ПОВЕЌЕ

    Германскиот гигант оди на најболниот ремонт во својата историја – „Фолксваген“ ќе се намалува за да преживее

    Време зa читање: 6 минути

    Понекогаш берзата најдобро го покажува парадоксот на големиот бизнис. Додека десетици илјади вработени во „Фолксваген“ се прашуваат дали нивното работно место ќе постои за неколку години, инвеститорите го поздравија планот за драстично намалување на трошоците со силен раст на акциите. Причината е едноставна: пазарот веќе не го прашува германскиот автомобилски гигант колку може да порасне, туку дали е способен доволно брзо да се промени.

    Најголемиот европски производител на автомобили влегува во најдлабокото реструктуирање во својата 89-годишна историја. Новиот „Future Plan 2030“, едногласно одобрен од Надзорниот одбор, предвидува дополнително приспособување на работната сила за околу 50.000 позиции во групацијата, вклучително и менаџерски места. Заедно со веќе започнатите програми за намалување на бројот на вработени, тоа го носи потенцијалниот вкупен рез кон 100.000 работни места.

    Но, приказната е многу поголема од бројот на отпуштања. „Фолксваген“ практично признава дека организацијата, производната мрежа и палетата што со децении беа создадени за постојан раст денес се преголеми за пазарот со кој се соочува компанијата.

    Според официјалниот план, групацијата ќе се ориентира кон годишна продажба од околу девет милиони возила, ќе го намали бројот на модели за околу 50 проценти до 2035 година, а сложеноста на понудата – различните верзии, опции и комбинации – за околу 75 проценти. Целта е помал број модели да се произведуваат во поголеми серии, со пониски трошоци и подобра економија на обем. Истовремено, инвестициите и трошоците за истражување и развој за периодот 2027–2031 се планирани на околу 135 милијарди евра.

    Зад тие бројки стои уште поамбициозна цел. „Фолксваген“ сака до 2030 година да достигне оперативна маржа од 9 проценти и оперативен резултат од околу 31 милијарда евра. Колку е голем јазот до таа цел покажуваат последните резултати: во првата половина од 2026 година групацијата оствари 158,1 милијарда евра приходи и 5,9 милијарди евра оперативна добивка, која е за 11,6 проценти пониска од лани. Оперативната маржа изнесува само 3,8 проценти.

    Со други зборови, „Фолксваген“ сака за нешто повеќе од три години повеќе од двојно да ја подобри профитабилноста.

    Притисокот доаѓа од сите страни. Во Кина, некогаш еден од главните извори на заработка за германската групација, домашните производители сè поагресивно ја преземаат иницијативата. Само во првата половина од годинава испораките на „Фолксваген груп“ во Кина паднале за 25,9 проценти. Кај целосно електричните автомобили падот е уште подраматичен – речиси 48 проценти. Во исто време, компании како BYD и Geely повеќе не се само кинеска закана. Тие ја шират продажбата и производството директно во Европа, каде што германските производители со децении играа на домашен терен.

    Америка носи друг проблем – царините. Европа, пак, не расте доволно брзо за да го апсорбира огромниот производен капацитет изграден во подобри времиња. Самиот „Фолксваген“ сега признава дека неговите европски фабрики имаат капацитет што ја надминува побарувачката за повеќе од 500.000 возила годишно.

    Токму тука почнува најчувствителниот дел од планот.

    За фабриките во Емден, Цвикау, Хановер и Некарзулм засега нема обезбедена долгорочна распределба на производство во периодот од 2031 до 2034 година. Тоа не значи дека веќе е донесена одлука тие да бидат затворени. Напротив, официјално се разгледуваат алтернативни сценарија за нивна употреба. Меѓу опциите за кои претходно се разговарало се пренамена, производство за други компании, нови индустриски активности или промена на сопственоста. До крајот на јуни 2027 година групацијата треба да подготви концепт за идната производна структура во Европа.

    Затоа договорот постигнат во Волфсбург е повеќе примирје отколку конечна победа. Менаџментот предводен од Оливер Блум доби поддршка за радикално реструктуирање, но конкретните намалувања на работните места сè уште мора да се договараат со моќните германски синдикати и претставниците на вработените. Само неколку дена пред компромисот, IG Metall најавуваше силна борба против масовните кратења. Во игра е и покраината Долна Саксонија, еден од клучните акционери на компанијата и политички фактор што не може да го игнорира судбинскиот ефект што затворањето фабрики би го имало врз цели региони.

    Колку била сериозна ситуацијата покажува и фактот што менаџментот разгледувал свикување вонредно акционерско собрание доколку не добие поддршка за реформите – чекор што можел да предизвика отворена институционална пресметка меѓу управата, синдикатите и влијателните акционери. Компромисот го избегна тој судир и пазарот реагираше со олеснување. Акциите на „Фолксваген“ скокнаа и достигнаа највисоко ниво во последните 11 недели.

    Сепак, проблемот не е само „Фолксваген“. Најновите податоци објавени во Германија покажуваат колку е кревка состојбата во автомобилската индустрија. Производството во германскиот автомобилски сектор во јули паднало за 9,2 проценти во однос на јуни, по сезонско и календарско приспособување. Вкупното индустриско производство во земјата се намалило за 1,1 процент. За економија во која автомобилската индустрија со децении е еден од најважните извозни и индустриски столбови, тоа е предупредување што оди многу подалеку од една компанија.

    И покрај кризата, „Фолксваген“ не е компанија без адути. Во првата половина од годинава групацијата испорача 4,13 милиони возила во светот. Во Европа продажбата расте, а групацијата останува лидер на европскиот пазар на целосно електрични автомобили. Нарачките за електрични возила во Европа се повеќе од 50 проценти повисоки во споредба со крајот на 2025 година. Токму тој контраст ја прави ситуацијата необична: компанијата истовремено има производи што добро се продаваат во Европа и структура што е прескапа за новата глобална реалност.

    На крајот на 2025 година групацијата имаше речиси 663.000 вработени ширум светот, од кои околу 284.000 во Германија. До крајот на јуни годинава бројот веќе беше намален на околу 652.000. Затоа планот за потенцијално вкупно намалување од околу 100.000 позиции не е козметичка интервенција. Станува збор за промена што може суштински да го смени изгледот на еден од најголемите приватни работодавци во Европа.

    „Фолксваген“ на тој начин си купи нешто што во моментов му е исклучително важно – време и привремен мир меѓу менаџментот, работниците и акционерите. Но, вистинската пресметка допрва почнува. Треба да се одлучи кои работни места ќе исчезнат, што ќе се случи со четирите германски фабрики, кои модели ќе преживеат и како компанијата што со децении ја симболизираше германската индустриска моќ ќе се натпреварува со побрзите и поевтини азиски ривали.

    Инвеститорите засега го наградија договорот. За илјадници вработени, сепак, бројката што ќе биде многу поважна од цената на акцијата е онаа што сè уште не е позната – колку од најавените 100.000 работни места навистина ќе исчезнат и каде ќе падне најголемиот товар на најголемото преструктуирање во историјата на „Фолксваген“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично