ПОВЕЌЕ

    НЕВЕРОЈАТНО: Македонски фирми со НУЛА вработени свртеле 150 милиони евра

    Време зa читање: 5 минути

    Ги има околу 2000 во Македонија. Овие македонски фирми во 2020 година акумулирале вкупен приход од неверојатни 150 милиони евра. Заедничко на сите нив им се неколку работи – сите тие имаат верувале или не „0” вработени , второ и без вработени дел од овие компании одлично заработуваат и трето изгледа имаат суперспособни газди. Според информациите на Pari.com.mk и БизнисМрежа.мк ги има од повеќе сектори-трговија со струја, информатички компании, нафтен бизнис, градежништво, трговија и услуги.

    Заради создавањето поволни услови за отворање на бизниси (добра бизнис клима), Македонија овозможува отворање на фирми без да поседуваат деловен простор, односно без да имаат докази за користење на деловен простор под закуп и без да имаат вработени лица. Логиката е да им се овозможи да застанат на нозе, па потоа да започнат да вработуваат. Компаниите се основаат согласно со Законот за трговските друштва, а вработувањето се врши со почитување на одредбите на Законот за работните односи. Овие два закони имплицитно не наложуваат компаниите да имаат вработени лица, но… Посебни одделни прописи ја налагаат обврската за вработување. Овој момент подолу во текстот го објаснува Павле Гацов, експерт за даноци и еден од сопствениците на Агенцијата за економско-правна поддршка и процена, ПРО АГЕНС.

    Сега, кои се најмоќните десет фирми во Македонија без ниту еден вработен!? 

    Лидер по приходи во оваа категорија е компанија која се занимава со трговија на електрична енергија. Станува збор за Алпик Енергија – лани свртела приход од импресивни 22,6 милиони евра, со не толку богата добивка од само 4.000 евра.

    Втората компанија од листата е Тритерол Петрол-дејност и е трговија на големо со цврсти и течни горива и товарен патен транспорт. Финализирала со приход од 7,3 милиони евра и добивка од 83 илјади евра. Сопственикот се појавува како сопственик и управител на уште четири фирми со адреса во Неготино. Фасцинантно иако нема вработени, за 12 месеци Тритерол Петрол склучил 118 договори најмногу за набавка на мазут за основни училишта.

    Крејон Македонија од ИТ секторот е на трето место. Минатата година успеала да ја изменаџира со приход од 4,7 милиони евра и профит од околу 72 илјади евра.

    Компанија која се занимава со неспецијализирана трговија на големо е четвртата најмоќна по остварени приходи. Хиферк ЛТД во 2020 реализирала приход од 4,5 милиони евра, а на сметка забележала минимална загуба од 22,5 евра.

    Последната од петте најпопуларни компании кои функционираат со „0” вработени е неготинската компанија за градежништво, трговија и услуги Инвест груп 2016. Продуцирала приход од 4 милиони евра, а добивка од 463 илјади евра. Компанијата на УЈП и должи еден милион евра.

    Од останатите до десет за одбележување е добивката на фирмата АИМ Проперту која по големина на приход е на осмо место, но по добивка е прва. Завршила со приход од 2,5 милиони евра, а заработила 1,6 милиони евра. Фирмата работи специјализирани градежни работи и архитектонски дејности. Да не заборавиме сите овие фирми немаат ниту еден вработен, а АИМ Проперту остварила и милионски профит.

    НАЈГОЛЕМИТЕ 10 ФИРМИ БЕЗ ВРАБОТЕНИ СО ВКУПЕН ПРИХОД ОД 57 МИЛ./ЕВРА

    КомпанијаПриход 2020Добивка/Загуба 2020
    Алпик Енергија22,617,4493,998
    Тритерол Петрол 7,332,72183,174
    Крејон Македонија4,767,49871,748
    Хиферк ЛТД    4,591,283-22,5
    Инвест Груп 20164,004,571463,145
    Стриварис ЛТД3,726,383-85
    Соларис Трејд3,101,448-18,579
    АИМ Проперту   2,509,4081,641,459
    ТИПО (Во стечај) 2,112,480-86,843
    КЕПТА Македонија 2,035,54030,159

    Износите се изразени во евра | Извор: БизнисМрежа.мк

    Експертот за даноци, Гацов преку неколку примери појаснува што предвидуваат прописите во делот на вработените. Како што вели тој, на пример, според членот 25 од Законот за трговијата, работното време на продавниците, магацините, складовите, деловните простори и бензинските станици го утврдува трговецот зависно од бројот на вработените. Ова би значело ако трговецот има еден вработен може да работи само една смена, дека не би требало да работи за време на користење на годишен одмор и сл. Втор пример, членот 68 од Законот за лековите и медицинските средства утврдува колку вработени треба да има правно лице кое произведува лекови. Трет пример, сметководствено друштво мора да има најмалку двајца вработени, од кои едниот да биде овластен сметководител… Ако е од трговијата на мало, со работно време од 8 до 22 .. МОРА да има најмалку ДВАЈЦА вработени.Со лиценца за вршење на енергетска контрола може да се стекне трговец поединец или правно лице кое има вработено најмалку двајца овластени енергетски контролори.

    -Вакви примери има многу. Напоменуваме дека фирмите може да ангажираат лица со договор на дело, НО само за работи за кои тие не се регистрирани. На пример, сметководствена фирма не може да ангажира лице со договор на дело за вршење на сметководствени работи. Компаниите кои немаат вработени лица не може да прават трошоци кои инаку се поврзани со вработени лица. Исто така, евентуално направените трошоци кои им припаѓаат на вработени лица се оданочуваат со данок на личен доход и се анулираат во даночниот биланс (се додаваат во основата за оданочување со данок на добивка), потоа евенуално пресметаната амортизација на набавените основни средства е оданочива, итн. Овие компании иако немаат вработени лица, стануваат обврзници за ДДВ, ако го надминат прагот за регистрација, објаснува Гацов.

    Изработил: Редакција Пари

    Извор: БизнисМрежа.мк

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично