи таква распределба на надлежностите, но ништо“, вели Перишиќ.
Катерина Михајлова
Со овој текст, порталот Пари се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.