ПОВЕЌЕ

    Грчкиот Масутис ја стави Србија на мапата, Македонија меѓу можните пазари

    Време зa читање: 4 минути

    Од соседна Грција до регионална трговска експанзија – еден од најголемите грчки синџири супермаркети испраќа сигнал дека домашниот пазар можеби веќе не му е доволен. Масутис, кој годинава одбележува 50 години постоење, го регистрирал доменот masoutis.rs за српскиот пазар, а во извештаите за неговите можни планови се споменува и Македонија. За ова првично објави специјализираниот портал Retail Serbia, кој наведува дека меѓу потенцијалните пазари за идно ширење се Србија, Унгарија и Македонија.

    Засега нема официјална потврда дека Масутис ќе отвора маркети на овие простори. Но, потегот со српскиот домен доаѓа во момент кога грчката компанија направи голем скок во домашниот малопродажен сектор. И српскиот Блумберг Адрија објави дека регистрацијата на доменот за Србија е конкретен сигнал за интересот на компанијата кон регионалниот пазар, но дека од Масутис сè уште нема потврда оти подготвува влез во Србија.

    По преземањето на Критикос, Масутис прерасна во гигант со комбиниран годишен промет од над 2,2 милијарди евра, а мрежата на двете компании надминува 1.400 продажни места, со околу 16.000 вработени. За очекуваниот раст на прометот по преземањето на Критикос пишуваше и грчкиот економски весник Нафтемпорики, кој објави дека прометот на Масутис во 2025 година достигнал околу 1,203 милијарди евра, а со бизнисот на Критикос вкупниот обем се очекува да надмине 2 милијарди евра.

    Приказната на Масутис започнува во 1976 година со првиот маркет во Солун. Компанијата се развивала од северна Грција и постепено го освојувала и остатокот од земјата. Во 2023 година за првпат го надминала прагот од една милијарда евра годишен промет, со 1,076 милијарди евра, додека во 2025 година самата компанија достигнала околу 1,203 милијарди евра приходи. Овие податоци ги објави Нафтемпорики, повикувајќи се на раководството на компанијата.

    Вториот голем чекор е направен годинава со преземањето на Критикос. Грчката Комисија за заштита на конкуренцијата во мај го одобрила преземањето на целосната контрола, но под услов Масутис да отуѓи шест продавници – пет на Критикос и една на Масутис, поради ризикот од прекумерна концентрација на локалните пазари. Исто така, компанијата треба да ја прекине употребата на одредени трговски марки во 47 партнерски продавници. Ова е наведено во официјалното соопштение на Грчката комисија за заштита на конкуренцијата од 19 мај годинава.

    Инаку, само Критикос во 2025 година имал приходи од 836,35 милиони евра, за 8,2 насто повеќе од претходната година. Располага со 838 продажни места, девет дистрибутивни центри и околу 4.000 вработени.

    Србија е првиот конкретен сигнал. Доменот masoutis.rs е регистриран од 5 мај 2026 година до 5 мај 2027 година, а како регистрант е наведена Diamantis Masoutis SA, компанијата со седиште кај Солун. Овој податок го објави Блумберг Адрија, повикувајќи се на податоците од регистарот на домени. Засега од Масутис нема потврда дека регистрацијата значи и отворање продавници.

    Сепак, компанијата веќе има искуство со ширење преку преземања, односно токму со аквизициите го зголемува својот пазарен удел. Годинава, покрај Критикос, Грчката комисија за заштита на конкуренцијата го одобрила и преземањето на Kontzoglou Distribution Network од страна на Масутис.

    Според Retail Serbia, освен Србија, како потенцијални пазари се споменуваат Унгарија и Македонија. Масутис е компанија од Солун, а значаен дел од нејзината инфраструктура и традиционалниот бизнис се концентрирани во северна Грција, непосредно до македонската граница.

    Како една од најголемите предности на Масутис, медиумите ја посочуваат логистиката. Компанијата има голем центар за складирање и дистрибуција во Кавалари, кај Солун, со современа логистичка инфраструктура. Според Mantis Group, центарот бил отворен во ноември 2011 година и во тоа време бил опишан како еден од најголемите и најсовремени дистрибутивни центри во Европа, со површина од околу 600.000 квадратни стапки и напредна автоматизирана технологија.

    Масутис има и сопствена трговска марка Mr.Grand, со која нуди широк асортиман производи.

    (Фото: Greece.com)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично