„Некои општини собираат данок на имот блиску до 100 %, а други едвај 0,2 %. Причината? Нема редовна репроценка на даночните вредности. Ако се направи соодветна ревизија, приходите од овој данок може да се зголемат двојно. Но, зошто тоа не се прави? Дали се работи за незаинтересираност или за политичка калкулација?“ Одговорите се во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, каде гостува претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
„Имаме ние друг проблем во однос на даноците, го споменав тоа, мислам дека во првиот дел од денешно гостување, кај вас во емисија, а тоа е нередовното правење на репроценка на данок на имот. Имате состојби во Скопје и во многу други општини, каде што при репроценка евентуална на данок на имот, ние ќе дојдеме до состојба да дупло се собира од сумата која што се собира моментално за данок на имот. И таква состојба имаше во Кавадарци, кај колегата Јанчев, во првата година, мислам дека од неговиот мандат, каде што близу два милиона евра плус собира општината по однос на даноците на имот, откако беше направена репроценка на данокот. Она што го разговаравме со претседателот на Владата, но и со директорот на Катастар во Македонија Живковски, но и со директорката на Управата за јавни приходи да направиме нов систем на којшто бесплатно општините ќе ги добиват податоците и од Управата за јавни приходи, ќе се вкрстуваат практично, но и од Катастарот во Република Македонија, без притоа општината да плаќа за сето тоа, како што е во моментов, состојбата која што ја имаме и поради тоа не се одлучуваат општините да направат репроценка односно да ги добиваат податоците.“
Инаку, поткастот премиерно се емитува во четврток во 12.00 часот, а потоа може да се погледне на Јутјуб каналот на www.pari.com.mk или @parimedium. Секако, оваа содржина е бесплатна, но нас добро би ни дошло ако притиснете „subscribe“ и поченте да не следите.